PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Игор Џартовски: Шест дена офлајн во Северна Кореја

popup by popup
декември 25, 2018
in Universes
0

cof

411
СПОДЕЛУВАЊА
2.4k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Игор Џартовски – Џарто ми е другар чии патувачки дестинации и фотографии ме воодушевуваат и изненадуваат секогаш одново и одново кога ќе осамнат на Инстаграм. На шега знам да му кажам дека сакам да ме посвои за да ме шета со него. Проверив, Виетнам, Јапонија, Филипини, Малезија, Мозамбик, Бразил, Индија, Мексико, Кина, Куба, Перу, Чиле, Аргентина, Бурма, Јужна Африка, Никарагва, Хондурас, Гватемала, Панама, Лаос се само дел од егзотиките што ги прошетал.

Неколку години го молам јавно да го сподели искуството од Burning Man, фестивал на кој бил два пати, но ме одбивал, не сакајќи да се експонира во јавност. Но, посетата на Северна Кореја, каде што беше во септември годинава, е толку несекојдневна, ретка и специфична, што овој пат не му успеа да ме разубеди. Со оглед на тоа што за Северна Кореја знаеме многу малку и има строго контролирани информации, ме интересираа обични работи.

Зошто во Северна Кореја? Со какви знаења и очекувања отиде и колку од нив ти се потврдија или тоа што го виде не може ни да се претпостави додека не се доживее?

Отсекогаш ме интересирале невообичаени дестинации, а годинава се одбележуваат 70 години од Демократска Народна Република Кореја, па тоа беше и најголемиот повод да се биде таму, посебно што на годишнината се одржуваа „Масовните игри – Mass Games“, настан што во живо го имаат видено екстремно мал број луѓе. Инаку официјалните податоци кажуваат дека само околу 20 000 странски посетители влегуваат во Северна Кореја на годишно ниво, што е една многу мала бројка. Јас бев пет дена во Пјонјанг и еден ден во Пјонгсонг.

Имав многу информации пред патувањето, посебно што таму ништо не е оставено на случај, но, се разбира, доживувањето беше сосема различно од сите документарци и слики кои ги имав гледано за Северна Кореја. Многу работи не сум ни сонувал дека ќе ги доживеам и ќе ги видам.

Како беа организирани туристичките разгледувања, сами одбирате што ќе видите и каде ќе прошетате или сѐ е однапред испланирано со посебни правила кои мора да се почитуваат? Кои беа другите „колеги“ туристи?

Само неколку агенции во светот се авторизирани за организирање тури за Северна Кореја, исклучиво во соработка со нивната државна туристичка агенција. Сѐ е испланирано до детали, дури и каква гардероба треба да носат туристите во одредени пригоди. Секоја знаменитост ја посетувавме во точно определено време, на моменти мислевме дека сме дел од некаква наместена претстава. Никогаш не дознавме дали некој нешто глуми за нас, или навистина луѓето живеат така. Инаку бев дел од мала група авантуристи со богато патувачко искуство.

По фотографиите што ги сподели на социјалните мрежи нема движење по улиците, празни се. Нема ни сообраќај ни луѓе. Како функционираат, има ли некогаш гужва, каде се среќаваат?

И покрај тоа што Пјонгјанг е огромен град, обичните луѓе немаат автомобили. Постои јавен превоз, кој покрај велосипеди е единствен начин на движење, но и нам ни остана енигма каде се луѓето? Добивме информација дека сите работат шест дена во неделата, така што веројатно сите беа на работа кога ние се движевме низ градот. Инаку чувството беше крајно надреално гледајќи ги огромните булевари со по неколку коли низ нив. Работа што ми падна во очи е беспрекорната хигиена и чистотата на градот кој буквално личи на некаков спој од макета и лего-коцки.


Колку и какви се контактите на туристите со граѓаните?  

Ние како туристи немавме никаков контакт со граѓаните. Престојувавме во единствениот хотел за странци „Yanggakdo Hotel“, кој се наоѓа на остров на река, кој популарно го викаат Алкатраз. Единствениот личен контакт ни беше со локалните водичи кои беа тројца за група од петнаесет луѓе, а локалците можевме да ги видиме само во движење низ улиците, метрото и неколку институции кои ги посетивме. Се разбира никој од нив не ни прозборе ниту иницира некаква комуникација со нас.

Не бевте во некое кафуле, ресторан? Ноќен живот?

Постојат неколку ресторани за странци каде што нѐ носеа, но во нив немаше локалци. Ноќен живот не постои со оглед на тоа што веќе во 10 навечер не може да се слушне никаков звук по улиците. Пјонгјанг со отворен прозорец од мојот хотел навечер ми звучеше како село. Исто така мислам дека локалците не знаат што е тоа кафуле. 🙂

Единствената дружба ви беше со туристичките водичи?

Водичите се професионалци чија работа, покрај информациите кои ни ги даваа, е да нѐ заштитат од некоја потенцијална глупост која некој би ја направил, а за која може и самите да имаат проблеми. Беа пријателски расположени, насмеани и опуштени, но се однесуваа со нас многу резервирано, во однос на нивните прашања, за тоа што се случува надвор или како живееме ние. Како да не беа заинтересирани за тоа. Инаку со задоволство ни одговараа на сите прашања кои им ги поставувавме, дури и за нивниот приватен живот.

Твој најголем шок?

Мојот прв релативно очекуван шок беше гледањето на Масовните игри на најголемиот стадион на светот Rungrado, каде што во 90 минути продефилираа околу 100 000 учесници, со најголемиот дисплеј на светот составен од 20 000 студенти, синхронизирани до најситен детаљ.

Најголемиот шок го доживеав во локалното основно училиште каде што имавме организирана посета и каде што децата се однесуваа како роботи. Дополнителен шок ми беа пропагандните постери по ходниците на училиштето кои беа тотално неподобни за возраста на децата.

Третото шокантно искуство беше посетата на ДМЗ – Демилитаризирана зона, границата помеѓу Северна  и Јужна Кореја, некогаш најтензичното место на светот. Граничната линија беше на неколку метри од нас, во нас гледаа наоружени војници, додека од јужната страна немаше никој, за да не дојде некаква провокација.

Северна Кореја е најизолираната земја, земја каде што нема ни интернет. Ти недостасуваше ли? Се чувствува ли отсуството на интернетот кај луѓето таму? Застанато ли е времето?

Чувството да се биде офлајн цели шест дена е прекрасно. 🙂 На враќање во Кина, со првото логирање мислев дека светот пропаднал, но во реалност, ништо не се случило. Инаку што се однесува на локалците, интересен е фактот што тие имаат и користат мобилни телефони со нивни апликации и нивен интернет, кој се разбира не е приклучен со остатокот на светот. Многупати помислував дека во суштина луѓето на некој начин и се среќни во таа нивна изолираност.

Дали треба да исполнуваш некакви услови, да си подобен,  за да ја посетиш Северна Кореја?

Би се изненадиле кога би ви кажал дека кој било од која било држава може да ја посети Северна Кореја, освен Јужнокорејците и Американците. Не постои виза, туку туристичка карта, а подобен е секој кој ќе се однесува според нивните правила, а ги има многу. На пример, не смееш да поседуваш никакви религиски материјали, ниту пак некакви пропагандни. Не смееш да сликаш без прашање, не смееш да сликаш војска. Ако сликаш каков било споменик, не смее да биде скратен на сликите, туку мора да биде во целата своја димензија, не детали. Сликите на лидерите треба да се целосни, никакви селфиња или гестикулации пред нив. Нема шетање ниту излегување од хотел на своја рака. Водичите беа во секое време со нас, сѐ додека и последниот од групата не се качеше во хотелската соба. Ако купиш дневен весник (кој го има на англиски) и ако на насловната е Ким Јонг Ун, весникот не смее да биде превиткан на местото каде што е сликата. Тоа може да биде проблем.

Дали ти е шубе сега отпосле да раскажуваш? Имаше ли инструкции што треба да споделиш, што не? Дали го осети стравот (ако го има) кај луѓето таму?

Севернокорејците се трудат да си ја покажат својата земја во најдобро издание, кое во многу моменти изгледаше дури и бизарно, но тие луѓе навистина не знаат што се случува со остатокот на светот, така што, сѐ што видовме е апсолутно  за раскажување и споделување. По првичната блага нервоза која ја имав пред слетувањето во Северна Кореја, целиот престој беше апсолутно релаксиран, забавен и секако полн со анегдоти. Во однос на стравот кој ние мислиме дека луѓето го имаат, мислам дека такво нешто не постои кај нив бидејќи се изложени под такво влијание од нивното раѓање, па тие едноставно не знаат за ништо друго освен системот во кој живеат и се потполно и слепо подредени на него, верувајќи дека е најдобриот на свет. Сѐ уште сум во дилема дали им е поубаво ним што не виделе подобро или нам кои сме виделе премногу, а пак живееме во едно многу нехумано општество полно со проблеми.

Ќе споделиш ли некоја анегдота?

Во хотелот имаше стар компјутер, кој наводно бил поврзан со интернет. Наплаќаа цели 3 долари за праќање на еден е-mail. Си пратив еден на самиот себе од севернокорејска електронска адреса како своевиден дигитален сувенир. Се разбира никогаш не го добив во мојот инбокс.

Потсетува ли на времето од социјализмот кое ние го живеевме во бивша ЈУ?

Апсолутно, да. Целата атмосфера потсетува на спој од Југославија, СССР и Бугарија во времето на тврдиот социјализам од 70-тите години во комбинација со неверојатното идолопоклонство кое го имаат спрема своите лидери.

Го знаеш она прашање на секое враќање од странство, што си купи? 🙂 Всушност ме интересира дали има шопинг во Северна Кореја?

Продавниците се како во социјализмот. Нѐ однесоа само во една и таму беше забрането да се слика.

И тоа беше дел од туристичко разгледување?

Да.

Светски патник си, која ти е следна дестинација? На кое место би го сместил ова искуство во твоите топ дестинации и кои се тие?

Дискутабилна е дефиницијата за светски патник. Во мојата туристичка група испадна дека сум со релативно мал број на пропатувани држави во светот (тука имаше постари луѓе со пропатувани 100+ држави). Следната дестинација може да биде која било од 195-те земји во светот, најверојатно некои од латиноамериканските држави. Севернокорејското искуство е сигурно во првите три искуства кои сум ги имал по светот, затоа што едноставно не постои веќе ниту една држава ни приближно иста како Северна Кореја по која било основа.

Ако сакаш, бидејќи те начекав,  неколку реченици за „Burning Man“ или да оставиме за некој следен разговор?

„Burning Man“ е посебна приказна. Не би ја мешал со Северна Кореја, но колку и да звучи чудно, имаат некои заеднички елементи на утописко општество.

 

Илинка Делчева

Previous Post

Божиќ во Брисел

Next Post

Билјана Јуруковски: Македонска фотографка меѓу домородните племиња

Next Post

Билјана Јуруковски: Македонска фотографка меѓу домородните племиња

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum