Божиќните маркети имаат долга традиција во Западна Европа. Според историските податоци, првиот божиќен маркет е забележан во Германија во доцниот Среден век за набрзо потоа да се рашири и во другите европски земји. Четири недели се празнувало раѓањето на Исус Христос. Храна, музика, театар и други улични преформанси биле дел од божиќните случувања. Денес, божиќната програма е уште побогата. Многумина сметаат дека ова е најубавиот период од годината да се посетат европските метрополи. Брисел, како и другите градови, има фантастична понуда за овој период. Само една мала прошетка во центарот на градот ќе биде сосема доволна да влезете во амбиент сличен на бајка.
The Winter Wonders во Брисел е многу повеќе од само најголем божиќен маркет во Белгија. Тој вклучува околу 250 штандови, малечки дрвени куќички, од каде што може да се купат храна и разновидни сувенири. Маркетот го опфаќа централниот градски плоштад „Гранд Плац“, потоа просторот пред историскиот објект „Beurs“, како и малиот, но шармантен плоштад познат како „Сант Катрин“.
За разлика од останатиот дел од градот, центарот на Брисел го има сочувано средновековниот план, а тоа, пак, значи тесни и мали улички со мали куќи од почетокот на изминатиот век. Атмосферата е навистина како враќање во Средниот век. Белгиско пиво се служи речиси од секој штанд за храна, а секако и прочуеното белгиско топло чоколадо и вафли. Главната точка е сепак Гранд Плац, каде што се наоѓа неколку метри високата елка. Интересно е што за овој период од годината плоштадот има посебно осветлување придружено со хорска музика.
Дел од божиќните настани е и т.н. Vintage Market, кој исто така се наоѓа во центарот на градот во историски објект. Тука може да најдете речиси сè, облека во стилот на 70-тите, 80-тите, 90-тите години, рачно изработен накит, стари радија, грамофонски плочи и многу други интересни работи. Откако ќе купите некое парче облека, може да седнете на чај од свежо нане во прекрасниот бар што е дел од маркетот.
И секако за крај, не заборавајте да го посетите Mont des Arts или Ридот на уметноста, од каде што ќе ја видите најубавата панорама на градот.
Кате Антевска