Со фотографиите на Билјана Јуруковски се запознав сосема случајно, читајќи една статија (фотографски editors’ picks) на „Тhe Guardian“. Пред мене се појави фасцинантна фотографија на африканска девојка, потпишана од фотографка со македонско име и презиме. Нормално, веднаш ја изгуглав, ја побарав на социјалните мрежи, дознав дека живее во Австралија и неколку денови се договаравме да направиме статија за PopUp. Јас од Скопје пишував навечер, таа од Сиднеј ми враќаше наутро. Потекнува од Прилеп и за себе вели дека е самоук фотограф и многу љубопитна личност, дека посветено читала и самостојно учела за фотографијата и фотографирањето. Обожава да фотографира луѓе и нивниот начин на живот, но само во области и земји што останале недопрени од модерниот свет. Патувала во повеќе од 30 земји, меѓу кои: Индија, Етиопија, Монголија, Непал, Ангола, Куба, Мексико, Кина, Виетнам, Јапонија, Тајланд и други.
Токму љубовта и страста кон фотографијата се пресудни да дојде до сето она што го има постигнато досега. Нејзината фотографија „Ловец на орли“ беше избрана за Фотографија на денот од „National Geographic“, a oсвен тоа таа е победничка и на годишните „Heritage bank photography awards“ за 2017 година, победничка на Independent Photographer за 2018 во категоријата „Луѓе“, нејзини фотографии се дел од уредничкиот избор на фотографии на престижниот „Guardian“ за натпреварот „Портрети на човештвото“, била Gold Artist со насловна и осум страници во познатиот магазин за уметност и литература „Art Ascent“ итн. Влезе и во најтесниот избор за најдобар австралиски фотограф за 2018 година во категориите Патувања и Луѓе. Листата е навистина долга, па затоа одлучивме да не правиме класично интервју, туку таа самата да нè води низ приказната за нејзината уметност.
Фотографијата е медиум за комуникација меѓу луѓето
Иако работам како извршен менаџер во The Aged Care Industry Association, мојата вистинска животна пасија е фотографијата со која започнав да се занимавам пред неколку години. Мојата цел е преку фотографијата да креирам дискусии за различните култури, нивниот начин на живот и прифаќањето на животните предизвици.
Фотографијата ја гледам како медиум за комуникација меѓу луѓето. Имам патувано во повеќе од 30 земји на пет континенти, низ некои од најоддалечените области и во потфатот да ги фотографирам животите на луѓето од племенските заедници се соочив со најразлични ситуации.
Фотографијата „Тhe Eagle Hunter“ заврши на „National Geographic“
Избрана за Фотографија на денот од „National Geographic“ | Објавена во многубројни списанија, меѓу кои и „Sydney Morning Herald“ и „Art Ascent – international journal of art“ | Добитник на фотографската награда Heritage Bank
Ја направив за време на фотографската експедиција во регионот Бајан Олги на Алтајските Планини во Западна Монголија. Бев таму со цел да фотографирам на Фестивалот на златниот орел, што се одржува секој октомври. Патувањето беше вистински предизвик бидејќи станува збор за многу оддалечен терен без патишта и место каде што храната секогаш е проблем. Патувавме со руски фургон – единственото возило со кое може да се оди на ваков терен. Бевме петмина фотографи и престојувавме во монголските шатори – гер, заедно со ловецот на орли и неговото семејство. Тие се гостопримливи номади. Ни овозможија да бидеме дел од нивниот живот и да ги набљудуваме нивните секојдневни активности. Салиукан е казашки ловец на орли и е еден од 250-те ловци на орли во тој регион што ја практикува древната вештина на лов со неговиот златен орел. Имено, тие ловат разни животни по планините заради крзното, кое е составен дел од традиционалната казашка облека. Вештината на дресирање златни орли се пренесува од колено на колено. Како што ми раскажа тој, ги земаат женките од нивните гнезда кога се многу млади. Откако орелот ќе порасне, старешините се собираат, му даваат име и прават обреди. Салиукан го имаше орелот од фотографијата веќе шест години, и кога ќе наполни десет, тој ќе го пушти на слобода назад во дивината. При ослободувањето, ловците им даваат цела овца на орлите и прават обреди за збогување со нив.
Фотографијата „Tribal Allure“ претставена во „Тhe Guardian“
Влезе во уредничкиот избор на „Guardian“ и почнувајќи од 28 декември, ќе биде искористена за промоција на прес-кампањата на „British Journal of photography“ | Дел од портфолиото „Tribal Muses“ (Племенски музи): Фотографии од ова портфолио веќе се влезени во најтесен избор во категоријата Патувања и луѓе, за наградата „Австралиски фотограф на 2018 година“, чии конечни резултати ќе бидат објавени во февруари идната година.
Девојката од фотографијата му припаѓа на племето Сури или Сурма, едно од најоддалечените и најизолирани племиња во Етиопија на границата со Јужен Судан во областа Кибиш. Она што го прави племето Сури посебно е нивната имагинација и уметничките вештини кога станува збор за разубавувањето на нивен начин. Тие ги користат своите тела како платна на кои сликаат уникатни цртежи со пигменти направени од правот на вулканските карпи и се yкрасуваат со материјали од својата околина: цвеќиња, ливчиња, треви, школки и рогови од животни. Нивната уметност е бескрајно инвентивна, магична и природна. Само неколку фотографи досега биле во оваа област, поради нејзината оддалеченост, лошите патишта и племенските војни. Во оваа област мора да имате полициска придружба сè до пристигнувањето во Кибиш и за време на вашиот престој мора да бидете во присуство на вооружени безбедносни сили. Секако мора да имате дозвола и од главатарот на племето за да останете и да фотографирате. Целта на ова патување и на самото портфолио е да се прикажат убавината и уметничките вештини на племенските луѓе, нивната имагинација во отсуство на какви било материјални предмети и самата традиција. Ги фотографирав на црна заднина за да може целиот фокус на набљудувачот да се стави на личноста. Ако ви ја покажев заднината, вашето око ќе скиташе наоколу и ќе ја забележеше сета сиромаштија. Но јас не го сакав тоа. Сиромаштијата во Африка е многу добро документирана, а мојата цел не беше да ја прикажувам таа страна од приказната.
Само едно каснување од комарец може да ве чини живот
Опасноста во Африка има потполно различно значење од опасноста во другите земји. Само едно каснување од комарец во Етиопија или во Ангола може да ве чини живот. Имаше ситуации кога на едно патување моравме пеш да преминеме преку река во Етиопија во потрага по племињата. Одеднаш заврна силен дожд додека бевме среде реката, така што водостојот се зголеми и не можевме да ја преминеме. Поминавме часови во барање на најплиткиот дел каде што ќе можеме да преминеме со возилото, но не успеавме. На крајот, преку реката нè пренесоа луѓе од племето. Во Ангола, на пример, не смееш да застраниш од патиштата бидејќи сè уште постојат нерасчистени мински полиња.
При посетата на племенски заедници, особено важни се подготовките пред одење. Многу е важно да знаете со кого одите, треба да имате искусни водичи, кои ќе ви подготват добри возила, шатори итн. Морате најпрво да ги истражите племињата и нивните обичаи. На пример, кај Мурсите, племе во Етиопија, не смеете да фотографирате пред да завршат преговорите. Ако започнете со фотографирање предвремено, ќе ве каменуваат (а исто така се вооружени и со калашникови).
Исто така, мора да се вакцинирате и да носите различни лекарства со вас. Има многу ситни нешта што мора да ги завршите пред да тргнете на ваков вид патување. Дури и алиштата што ги носите со вас мора да бидат третирани со посебен вид хемикалија – перметрин, со цел да ги одбијат комарците и мувите це-це.
Меги Стибер од „National Geographic“ пишуваше за фотографијата „Call of the Wild“
Пред неколку недели, фотографијата „Call of the Wild“ ја доби првата награда на натпреварот Independent Photographer, во чие жири е прочуената фотографка Меги Стибер (Maggie Steber) од „National Geographic“. Нејзиниот коментар беше:
„Не можев да ја извадам оваа фотографија од глава. Ќе ја погледнев, ќе ја тргнев, па ќе ѝ се навратев за да пронајдам уште нешто мистериозно, убаво и оригинално. Билјана ја применила идејата за авангарден пристап кон племенскиот свет на племето Сурма… Почувствував дека влегувам во духовниот свет на предците. Исто така, почувствував дека ја почитува и ја признава убавината на луѓето што се најблиску до Земјата, до својата традиција и свеста за себеси.“
Етиопија – жив човечки музеј на домородните култури
Во однос на посетата на племињата, треба да знаете дека иако се племенски луѓе, сепак се многу различни, со различни традиции, ритуали, па дури и бојата на кожата се разликува од племе до племе. На пример, Етиопија е жив човечки музеј, со најмалку осум различни племиња само во долината на долниот дел на Омо. Би ми биле потребни многу страници да објаснам за секое племе посебно и за нивниот начин на живот. Ако дадам општ коментар за сите племиња одеднаш, би ја навредила посебноста на нивните култури и традиции.
Можеби би можела накратко да го спомнам племето Мурси, едно од најопасните племиња. Мурси-мажите се воини и нивното богатство се смета според стоката што ја поседуваат, а нивниот статус според бројот на убиени непријатели и животни. Мурси-жените се веројатно едни од последните во Африка што носат големи глинени или дрвени дискови на долните усни. Уште додека се девојчиња од 15 или 16 години, нивните мајки им ги вадат забите на долната вилица и им ги засекуваат долните усни. Засекот се држи отворен со дрвен чеп додека не зарасне раната, што вообичаено трае околу три месеци. Некои дискови можат да имаат дијаметар од 12 сантиметри. Колку што е поголем, толку девојката е повредна и семејството може да добие поголем откуп за неа кога ќе се омажи. Мурсите се племе со богата традиција на скарификација, украсување и боење на телото.
Дестинација: Македонија
Во март 2019 се враќам во Етиопија каде што овој пат ќе водам експедиција со четворица други фотографи. Претходно ќе си дојдам дома во Македонија со една единствена цел – да фотографирам на Вевчанскиот карневал. Голем почитувач сум на традициите, културите, ритуалите, па во тој дух сакам да му го пренесам на светот она што е посебно од мојата земја. Во јуни планирам да ја фотографирам Галичката свадба, секако ако ја добијам специјалната пропусница за фотографирање 🙂