Вчера, по крајот на последниот натпревар на Милан оваа сезона, Златан Ибрахимовиќ објави крај на легендарната кариера и неочекувано заминување во пензија. Швеѓанецот со балкански корени ѝ кажа збогум на фудбалската игра пред 75 илјади гледачи кои заедно со култниот „Ибракадабра“ непрекинато голтаа кнедли и лееја солзи на исполнетиот Сан Сиро.
„Имам многу спомени и искусив премногу емоции тука (на Сан Сиро). Првиот пат кога пристигнав ми подаривте среќа, а кога се вратив тоа беше чиста љубов.
Дојде време да му кажам збогум на фудбалот, но не и на вас, навивачите. Тешко ми е, премногу чувства ме облеваат во моментов, ќе се видиме повторно, ако имате среќа. Форца Милан и збогум!“ – Ибрахимовиќ
Солзите и Ибрахимовиќ не одат рака под рака бидејќи самопрогласениот „Бог на фудбалот“ се прокламираше низ кариерата како брутален победник, но тој попушти на црвениот тепих пред соиграчите кои носејќи негови дресови му подготвија шпалир додека во позадина на Сан Сиро ечеше насловната песна од „Гладијатор“.
Златан постигна вкупно 511 погодок играјќи за девет различни клубови меѓу кои Милан, Париз Сен Жермен, Барселона, Манчестер Јунајтед и др. Исто така, тој е убедливо најдобриот играч од Скандинавскиот Полуостров кој беше инспирација за многу деца да започнат да тренираат фудбал, а воедно, 41 годишникот е најдобриот стрелец во историјата на репрезентацијата на Шведска. Иако, многумина не го обожаваа поради огромното его, небесната самодоверба и победничкиот карактер, Ибрахимовиќ ќе биде запишан со златни букви како еден од најдобрите голгетери во историјата на фудбалот и исклучително влијателен играч кој секогаш беше миленик на навивачите ако настапува за клубот што го поддржувате односно најомразен доколку е во улога на ваш ривал.
Филип Мишов