Нејзината музика е огледало во кое може да се огледаме сите ние што живееме на овие простори и го туркаме животот во денешницата. Уште од соло-албумот „Далечини“ (Daljine) и „Ќеси, етикети“ (Kese, etikete) ни беше јасно дека на балканската музичка сцена доаѓа оригинална музичарка, која умее да вгради буквално сè во својот звук и без стеги, без филтер да ни ја сервира сликата од која сите сме дел – од капитализам, консумеризам, ерата на социјалните мрежи, апатијата, отсуството на љубов, до надежта дека има светло на крајот од тунелот. Повод за овој разговор е најновиот албум „Љубов“ (Ljubav), во кој ја слушаме новата, силна Бојана, по една турбулентна правна битка со нејзината претходна издавачка куќа на која се надоврза и пандемијата.
Албумот „Љубoв“ е круна на досегашната Ваша работа. Препознатлив но нов звук, со јасни знаци за Вашата еволуција и авторска зрелост. Кога ќе фрлите поглед наназад, што е она што „Љубов“ Ви го донесе како новина и свеж почеток?
Ви благодарам за оваа прекрасна забелешка. Го делиме истото мислење дека албумот „Љубов“ е најзрелото нешто што сум го направила досега. Така и треба да биде. Уметниците секогаш, со секое свое ново дело треба да го надминуваат претходното и да си постават некое ново скалило кое, повторно, во некој иден период ќе треба да го прескокнат. Дури со овој албум стекнав некоја нова сигурност, првенствено во делот на пишувањето текстови. На тоа поле станав посигурна во себе, но и посмела на поетски начин да ги изразам сите чувства и искуства што ги доживувам во одреден момент. Исто така, покрај Иван Мирковиќ – Бамби, Миња Богавац и Маша Сеничиќ, на албумот „Љубов“ работев и со потполно нова екипа на чело со Лука Јовановиќ – Luxonee и Слободан Вељковиќ – Цоби. Тоа се луѓето со кои најмногу работев во последниве пет години, луѓе со кои значајно пораснав како авторка и изведувачка. Песните од албумот „Љубов“ се нашите први мачиња кои, сепак, не ги фрливме во вода. Сега едвај чекам да започнеме нешто ново.
Во Вашата музика, самотијата среде целото консумеристичко лудило е некако длабоко вткаена, сеприсутна и, би рекол, висцерална тема. Каков е Вашиот однос кон самувањето денеска и какво место зазема тоа во креативниот процес на создавање музика?
Самотијата, според мене, не е нужно лоша состојба. Во самотијата човек може да посегне по интроспекцијата, која ни е насушно потребна во времето во кое живееме. Сме заборавиле на интроспекцијата, на преиспитувањето и согледувањето на сопствената личност. Пречесто вперуваме прст во некој друг и го нарекуваме виновник. Мене самотијата ме научи најпрво да тргнам од себе, а потоа од другиот.
Песната „Дом“ ме инспирираше да Ве прашам – кој и што е влезната врата на Вашиот духовен дом? И што е centerpiece во него?
Мојот дом е моето семејство. Каде и да се наоѓаат, без разлика дали е тоа стан, улица, парк, плажа… што и да е… ако сме заедно, јас сум дома. Единствено во таа констелација стојам цврсто на обете свои нозе и сум со голем мир во стомакот, срцето и душата. И понатаму се трудам да учам како да ја негувам љубовта во својот дом, благиот збор, нежноста, толеранцијата и разбирањето. Тешко е да се биде толку добар и чист човек и да се живее секојдневно со тие вредности, но тоа е нешто кон што секој човек треба да се стреми. Во тоа е спасот.
Во светлина на последните трагични настани во Србија, стиховите од носечката песна „Љубов“ (Zadnje vreme, mrak i strah, Crne teme, dobar dan) звучат поинаку и некако, пророчки. Велат, такво е времето, но дали е само тоа? Дали отсекогаш бил вака акутен и алармантен недостатокот на љубовта за кој пеете?
Секако. Љубовта е лек за сè. Љубовта е и превенција. Само околината што изобилува со љубов е плодоносно опкружување. Во мојата земја веќе долго нема љубов. Децениите со недостаток од љубов сега доаѓаат да си наплатат. Тажно и застрашувачки е да се гледа сето тоа. Но, љубовта секогаш подразбира и надеж. Не сме ја изгубиле надежта и затоа веќе две недели сме на улица.
За разлика од Македонија, вo Србија има тенденција алтернативата да кокетира со мејнстримот, па така се случи двапати по ред такви уметници да ја претставуваат земјата на Евровизија. Дали има шанси да ве видиме на евровизиско натпреварување како изведувач?
Не знам. Не сум сигурна. До неодамна Евровизија не влегуваше во сферата на мојот интерес. Но, никогаш не вели никогаш.
Неодамна настапувавте во Скопје. Со какви импресии се вративте дома по средбата со македонската публика?
Никој никогаш нè нема пречекано толку срдечно како Македонците. Живеевме како „ѕвездетини“ сите три дена, колку што поминавме во Скопје. Концертот во МКЦ беше сјаен и покрај тоа што дојдов само со тапанарот Пеѓа Милутиновиќ. Скратеното издание на нашиот бенд нè натера да ѝ дадеме двојно повеќе на публиката што пееше заедно со нас. Се надевам дека нема да поминат уште пет години до мојот следен настап во Скопје. Сакам оваа година да дојдеме повторно кај вас. Се надевам дека некој го слуша ова.
Јосип Коцев
Фото: Александар Кошутиќ, Mладен Теофиловиќ