Иницијативата Спознавање го објавува своето четврто културно списание во петок (31.05) во Лабораториум со почеток од 19:00 часот. На едногодишнината на Спознавање ќе има изложби на Дорина Тенева и Druidic Strings, фотографски книги на Никола Јовановиќ и Здренко Петровски, базар со локални креативци како Акреа, Pixie Crochet, MadeOfSpit и плакати изработени од Партизан Штампа од ситопечат и други. Додека од 22:00 започнува концерт од нашите локални музичари Алембик и Галатеа.
На ова издание во списанието ќе може да прочитате интервјуа со колективот Партизан Штампа, фотографот Иво Велчевски, издавачката куќа The Deepest Purple Club, македонските бендови Алембик, Занаду и Кенопсија. Низ содржината има и голем број на други интервјуа и колумни.
Во текот на настанот ќе имате можност да видите изложба од најчитаните интервјуа од првиот, вториот и третиот број на Спознавање, самите фотографии од интервјуата, но и повеќе да се поврзете со мотивот зад идејата.
Со ова се дава директна поддршка на алтернативната сцена, се запознавате со мотивите на уметниците зад нивните дела и можност да набавите нешто локално и уникатно.
Последното издание на Спознавање беше објавено на 27.01.2023 каде имаше интервјуа со македонски, српски и хрватски музичари. Најчитани интервјуа од претходните изданија се тие со Дина Јашари и другари, Констракта и Свемирко.
Дел од интервјуата се достапни на веб страницата и и Инстаграм профилот.
Зад изработка на списанието е екипата на Спознавање: Графички уредник – Анамарија Мишачковска, Главен уредник и новинар- Дарко Беровски, Новинар – Вања Ратковиќ, Фотографи – Емилија Трајковска, Иво Велчевски и Никола Јовановиќ, Колумнисти – Бисера Ѓуровска и Андреј Медиќ Лазаревски. Корицата беше направена на ситопечат во соработка со колективот Партизан Штампа, а поддржувачи на ова издание се Sinatra Specialty Coffee, Match Superfood и Училница Specialty Coffee.