Неговиот проект ќе покаже дека архитектурата може да биде повеќе од само создавање нешто корисно. Таа може да биде и уметност. Поради неговата страст кон архитектурата, тој претходно правел и „класична“ архитектонска фотографија. Правејќи го тоа, еден ден едноставно се запрашал зошто сите згради се толку сиви.
Така, помислувајќи како ќе изгледа секоја зграда ако не е бела или сива, туку светла, започнал да ги преобликува зградите со светли бои, со помош на компјутерска обработка. Првите згради на кои работел биле типичните социјалистички станови во источен Берлин, кои се карактеризираат со многу чиста и континуирана повторувачка геометрија со силни правоаголни форми, а исто така и со еднолични нијанси на бела или на валкана сива боја. Неговите први обоени слики биле само прави фасади, а потоа почнал да додава и цели згради во серијата.
Сите слики ја имаат истата униформна сина заднина, која покрај боите делува како еден од карактеристичните елементи на серијата. Го фокусира вниманието на гледачите кон самата зграда и дава добар контраст на обоените и на белите површини на зградите. При боењето на зградите, тој се ориентира на структурата на фасадата на зградите. На пример, елементите како балкони, прозорци или други елементи на фасадата. Тој ги „вади“ зградите буквално надвор од нивната околина и ја додава сината заднина. Тоа им дава минималистички изглед на зградите и ја намалува содржината на сликата. Со тоа, тој сака да покаже дека зградите не мора да бидат структура што треба да се вклопува во некоја средина, туку и уметничко дело што исто така може да постои само за себе. Но, во реалноста, зградите што се поинтересни по својата структура се проголтани од сивилото на досадниот градски пејзаж. Боењето на тие згради ќе му помогне на гледачот да ги разбере уметничките барања што модерната архитектура ги има или треба да ги има. Пол Ајс го подразбира својот проект како критика на современата архитектура и повик кон луѓето повеќе да се фокусираат на нејзината единственост и индивидуалност, наспроти масовните форми на градење.