Или како да се осмелам да кажам дека сум храбар кога ќе ја запознаам Соња, протагонистката од филмот „Пејзажи на отпорот“ на Марта Попивода? Соња е челична дама што го победила фашизмот и живеела 97 години. Многумина од нас постојано приговараат за ситници, но кога ќе ја увидите неиздржливата болка на семејството од Албанија, кое го сведочи убиството на нивната 18-годишна ќерка од филмот „Помирување“ на Марија Зидар, веднаш добивате нова перспектива за животот. Исто така, застрашувачките факти од ефектот на глобално затоплување во филмот „Хоризонт“ на Тања Дeман идеално се вклопуваат во 15-тото издание на кампусот „Talents Sarajevo“ кое е насловено „Храбри“. Официјалната селекција на документарни филмови ја инспирира публиката да го цени животот повеќе и испраќа моќна порака да бидеме храбри и да се бориме за промени.
Победникот на наградата „Срцето на Сараево“ во селекцијата на документарни филмови – „Пејзажи на отпорот“, говори за многу повеќе од храброст. Филмот е очаен повик за граѓански активизам и бунт против притаената опресија низ општествата во модерна Европа. На гледачите им е потребно време да се навикнат на релативно бавното темпо што го одбележува почетокот, но веднаш се чувствуваат ударни емоции и свежи лузни од минатото додека Попивода ја следи протагонистката до монструозните кампови во Аушвиц. Човечкиот допир од директорот на фотографија (Иван Марковиќ) ја доближува публиката до страдањата на Соња, а гласните звуци од инсектите го воспеваат стравот и доближувањето на смртта во заднина. Блиските кадри од партизанката која е меѓу ретките преживеани од Аушвиц, се неверојатно искрени и сурови. Илустрациите од отпорот совршено се вклопуваат со сцените од природата во изумирање, тие се одлична паралела за макотрпното патешествие на Соња и на нејзините сопатници. Од испреплетените дрвја до исплашеното стадо елени, талентот на Попивода живее низ симболи. Иако е помалку тешко да се навикнете на специфичниот стил на изразување што го негува режисерката – „Пејзажи на отпорот“ е брилијантен. Вредно дело што е посветено на жените од минатото што се бореле против неправда и за денешните хероини што се обидуваат да ги добијат современите битки.
Жестоката порака од селекцијата на документарни филмови е повик за промени во низа прашања, кои ги засегаат нашето минато, сегашност и најважно, иднина. Соња успешно се бореше и го победи фашизмот, но што може ние да направиме за да обезбедиме посветла иднина за следните генерации? „Хоризонт“ на режисерката Тања Дeман ја отвора темата за глобалното затоплување и фактот дека ние луѓето, постојано приговараме и се жалиме за временските услови, но ништо не преземаме. Идејата на Дeман е тесно поврзана и потсетува на аудиовизуелното доживување „Акварела“ од рускиот режисер, Виктор Козаковски. Разликата помеѓу нив е што режисерката го користи нејзиниот глас да нè соочи со страшната вистина, а Козаковски ѝ верува на камерата, која ја соочува публиката со последиците. „Хоризонт“ е мошне амбициозен краткометражен филм и целта на Дeман е да мотивира што повеќе луѓе дека одамна ја минавме фазата на предупредување и сега е време за делување, ако имаме барем трунка совест за следните генерации како нејзиниот син Оскар, на кого е посветен овој личен филм.
Последен, но не помалку важен пример за неправда во денешниот свет е од словенечката режисерка Марија Зидар со филмот „Помирување“, која ја претставува неподносливата болка на албанското семејство пред чии очи е убиено нивното дете. Сеприсутните кадри од ужаснатиот татко и тивкото, но гласно од аспект на фрустрација, присуство на гневната мајка, се одлично прикажани од директорот на фотографија Љатиф Хасоли. Недостигот на емпатија и осознавање од убиецот и неговата фамилија се вчудовидувачки и гледачите искусуваат сочувство за скршените родители и за блиските на жртвата. Со оглед на тоа дека жителите на Балканот се запознаени со варварскиот закон канун, очекувано филмот ќе има поголем ефект на странската публика. Најзначајниот комплимент за „Помирување“ е дека камерата не комуницира со протагонистите за да предизвика бура од емоции, а тоа е нешто што е навидум лесно на хартија, но многу тешко за изведба во практика.
Овогодишната документарна селекција на Сараевскиот филмски фестивал е охрабрување за борба и настојчивост за различните демони со кои се соочуваме секојдневно. Филмовите нè соочуваат со фактот дека битката ќе биде исклучително тешка, но истовремено нè потсетуваат дека исходот зависи од нас и од нашите постапки. Без разлика дали е повик за политички, општествени или еколошки промени, сè додека има волја, има надеж за подобро утре!
Филип Мишов
(Teкстот е објавен и на англиски јазик на следниот линк.)
насловна фотографија: Sarajevo Film Festival