Музиката на неговите изданија и концерти е динамична и ангажирана благодарение на оваа специфична техника, но е полна со мелодии и има медитативни особини. Кога тој свири, како за време на настапот во Главната пошта во Скопје, неговите мелодии се претопуваат една во друга, со варијации во тоновите и јачината на звукот.
Мелник е Украинец, чие семејство емигрирало од Украина во Канада каде што се школувал како класичен пијанист. Објавувањето на сега револуционерното дело и зачеток на минимализмот во класичната музика „In C“ на Тери Рајли во 1968 година, променило сè за него.
Но, дури со селидбата во Париз Мелник ќе го открие својот глас и ќе го развие својот стил каде што ќе ја спои својата љубов за музиката на Хајдн и Тери Рајли и тоа за потребите за една модерна група за танцување. На почетокот на 70-тите, Мелник работел како домар во париската опера кога кореографката Керолин Карлсон го ангажирала да биде придружен музичар за нејзините часови по играње каде што ја развил оваа музика за да ја следи и да ја рефлектира нејзината кореографија. Тие искуства го инспирирале да има поинаков пристап, со кој создава слоеви од звуци што ги претвораат звуците во физичко искуство. Оттогаш има објавено 20-ина албуми што го шират овој звучен свет, иако целиот свој живот го поминал во опскурност, сè до моментот кога неговите изданија ќе почне да ги објавува куќата „Erased Tapes“, издавач што ги објавува изданијата на други и поинакви пијанисти, како Нилс Фрам и Олафур Арналдс. Со тоа, неговата музика во последната деценија е повторно откриена од нови генерации љубители на музиката и доживува ренесанса.
Дали може да го објасните концептот на „континуираната музика“? Од каде дојде инспирацијата за ваков поинаков пристап и кога за првпат почнавте да работите со овој пристап?
Инспирацијата е многу лесна за објаснување. Понатамошните детали за музиката се многу покомплексни. Бидејќи бев класично образован и сакав класична музика и длабоко ја почитувам, сепак почетното откритие беше иницирано кога го чув делото на Тери Рајли „In C“. Таа музика го промени светот и, се разбира, сите хипици ја слушаа. Во тоа време бев хипик и имав голема желба да комбинирам разни елементи и да направам фузија, да направам унија помеѓу хармонско-музичката вредност, а со неа да постигнам највисоко ниво на музицирање. Имав голема и длабока почит кон музиката на Јозеф Хајдн само поради големата едноставност на неговите хармонии. Тој не користи многу елементи. Тоа навистина ми се допадна и сакав да земам нешто од тоа и да го комбинирам со концептот на минимализмот или тоа што Тери Рајли го имаше постигнато. Затоа, работев со пијаното и во тоа време почнав да живеам во Париз. Заминав од Канада за да се обидам да најдам разумен музички живот, бидејќи претходниот музички живот таму беше затворен за мене. Сакав да допрам до јадрото, до суштината на историјата на класичната музика, а тоа можев да го направам само во Европа.
фото: Стефан Рајхл
Во тоа време, Каролин Карлсон имаше работилници за танцување во Париската опера на последниот кат. Ова беше неверојатно искуство бидејќи таа беше феноменална. Таа не е човечко битие. Таа е, но сепак не е. На некаков начин управуваше со просторот и времето преку нејзиниот метафизички пристап каде што ги учеше танчарите како да ги трансцендираат времето и просторот, но не со помош на своите тела, туку со своите умови. Таа го комбинираше сето тоа бидејќи нејзините часови по танцување вклучуваа танцови каде што телата се претопуваа во други димензии и правеа работи што беа невозможни. Затоа музиката требаше да биде специјална и размислував за создавање еден вид ѕид од звук за нив. Поради тоа оваа музика произлезе од часовите по танцување, од Јозеф Хајдн и Тери Рајли. Плус, мојот вистински примарен интерес беше да ги потиснам границите на свирењето пијано многу подалеку во однос на тоа каде беа. Тоа не беше вистинската цел, но беше присутно кога создавав музика и се обидував да ги потиснам границите на свирењето пијано до некои повисоки нивоа и да постигнам поголеми работи. Значи, тоа отсекогаш беше таму и никогаш не заминало. Сите тие работи комбинирано резултираа во создавањето на „континуираната музика“ за мене.
На кој начин овој пристап еволуирал со годините?
Многу, а можеби и воопшто. Тоа што ме одушеви кај мојата континуирана музика – тука не зборуваме за друга минимална музика – мојата музика не е минималистичка, но идејата да имам неколку ноти за да го одржат звукот, доаѓа оттаму, но само толку. Оттаму, мојата музика се разви во сосема поинаков правец. На почетокот сфатив дека нешто многу посебно и нешто многу прекрасно се случува, каде што моите раце и дланки почнуваа да менуваат димензии. Можев да забележам различни работи. Не зборуваме за медитација, не зборуваме за ментални работи, туку зборуваме за вистински физички промени што се случуваа во телото. Ме праша што се променило со годините. Не се чувствувам исто. Сум отишол напред и тоа има напредувано и секоја втора година достигнувам нови нивоа.
Но, тоа што навистина ми пречи за светот е дека сè уште не разбираат дека сум најбрзиот пијанист во светот не поради тоа како да сме на олимпијада – можам да истрчам побрзо од другите за десетинка од секунда. Зборуваме за – веќе сум завршил со свирење и трчање трки за олимпијадата и сите други се на половина пат таму. Тука е разликата. Штотуку прочитав некои работи на интернет и е многу вознемирувачки. Луѓето кажуваат „Свирам побрзо од Мелник“ или „Свирам пасажи побрзо од Мелник“. Мислам, тоа се идиоти. Ова е идиотизам. Тие никогаш не ме ни слушнале како свирам брзо бидејќи на снимките општо земено и не свирам толку брзо, бидејќи музички тоа и не е толку интересно.
фото: Зденко Петровски
Но, всушност, свирам со брзина во димензија од време што е многу насочено кон зен-ориентација од времето. Се наоѓам помеѓу работ од острицата, помеѓу цврстото и течното. Постои острица таму каде што во исто време е и цврсто и течно. Луѓето не го сфаќаат ова бидејќи не можете да го слушнете тоа – до толку е брзо. Таа брзина не беше возможна кога почнав да ја користам оваа техника. Тоа дојде многу, многу години подоцна. Не можете да го надминете тоа бидејќи веќе сте на работ од острицата помеѓу течното и цврстото. Нема каде да се оди понатаму. Веќе сте кај апсолутниот крај. Ако го поминете и продолжите побрзо, тогаш ќе биде цврсто. Ако свирите побавно, тогаш ќе преминете во течна состојба. Но, дури и другите пијанисти не можат да се приближат на оваа брзина бидејќи не свират континуирана музика. Тоа е целосно физичка дисциплина.
Порано глупаво помислував дека луѓето ќе се восхитуваат на ова и ќе кажат: „О, колку е прекрасно. Би сакале да научиме како да го правиме истото“. Наместо тоа, светот целосно ја игнорираше бидејќи никој не им кажува на луѓето за неа. Никој не известува по медиумите за тоа што го правам. Никој не пишувал за музиката на Љубомир Мелник, која е невозможна за изведба од кого било, каде било во светот. Никогаш никој не пишувал за тоа. Затоа јавноста не разбира што се случува. Затоа, кога ќе ја слушнат, истовремено чувствуваат дека нема да можат да го повторат тоа. А тоа не е така и тоа е трагично бидејќи на оваа музика ѝ е потребен млад пијанист, кој би научил како да ја свири. Но тоа е како да се учи кунг фу. Не е лесно. Не може да свирите неколку месеци и наеднаш да можете да свирите континуирана музика. Потребни се години. Континуираната музика го ангажира целото тело при изведбата вклучувајќи ги и стапалата. Ова, се разбира, се развива со времето. Тоа е многу интересно за пијанистот бидејќи континуираната музика го подобрува и го развива односот на пијанистот со пијаното. Се менувате. Сите пијанисти на светот ги удираат клавишите, но континуираниот пијанист никогаш, ама никогаш не ги удира клавишите. Забрането е. Не се прави така. Континуираното пијано ги бакнува и нежно ги милува сите клавиши што ги допирате. Дури и ако се работи за феноменална брзина. Ова може да се направи со телото бидејќи обичниот пијанист нема конституција да го направи ова. Пијанистите секогаш проценуваат дали може да ги отсвират овие ноти. Точно е дека секој пијанист на светот може да свири кое било мое дело, можат да ги отсвират нотите. Не можат да го отсвират ова брзо, ниту приближно брзо, но сè уште можат да ги свират нотите. Но кај континуираната музика, за разлика од класичната или џезот, нотите не се важни. Тоа што е важно е дека вашето тело исчезнало. Дури повеќе не ги користам своите раце за да го свирам пијаното. Немам чувство. Морам да носам два часовника на секоја рака за да знам каде ми е раката. Бидејќи немаат маса. Моите раце се целосно направени од воздух. Ова не е чувство туку е реалност.
Бидејќи сте студирале класична музика, дали можете да направите споредба помеѓу континуираната и класичната музика? Кои се сличностите и разликите?
Континуираното свирење пијано е целосно поинакво од класично пијано кончерто. Тие функционираат целосно поинаку. Тоа е како разликата помеѓу кунг фу, таи чи и карате. Сите три имаат свои силни спиритуални елементи, па дури и каратето. Но самото користење на телото и рацете е сосема поинакво. Кај континуираната музика пијанистот има целосно нов комплет раце. Тие прават многу повеќе од самото удирање по клавишите и тука е поимот за време. Кај континуираната музика почнувате да го достигнувате зенот на времето и перцепцијата што е екстремно брзо. Зен-умот работи со феноменална брзина, која е релативна во однос на нормалното и тоа е многу побрзо во однос на класичниот пијанист кој свири класично пијано кончерто. Многу е поголема брзината. Ова е нешто што е потребно во континуираната музика. Можам да го поедноставам одговорот на твоето прашање со тоа дека џез и класичниот пијанист ги користат своите прсти. Континуираниот пијанист свири со помош на зглобовите, само со зглобовите. Зглобот е портал каде што трансцендентната енергија поминува од изведувачот во пијаното. Не постои рака помеѓу нив. Тоа е целосно енергентска унија помеѓу зглобот и клавијатурата. Воопшто нема прсти. Ова не можете да го правите кога ги свирите Бах, Прокофјев, Моцарт или Бетовен. За тоа треба да имате прсти што ќе трчаат наоколу и треба да правите спектакуларни гимнастички работи. Луѓето мора да разберат дека континуираното пијано е повисоко ниво на свирење пијано во однос на најголемото класично свирење. Ова не значи деградирање на класичната музика – тоа е спектакуларно достигнување на пијанистот, да може да изведува Шопеново пијано кончерто или Бетовен, ова е спектакуларно достигнување. Само што континуираната музика е во некое друго, повисоко ниво на свирење пијано.
Континуираната музика не е возможно да се опише, но ист е таков случајот и со класичната музика. Убавината на Бах и Палестрина или Вивалди или Вагнер или Чајковски – невозможно е да се опише бидејќи постои димензија кај нотите што ги комбинираат што е неискажливо. Не може да се изрази. Тие едноставно знаеле. Го знаеле јазикот. Јазикот не може да биде дефиниран. Луѓето се обиделе, но безуспешно. Истото е и со континуираната музика, таа не може да се дефинира. Постои еден општ принцип дека пијаното продолжува без крај и дека акордите и протокот на каденците и на мелодијата продолжуваат понатаму како едно комплетно искуство. Но тоа морате да го спарите со техника што е потребна за да се свири пијаното на овој начин. Значи двете се обединети. На пример, можете да свирите пијано кончерто на Бетовен без спектакуларна техника. Тоа нема сосема да ја има брилијантноста како кога би било изведувано од некој голем пијанист. Но кај континуираната музика е невозможно, кај повеќето мои напредни дела дури и големите класични пијанисти на светот, на сите времиња, не можат да им пристапат. Невозможно е бидејќи користат поинаква техника. Мора да се спомене дека музиката е унија помеѓу актуелниот звук на пијаното и физичката техника за да ѝ овозможи на една личност да ја свири. Двете заедно влегуваат во поинаква димензија и го шират звукот во салата до луѓето. Тоа е едно длабоко и трансцендентно искуство. Претпоставувам дека треба да му се заблагодарам на Бога дека можам да допрам до толку многу луѓе, но споредено со другите уметници ова е ништо.
Дали овој пристап остава простор за импровизации?
Тоа варира на два начина. Или еден може да импровизира целосно, или еден прави делумна импровизација каде што ќе свири 80 отсто од делото како што е стандардно направено, со неговата стандардна структура, а потоа можете да менувате работи. Има и трет начин, каде што целата работа е целосно фиксна, но музичарот може да си игра со времето. Времетраењето на звуците ќе варираат секојпат. Затоа ниту една изведба нема да биде иста, дури и ако станува збор за истите ноти. Обично менувам едно дело помалку секојпат кога го свирам на концерти.
Мојот омилен Ваш албум е „Fallen Trees“. Како гледате на ова издание од денешна перспектива?
Имав еден концепт за паднати дрвја и трагав по музика што би била соодветна. Често патував по Европа со воз и од прозорецот гледав во мрачни шуми каде што имаше паднати дрвја. Иако паднати, тие не беа мртви. Имаше некоја тага во сето тоа, но и надеж, оптимизам. Дури и тој прекрасен реквием каде што како гостин ја имав Хатис Ноит од Јапонија, која импровизираше со вокалите врз мелодиите. Тие импровизации ги правевме заедно и наеднаш сфативме дека тоа што го правевме беше совршено. Тоа што го правевме целосно го промени албумот. Затоа беше навистина убаво да се работи со неа.
На кој начин влијаеше пандемијата врз Вас и врз тоа што го правите? Дали тој период донесе нова музика?
Кога ме праша за пандемијата, да кажам дека таа направи да бидам посвесен бидејќи сè повеќе и повеќе работам со луѓе што се обидувам да ги учам бидејќи не заминувам на турнеи повеќе.
Имам многу музика. Имам многу нова музика, која не е објавена. Наскоро ќе објавам нов албум со нови и убави дела. Сакам да ставам повеќе електроника во мојата музика бидејќи мислам дека луѓето сакаат два типа концерти: хард кор пијано и други, каде има и електроника. Тоа вклучува поинаков тип музика. Би бил посинематски по квалитет барем во мислите. Музиката е емотивна работа. Музиката доаѓа од срцето. Затоа електрониката во комбинација со пијаното навистина создава феноменални и убави елементи, кои не може да бидат создадени само со пијаното. Постои една магична димензија што доаѓа од комбинацијата од електроника и пијаното. Не ми се допаѓа електронската музика сама по себе, односно не е толку моќна колку комбинацијата од електронска музика и пијано или мојот концерт како што го замислувам дека ќе биде. Се надевам дека луѓето ќе откријат дека е моќна и полна со значење. Но, не знам кога ќе имам можност да ги објавам овие работи бидејќи постои уште еден проблем со индустријата за кој луѓето не се свесни. Би објавил албум уште поодамна, дури и повеќе албуми, но околностите ме спречуваат.
Проблемот е бидејќи се работи за Спотифај. Нема смисла да се оди во трошок за да се објави нешто. Има многу работа и потребни се многу пари за да се објави албум. Трошоците за изнајмување студио се многу високи. Пред ова, можевте да одите во студио и ќе го снимивте делото и тоа беше завршено. Сега, одите во студиото и ја снимате музиката, но тогаш имате 40 часа за да работите на дигиталниот звук, бидејќи дигиталниот звук сега е ужасен. Мора да биде манипулиран енормно со голем број скапи програми за да почне да звучи убаво. Почувствував дека трошокот од снимање албуми е премногу висок. Луѓето повеќе не сакаат да купуваат албуми или сакаат да ги добиваат бесплатно. Не сфаќаат зошто е тоа погрешно. Кога ќе патуваат со воз, не очекуваат дека ќе патуваат за џабе. Секој месец плаќаат цело богатство за интернет. Интернетот би требало да биде бесплатен бидејќи не чини ништо. Се наплаќа по 40-50 евра од човек месечно и тоа е лудо. Луѓето имаат идеја за тоа како ги трошат парите. Ќе купат пиво, интернет, ќе купат секакви глупави работи, но кога станува збор за музика, а не, нема да ја купуваме – таа мора да биде бесплатна. Ова ме лути. Луѓето повеќе не ја заслужуваат музиката. Би било убаво ако се исчезне на една година и сите уметници да запрат со правење музика за луѓето и сè да се отстрани. И во ред, може да ја имате музиката бесплатно, но ќе мора да платите за студиото, за изнајмување на пијаното, за транспорт, за греење, за струја итн. Смешно е дека ништо друго на интернетот не е бесплатно. Ништо не добивате за беспари, ниту кошули, ниту чевли. Но зошто музиката мора да биде бесплатна? На мојот Твитер-профил најавив дека завршив една мала книга.
Преку интернет добивам многу пораки каде што е изненадувачки бројот на луѓето што сакаат да ја свират оваа музика, но не знаат да читаат музика. За нив посветив многу време во создавање ефективна системска мала книга за да научат бргу како да читаат. За еден месец ќе научите целосно да читате ноти, како експерт. Не е потребно многу време. И бев шокиран. Штом луѓето беа прашани да си ја купат – таа е евтина и не чини многу пари, но штом беа прашани да ја купат, наеднаш исчезнуваа. Тука беа во можност да купат нешто што ќе го подобреше нивниот живот. Тоа не беше маица што ќе ја фрлеа после 6-7 месеци. Не беа патики за трчање што ќе се износеа по 2 месеца. Не беше нешто што ќе исчезнеше по 2 минути. Ова беше нешто што ќе го подобреше нивниот понатамошен живот. И не можеа да одвојат сума од неколку пива за неа. Ова е менталитет и тој менталитет од интернетот ја уништува музиката. Некој мора да го смени менталитетот на светот.
Ненад Георгиевски
насловна фотографија: Стефан Рајхл