„Номадленд“ e филм на Клоe Жао, која истовремено се јавува како режисерка, сценаристка и копродуцентка на остварувањето. Филмот е приказна за работниците, која осцилира околу Ферн (Френсис МекДорманд), претставничка на супкултурата на патници што живеат во комбиња и коли, попатно работејќи и движејќи се низ Америка. Откако ќе се затвори фабриката во која таа работи, а нејзиниот маж ќе почине, Ферн ќе стане бездомничка и ќе почне да живее во комбе, поврзувајќи се со група модерни номади. Критичарите го опишаа овој филм како поетско остварување што нè внесува во светот на една комплексна жена, која истовремено е топла и отворена. Оваа улога се смета и за една од најдобрите на актерката, бидејќи преку неа таа ни открива еден цел свет што турбулентно минува низ американските природни и социјални пејзажи. Критичарот Брајан Талерико вели: „Сликите во ‘Номадленд’ се како одговори на неспокојната и вознемирувачка 2020 година и во нив се состои убавината на едноставните нешта – насмевката од пријател, капењето во река или добриот гест на непознат човек.“
„Манк“ на Дејвид Финчер e прилично сложен и примамлив филм за Херман Џ. Манкиевич, познатиот холивудски сценарист од 30-тите и 40-тите години, кој опишува како го напишал сценариото за „Граѓанинот Кејн“, иако тоа не е единственото нешто што провејува во него. Манкиевич е поранешен новинар и критичар, а начинот на кој го игра Гари Олдман со препознатлива егоманија и духовитост, воодушевува уште веднаш. По сценарио на Џек Финчер, покојниот татко на Дејвид Финчер, „Манк“ е привлечен филм што маѓепсува со вербалната острина. Сепак, имајќи предвид дека станува збор за процесот на создавање на „Граѓанинот Кејн“, тоа на некој начин има шанси и да ја ограничи неговата привлечност. Сепак, ако се тргне од актерската игра и од развојот на сценариото, може да се заклучи дека „Манк“ ќе биде еден од посериозните кандидати за статуетката.
За овој филм веќе пишувавме. Режисерот и сценарист Арон Соркин го оживува неправедниот судски процес за обвинетите организатори на крвавите протести во Чикаго, предизвикани од насобраниот гнев за убиството на Мартин Лутер Кинг и од зголемената воена активност на САД и починатите во Виетнамската војна. Оскаровецот се навраќа 52 години во минатото и отвора црно поглавје од историјата, кое содржи жешки теми што се актуелни и ден-денес. Тој успева да ја раздразни публиката и потсети на полициската бруталност, на ограничената слобода на говор и на масовните протести што се случија пред и по изборите годинава низ цела Америка. Актерската екипа е сочинета од искусни глумци, на чело со извонредниот Еди Редмејн во улогата на големиот интелект Том Хејден, а потоа Џозеф Гордон, Џон Керол Линч и Мајкл Китон, но вистинското пријатно изненадување е актерската игра на Саша Барон Коен. Актерската игра има главен збор во „Судењето на седумтемина од Чикаго“, а новото лице на Барон Коен се издвојува како ран фаворит во трката за номинација за споредна машка улога во пресрет на следното издание на Оскарите.
„Минари“ e нов филм на режисерот Ли Исак Чунг, кој суптилно ги разгледува последиците кога фантазијата навлегува во реалноста. Станува збор за семеен портрет, следејќи ги неговите корејско-американски протагонисти додека се преселуваат од Калифорнија во Арканзас за да започнат нов живот.
Џејкоб (Стивен Јеун) го преселува своето семејство во дом „на тркала“, со план да основа фарма. Откако потрошил многу години работејќи на западниот брег на САД, тој сега е решен да им покаже на своите деца дека може да постигне повеќе. Но, со тоа го оптоварува своето семејство, се оддалечува од сопругата Моника (Јери Хан), а нивната економска состојба изгледа тешка.
Филмот е тивок и методичен, развивајќи го своето раскошно рурално опкружување со впечатливи погледи на ликовите, сами против огромните и празни пејзажи. Чунг ја истражува природата на имиграцијата – како таа се развива, од генерација на генерација, и како очекувањата се наследуваат и се изневеруваат. Реализмот на „Минари“ се чини дека ќе премине во трагедија што ќе ги згасне сите надежи за ликовите. Имиграцијата во него е претставена како чин на надеж – шанса, ризик, сон, но и чин на љубов.