Секое наше движење, од најмало до најголемо, произведува енергија. Прв пример на кој можам да се сетам е генијалниот изум велосипед, кој функционира совршено на долги и кратки растојанија и зависи единствено од човековото кружно движење со нозете. Во последните години се направија патеки за велосипеди, кои собираат електрична енергија и слично. Но еко-диско?
П.С. Дали можеш да нацрташ велосипед co рака? 🙂
Кога танцуваме, со движењето на нашите нозе врз подот, произведуваме електрична енергија. На ова се сетиле архитектите Doll – Atelier voor Bouwkunst и го измислиле диско-подот, кој собира електрична енергија за диското WATT во Ротердам. Посетителите се информирани за количеството електрична енергија што ја собрале при танцување преку светлината што го зголемува интензитетот и динамиката. Со ова тие се мотивираат уште повеќе да танцуваат. Плочите од кои е направен подот се поставени на федери, кои од движењата се придвижуваат за 1 см и од тоа движење се произведува енергија.
Исто така оваа дискотека има и систем за собирање дождовна вода, која се користи за казанчињата во тоалетите. Шанкот се труди да го намали отпадот, со тоа што служи само наливни напитоци, а не оние во мали шишиња.
Во последните години, во светот на архитектурата многу често се поставува темата: Како треба да изгледа диското на денешницата и иднината? Ова се две интересни утописки визии. Првата вели дека во дискотеката не треба да има под, туку диското да биде една голема мембрана каде што сите играат на сите страни и скокаат.
Предлог на Јоана Сотириу и Мариа Цилоџани за конкурс „Танцување“, организиран од Non Architecture Competitions
Втората идеја вели дека нашите алишта што ги носиме во диско, собираат диско-енергија од нашите движења. Кога ги переме, машините за перење би можеле да ја апсорбираат таа енергија и да ја користат при перењето на сите алишта.
Предлог на Јоана Ѕвирчоска за конкурс „Танцување“, организиран од Non Architecture Competitions
Нормално, овие делуваат како луди идеи, но сепак во светот на креативноста нема граници што може, а што не може. Сигурно и идејата за еко-диско под на почетокот звучела како да е невозможна, но сепак е реализирана и функционира совршено.
Се разбира дека зад проектот на диското WATT стои огромен буџет и нашите дискотеки претпоставувам дека не можат да си го дозволат. Но има системи што и не се толку скапи, а сепак го искажуваат ставот кон одржлив развој и заштита на животната средина. Дискотеките денес се многу важни културни места за нашето општество. Таму се собира голема маса луѓе од сите возрасти и токму поради тоа можат да бидат искористени за едукација и пренос на важна порака.
Сара Симоска,
архитект