„Да направите нешто посебно на мал простор, со неколку луѓе и многу ограничени ресурси, е навистина голем предизвик“, ова за брендот Rinocca го напиша магазинот „Dolce Vita“ во 2015. Не, Rinocca не доаѓа од Италија. Rinocca е македонско дизајнерско студио и бренд за производство на мебел. Ова е приказната на Катерина Трпковска и Деспина Здравкова, две силни девојки кои го потпишуваат брендот што на белградскиот саем за мебел во 2017 понесе две награди „Златен клуч“.
Rinocca често ги асоцира луѓето на италијански бренд. Кога подобро ќе размислам, воопшто не е лошо вашата дизајнерска работа да се поврзува со италијанскиот стил и естетика, нели? 😊 Но кој стои зад Rinocca, како функционирате, на кој начин работите?
(Катерина) Зад Rinocca стоиме ние две, ха-ха. Извршувајќи ги сите можни улоги. Се шегуваме. Иако сме навистина само ние две зад Rinocca, не би можеле да опстанеме без сите луѓе што дирекно и индиректно ни помагаат во остварување на приказната. Како функционираме. Па прво, немаме одредено работно време. Секој почнува со работа откако ќе си го испие на раат утринското кафе. Конкретно дефинирани улоги не постојат во нашата работа. Јас и Деспина сме вклучени буквално во секој процес од работењето.
(Деспина) Освен што дизајнот е целосно препуштен на Катерина. Само јас често уфрлам бледи идеи, па Кате им дава дух, ха ха.
(Катерина) Значи од дизајн, до разработка на производ и сè попатно. Секој работи сè.
(Деспина) Идејата за Rinocca потекнува од Катерина. Го започнала овој бренд откако нашето општество не ѝ понудило ништо примамливо па морала да го создаде сама. За жал, речиси нема место за луѓето во земјава што не можат да работат од 9 до 5, па Rinocca е резултат на луѓе од тој вид. Официјално брендот е започнат во 2015 година, а Деспина се приклучи во 2017.
(Катерина) За мене отсекогаш Италијанците биле императив во дизајнот. Тие се инспирација за нашето работење. Можеби и затоа нè споредуваат со италијански бренд, ха-ха. Меѓутоа крајниот резултат секако е тоа како ние гледаме на работите, како треба да изгледа производот и како треба да му служи на крајниот консумент. Друг фактор во инспирацијата се материјалите што ни се на располагање. Користиме природни материјали. Челик, дрво, тунгово масло за финална обработка на дрвото. Сакаме да сме Eco friendly.
(Деспина) Мислам дека за позитивна енергија во домот влијаат предметите што нè опкружуваат. Енергијата што тие ја носат.
Ја карактеризирате својата работа како „искрен дизајн“. Што подразбира тоа?
Зад фразата „искрен дизајн“ има многу што да се каже. Најпрво и најопшто тоа асоцира на фактот дека при креирањето на производите на Rinocca, сите елементи за добар дизајн се еднакво битни. Тоа се естетика, ергономија и квалитет. Пак ќе ги споменеме Италијанците бидејќи методологијата на работа е многу слична со некои брендови од Италија. Изработуваме мебел со висок квалитет во помали серии, кој има карактер, приказна зад себе и дух. Ние не користиме висока технологија во нашето работење, туку самите сме дирекно вклучени во производството. Добар дизајн, добри мајстори и рачна изработка е тоа што сметаме дека нè издвојува од другите.
Каква е моменталната ситуација со пазарот, производните капацитети и со дизајнот генерално во Македонија?
Ова е најболното прашање, ха-ха. За жал, продажбата на нашите производи во Македонија е помалку од 1 процент. Луѓето тука не го вреднуваат домашното во ниедна бранша па и во нашата. Иако за македонскиот пазар се трудиме да настапиме со добри цени во однос на тоа што го нудиме. Од друга страна, пак, во Македонија многупати нема иновативност во работењето, што на некој начин го оправдува консументот за одлуката да избере странски бренд. Според нас, многу работи позитивно би се смениле доколку во нашата заедница се измешаат образовните установи, поголемите и помалите компании како и талентирани индивидуи, со цел да се создаде можност за поставување одредени стандарди и со тоа да почнеме да создаваме производи или услуги со повисока вредност. Без разлика дали станува збор за производство на мебел или маркетиншка кампања или производство на млеко, ха-ха. Еве ние целосно се вложуваме во иднина тоа да биде сменето.
Ја претставувате својата работа и надвор од нашите граници, а добитнички сте и на признанија за неа. Во која насока ќе се движи Rinocca во следниов период?
Да. Во моментов пласманот ни е најмногу во Србија, а потоа во Америка и во некои европски земји. Во моментов работиме на отворање на Show room во Белград, како и на подобар пласман во Македонија. За таа цел ќе се појавиме на два настани во Скопје: Fashion and Lifestyle Expo што ќе се одржи во МОБ од 20 до 22 март и на Gentleman Expo на 5 и 6 април во хотелот „Мериот“. Еве, официјално ве покануваме сите 🙂 А во иднина фокусот ни е ставен на зголемување на пласманот на странскиот пазар и секогаш усовршување на нашите производи.
За крај, опишете ни ја личноста на која идеално би ѝ прилегале изгледот, духот и философијата на вашите дизајни 😊
Хммм… Па не можеме да дефинираме конкретна личност. Сигурно е млада, easy going личност, која живее во Њујорк, или во Берлин, или во Скопје, ха-ха. И дефинитивно личност што бара и дава шанса на нови работи и искуства.