„Ефектот на среќа“ е долгометражен игран филм на режисерот Борјан Зафировски, кој води кон нов, модерен свет, исполнет со млада енергија и флуоресцентни бои. Иновативен и визуелно примамлив со извонредна кинематографија што создава современа метропола и социјалистичкото сивило го оживува со богат колоритен репертоар. Режисерот мудро вметнува делови што ги оформуваат ликовите, а истовремено критикува, пред сè на тапет е македонскиот здравствен систем. Сценариото на Борјан Зафировски, Дејан Дуковски и Огнен Георгиевски ја поставува протагонистката Леа како наратор на сопствената животна приказна и преку нејзиниот глас и лик ги исфрла на виделина речиси сите табу-теми што се присутни во општеството. Од почетокот, дејството буди силна емпатија и тага, а потоа се редефинира и заедно со милозвучната електронска музика носи ендорфинско уживање. Сепак, како одминува коректното времетраење од 90 минути, бледеат емоциите и се наѕираат површни, лити дијалози, кои одземаат од поучната животна порака и ефективниот крај.
Ултравиолетови неонки, рефлексија од стаклени згради, доминантна црвена и есенска портокалова боја се дел од елементите што идеално ги користи кинематограферот Димо Попов. Директорот на фотографија целосно ја доловува идејата на режисерот да претстави град во ново руво со разиграни бои. Комбинацијата на пријатна музика и фотографија изразена со пејзажна природа, го прават „Ефектот на среќа“ аудиовизуелно доживување кое отскокнува и се истакнува како најсилна алка на филмското остварување.
Дебитантката на филмското платно, грациозната актерка Дејана Попоска, е уверлива во својата ролја и покажува раскошна палета на дијаметрално различни чувства што ги содржи ликот на Леа. Таа одлично соработува со искусната Ана Стојановска и тие оставаат впечаток дека станува збор за силно пријателство и зад камерата, кое вродило со совршена хемија. Исто така, младата актерка Сара Анастасовска е соодветен избор за улогата на Гала, која режисерот ја навестува како метафорична двојничка и успева да ја прикаже како спротивната, помалку темна страна, која недостасува во карактерот на Леа. Кастингот е фантастичен и останатите, пред сè искусни глумци како Сашко Коцев и доајените Петар Арсовски и Јовица Михајловски, квалитативно ја комплетираат актерската игра.
„Ефектот на среќа“ е смел чекор напред во вистинска насока, современо филмско дело што треба да отвори голема притока за веќе одамна презаситената мрачна кинематографија, полна со теми за бедниот и апатичен живот. Урбаната драма на Борјан Зафировски бега од мизеријата, а дава улога на слободоумното размислување и влева доверба во моќта на универзумот. Филмот е визуелно просперитетен и плени со свеж актерски дух што доаѓа до израз и максимално ја користи шансата. Новото кул Скопје, зад кое потписници се Зафировски и Попов, ќе посакате да го искусите, осознавајќи за места што веќе сте ги посетиле, но авторот наметнува хипотеза дека сè е до перцепцијата со која се гледаат нештата, а тој дефинитивно ја преферира светлата страна. „Ефектот на среќа“ отвора многу лични прашања на кои одговорите се кријат единствено во гледачот, а најважната дилема е дали мислите дека доволно уживаме и наоѓаме задоволство во малите работи и во секојдневните случувања?
Филип Мишов