Албумот „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е ново автентично истражување на македонското музичко наследство, на еден свој, чудесен, начин поинакво од нивниот заеднички првенец „Апокриф“ (2021). Албумот содржи осум традиционални македонски композиции, во аранжман и изведба на двоецот Грашеска/Јовановиќ. Дизајнот на обвивката е дело на Ника Гавровска. „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е 49. издание на „SJF Records“.
Промоцијата на албумот се случи на 18 март во „Макка Бар“ во Скопје. Вокалистка на албумот е Добрила Грашеска, додека Дориан Јовановиќ свири на ут со поддршка на лупови и електроника. Токму експерименталниот пристап во неговото музицирање беше во фокус во разговорот со него.
Албумот „Пиле шарено“ снимен во дуо со вокалистката Добрила Грашеска неодамна беше промовиран под етикетата на „Скопје џез фестивал“. Колку новиот албум е природно продолжение на првиот заеднички албум „Апокриф“, објавен за истата дискографска куќа?
– Потполно продолжение. Првиот албум се случи да го направиме за време на пандемијата, и во голема мерка работите ни се одвиваа брзо, спонтано, без многу премислување или колебање. Но, откако го затворивме тој албум како приказна, заедно осеќавме дека имаме уште за кажување. Направивме нов избор на песни и тргнавме да си ги дораскажеме идеите. Тоа е тоа што се слуша на албумот, чекор понатаму од „Апокриф“.
Албумот носи осум нови обработки на традиционални македонски песни. Каква формула имате со Добрила околу дешифрирањето на старите традиционални напеви? Што е тоа што ве предизвикува да ги модернизирате?
– Во поглед на изборот, мислам дека неискажаниот пристап помеѓу нас е: песни кои нѐ пленат (пленеле), но не се баш широко познати (помалку или повеќе). На таков начин, ние веќе имаме една посебна интима со тие песни која што ни овозможува да ги пренесеме во ова време на некој наш начин. Но, формула нема (колку год ова да звучи патетично), барем не искажана. Верувам дека и Добрила (како и јас) во себе имаме некој свесен „преклопник“ со кој што си овозможуваме да се оддалечиме малку од тоа што го знаеме и да си дозволиме да бидеме деца и да си играме со тие мелодии на начин како што не сме го правеле на ниту едно друго место и дека од тоа се создаваат тие созвучија што се снимени. Предизвикот е во прашањето „како ова да биде слушливо за современиот слушател, којшто е од другата страна на планетава, можеби?“.
Од какво значење е фактот што зад објавата на албумите стои етаблираната етикета на „Скопје џез фестивал“?
– „Скопски џез фестивал“ е институција, и пред сѐ, двајца големи љубители на музиката и на помалку веќе заборавената категорија на убавината на доживувањето на музиката. Јас лично одраснав со џез-фестивалот, сите имиња со коишто Оливер (а во поновиот период и Шурбе) ми овозможил да се сретнам низ сите овие години (за мене од далечната 1984, кога првпат бев на фестивалот), секако, влијаеле на оформувањето на мојот музичко-естетски универзум. Но, нивната работа не е само локална, а нашето чувство беше дека овој материјал нема да биде само локален.
На промоцијата изведовте неколку песни од албумот. Какви се плановите за концертна промоција на материјалот, и кај нас и во странство?
– Во моментов нема никаков конкретен план за промотивен концерт, има поконкретни планови за настапи надвор, но сигурно наскоро ќе почне да се формира некаква нова слика којашто ќе формира и нови планови.
На албумот свириш на ут со примена на електроника. Кои се предностите што современата технологија ги дава при креацијата на звук од традиционални инструменти?
– Најдиректно, современата технологија ми овозможува малку да го проширам воспоставениот јазик на инструментот и да си овозможам една палета на звуци кои не би ми биле достапни кога би пристапил стриктно традиционално. Утот е многу стар и многу богат инструмент, а има и богата историја и традиција во неговото свирење. Кај нас тој имал своја улога во чалгиските тајфи, но таму тој сам по себе не бил солистички инструмент, како во традициите од коишто потекнува, туку бил дел од „пратњата“. Значи неговата улога во нашата традиција била многу прецизно определена, но, од друга страна, дуото ми/ни отвора простор за една негова поголема и позначајна улога, бидејќи во дуото и двата инструмента се на одреден начин солистички, музиката е во форма на дијалог и во тоа секој има и свој монолог. Јас решив тој мој дел од дијалогот да го направам со малку посовремен јазик.
Покрај ут, познато е дека свириш на бас-гитара и на Чепмен-стик. Кај сите користиш електроника, но од што зависи за кој проект ќе биде употребен некој од наведениве инструменти?
– Нема формула… во конкретниов пример, истиов проект можел да биде и со друг инструмент и мислам дека повторно би било исто толку интересно, но контекстот би бил многу различен. Во овој случај, тој контекст ни беше пресуден: која звучност ќе ја постигнеме, каква приказна ќе им раскажеме на слушателите. Во некои други услови ќе биде посоодветен некој друг инструмент, но, морам да си оставам простор и за експериментирање, бидејќи таму е предизвикот на создавањето и сознанието. Можеби следниот албум на дуото ќе биде со друг инструмент, кога веќе воспоставивме некаков звучен идентитет.
Длабоки траги во твоето творештво остави работата со групите „Стринг форсис“ и „Чалгија саунд систем“, но се појавуваш и со своето алтер-его Аксиотомик (Axiotomic). Ако работата со групите зависи од многу причини, во кои ситуации го користиш своето алтер-его?
– Алтер-егото, само по себе, е нешто што ти не си, односно твоето друго „јас“, Хајд наместо д-р Џекил. Добро, можеби не толку драстично како во примеров. Аксиотомик од својот почеток беше замислен како соло-проект во којшто ги изразувам работите коишто другите проекти не се. Остатокот од моите интереси кога ќе се одземат сите други веќе познати интереси. Но, тоа мое алтер-его секогаш имаше најмал приоритет и остануваше во позадина, иако имаше еден постојан раст во неговото значење за мене лично и за она што (сакам да) го работам.
Импровизацијата е, можеби, најбитниот параметар на Аксиотомик, заедно со рамката создадена од можностите на живата изведба на електронска музика. Тоа беше игралиштето коешто му го препуштив. Од друга страна, денешните можности, како за изведба така и за презентација, му отворија многу поголем простор на Аксиотомик и веројатно ќе гледаме многу повеќе од него во иднина. Може слободно да се каже и дека Добрила и Дориан Дуо е во суштина Добрила и Аксиотомик, но првото подобро звучи!
Тони Димков