Џастин Пери е родена во Франција, но живее и работи во Берлин. Таа нуди безвременски звук со брз, длабок и trippy ритам, кој го привлекува вниманието на многу важни европски клубови, меѓу кои се „Бергхајн“, „Трезор“, „Рекс“, „Khidi“, „IFZ“ и „Radion“. Џастин секогаш е во потрага по нови артисти што може да ги поддржи и гради цврсти врски што ја прават дел од парискиот Resilience crew и како резидент диџеј во ценетиот стразбуршки клуб „Kalt“. Како дел од LGBTQIA+ заедницата и настапувајќи на квир журки, таа одговара на потребата за создавање разнолични и безбедни музички средини. По посветеното градење на нејзината визија, нејзините први продуцентски изданија и ремикси конечно можат да се најдат кај познатите издавачи какви што се „KR Records“, „Postdynamic“ и „Unknown Movements“.
Овој петок Џастин гостува во скопскиот клуб „Епицентар“ како гостинка на месечната резиденција Mousai, на која ќе ја придружуваат Dina, Katarina, Diah и Lesya.
View this post on Instagram
Кога првпат почна да се занимаваш со диџејство? Која беше твојата страст и какво влијание имаше во почетоците?
– Здраво, се викам Џастин Пери. Почнав да пуштам музика во 2017 година додека живеев во Париз. Го купив првиот контролер, а набрзо потоа го заменив за две XDJ 1000, кои сѐ уште ги имам. По мојот прв настап на крајот на 2017 година, се преселив во Берлин на почетокот на 2018 година.
Со какви предизвици се соочуваш како диџеј и уметница, и како ги надминуваш?
– Мислам дека секој сет е предизвик, бидејќи е секогаш различен; различен клуб, различен промотор, различна публика, саундсистем… Дали настапуваш на почеток на вечерта, на крајот, во „најјакото“, во мал клуб или во голема сала, која може да биде полна или празна… мора да умееш да се адаптираш и да израснеш во тие услови, да ги разиграш луѓето, да ги задоволиш и нив и себе. Мислам дека за мене сѐ уште најголем предизвик е да настапувам прва, да ја отворам вечерта, бидејќи тогаш го поставуваш ритамот на ноќта, мораш да го адаптираш твојот сет на бројот и расположението на публиката. Во зависност од тоа како се чувствуваш во моментот, ја создаваш атмосферата за оние што се таму со тебе.
До кој степен сметаш дека техно-музиката може да го насочи вниманието на јавноста или да влијае врз актуелни политички теми?
– Техно-музиката дефинитивно може да влијае врз политички теми. На пример, јас самото танцување го сметам за политички чин бидејќи може да влијае врз вниманието. Постојат места во светот каде што е опасно, дури и нелегално, жени да танцуваат јавно. Музиката и танцот се простор за политички отпор. Исто така, верувам дека во некои случаи уметниците имаат можност јавно да се огласат доколку сакаат да го сторат тоа, на пример преку социјалните мрежи, но истовремено и одлучувањето да не го сториш тоа е политички чин. Техно-музиката отвора врати и поттикнува дискусии за некои теми од политичка или од општествена важност, какви што се родовата еднаквост, хомофобија, расизам… Кога клубовите се затвораат поради „комшиски“ притисок во маалата каде што се наоѓаат во врска со гласниот звук и слично, исто така може да се гледа како политички проблем. Родовата застапеност во лајнапите исто така е политичка тема.
Како би го опишала развојот на сцената и на културата низ годините?
– Тие постојано еволуираат. Мислам дека во последниве години техно-сцената почна да станува многу разнолика, со нови жанрови и стилови. Сега веќе е веројатно дека таа експерименталност и иновативност ќе продолжи. Брзите техно-ритми зафаќаат поголем простор во пејзажот на електронска музика, но некои клубови како „Бергхајн“ или слични на него пробуваат да го канализираат ова и да најмуваат артисти од различни стилови. Нови поджанрови постојано ќе никнуваат и тоа го прави сево ова интересно. По пандемијата, многу нешта се сменија, нови стилови, продуценти и диџеи се појавија и ја освежија сцената, што е супер.