PopUp Rating: 4/5
Дебитантскиот долгометражен игран филм на сценаристката и режисерка Бора Ким поаѓа од лични, трауматични искуства во потрага за тогашните „несфатени“ тинејџерки што растеле во 90-тите години на минатиот век во Јужна Кореја.
Сценариото ја следи турбулентната адолесценција на протагонистката, итро начнува општествено-политички теми и ја прикажува подредената улога на жената во семејството и во заедницата. Образовниот систем се темели на сè уште свежите спреги од диктаторското владеење и директно влијае при созревањето и оформувањето на личноста кај младите генерации што се лишени од забава. Токму интровертната Јунхи е осамен претставник на невидливите жртви на нетолерантното општество и во недостиг на поддршка од ближните, психолошкиот притисок ја претвора во темпирана емоционална бомба со повремени самоубиствени мисли.
Корејката Ким интимно навлегува во тензичната тишина на дисфункционалното семејство и создава непријатно чувство со асистенција на директорот на фотографија. Иако камерата е буден надзорник на несогласувањата, интенционално отсуствува експлицитен приказ на брутално семејно насилство. Милозвучната музика и сензитивните стихови одлично ја покажуваат тагата и болката во очите на отфрленото девојче. Прекрасниот наслов на филмското дело симболично соодветствува со особините на ранливата адолесцентка. Колибријата се најмал, исклучително редок вид птици со уникатни карактеристики и важат за симбол на мир, љубов и среќа. Скромниот дом на сентименталната Јунхи е мал стан т.е. задушливо засолниште и жариште на неспокој.
Малата актерка Џиху Парк фантастично ја игра главната улога на неприфатената Јунхи, која жедно изискува минимално внимание и љубов од околината. Таа постојано ниже разочарувања и откако доживува прељуба од симпатијата, односно предавство од најдобрата другарка, дополнително се затвора во себе и уште потешко стекнува доверба во луѓето. Читањето и цртањето стрипови се нејзините единствени дозволени задоволства.
„Домот на кoлибрито“ е длабоко, персонално филмско остварување на несомнено талентираната Бора Ким. Таа впечатливо ја претставува ограничената слобода и комплицираниот живот во Јужна Кореја со втурнување на фиктивниот главен лик во пресрет на вистинскиот трагичен настан во Сеул. Долгото времетраење (138 минути) бавно го одгатнува неоформениот идентитет на Јунхи, недостасува лаконска монтажа и камерата може да има позначајна улога, но дебито на Ким е квалитетно парче во брзорастечката азиска кинематографија. Сталожениот епилог е вредна поука, повик за индивидуалност и тектонски промени. Режисерката автопортретно се поистоветува со неправедно означената пубертетлика, а пак таа се огледува во нејзината единствена потпора, наставничката Јунџи и синџирот продолжува помеѓу гледачите во публиката. Симпатичното, ветувачко деби на Ким потсетува на холивудската драма „Запомни ме“ и се закити со специјалната награда гран при, доделена од генерацијата 14+ на минатогодишното Берлинале.
Филип Мишов