Рик Далтон е холивудски актер, познат од популарната ТВ-серија „Ловец на глави“ и многубројните улоги како негативец. Неговиот дублер и најдобар другар, Клиф Бут, нетрпеливо чека повик за акција да му се приклучи на Рик. Реномираниот режисер Роман Полански и неговата прекрасна сопруга Шерон Тејт се соседи на кои Далтон им се восхитува, но глетката од среќната и успешна двојка му создава психолошки притисок. Тој е на крстопат во кариерата, дали да биде запаметен како вечен негативец, во сенка на главните актери, или пак да го разбие стереотипот и да преземе храбар чекор напред кон своја кариера…
Култниот Тарантино доживува кулминација како автор, сценарист, во неговиот 9-ти игран филм, кој се чувствува како персонален и важи за претпоследното парче од сложувалката при богатиот опус како актер, а потоа доминантно, како сценарист, режисер и продуцент. „Си било еднаш во Холивуд“ е филм базиран по делумно вистински личности и настани, но со негов, препознатлив потпис, односно сценарио дополнето со фиктивни ликови што го отсликуваат Квентин преку пеколната енергија и контроверзното его како дел од карактерот, оригинален уметник што секогаш остава личен печат на приказната.
Холивудската драма совршено балансира помеѓу реалноста и имагинацијата на сценаристот, која на моменти директно, а на делови суптилно истакнува критики кон филмската фела. Дејството во филмот и најголемиот фокус период го има развојот на кариерата на протагонистот Далтон, а неговата сенка Бут и другите ликови прецизно го пронаоѓаат сопствениот дел во приказната. Карактерите на главните ликови се развиваат умерено, а гледачот има доволно време да оформи комплетна слика за нив преку длабоките разговори, т.е. монолози и дијалози, карактеристични за двократниот оскаровец.
Режијата на Тарантино вметнува детали што ги фаворизира, во случајов дефинитивно може да се каже фетиш што датира од актерските денови. Директорот на фотографија ги претставува преубавата Шерон Тејт и провокативната Пусикет во најжешко светло, кое плени со сексапил, а паралелно во неколку статични кадри, ги снима нивните нечисти стапала, кои не случајно се истакнуваат. Неизбежно е да се потсетите на безвременската сцена во „Од самрак до зори“ кога Тарантино пиеше и буквално ги вшмукуваше стапалата на Селма Хајек. Исто така, Бренди, кучето на дублерот Бут и нивната врска се прикажани многу детално, но и тоа е парче од приказната, а не е грешка во монтажата, за која на моменти се прашувате зошто одредени сцени се предолги, кои дотогаш немаат особено значење.
Сценариото и режијата се квалитативно препознатливи обележја за Тарантино, но прецизниот кастинг и маестралната актерска игра на високоталентираната екипа е можеби најголемиот атрибут што го краси Квентин како филмаџија. Многумина режисери на располагање имале голем број квалитетни актери, но малкумина знаеле како да ги вклопат и истакнат. Во случајов, Американецот навистина се има потрудено, дури и актерите што имаат минорна улога (Ал Пачино, Курт Расел, Дакота Фенинг и Демиен Луис) внимателно да добијат свој дел. Леонардо е уникатен актер, ако не и најдобриот од неговата генерација и ликот на Далтон содржи кревок психолошки имунитет, кој Ди Каприо ударно го доловува со измешани солзи и емоции на радост и тага. Дублерот Бут не е само убавецот од Холивуд, кој во „Неславни копилиња“ го освои режисерот со актерската игра, сега Бред Пит игра лик со тешко минато и борбен, тврдоглав карактер, кој се истакнува на ниво со Леонардо. Маргот Роби во улогата на Шерон Тејт е главниот постер во маркетинг-кампањата на филмот, а истата ролја ја има и во сценариото. Блондинката е олицетворение на извонредниот кастинг, а воедно и пандан на вечната убавица Тејт. Кинематограферот Роберт Ричардсон ги истакнува нејзините ерогени зони и најмаркантната сцена во филмот е кога таа се движи кон киносалата во белите чизми, а позадинското сонце на Лос Анџелес ја разубавува сцената. Кулминацијата се случува во киносалата кога модерната Роби ја гледа вистинската Шерон Тејт на платното во филмот „Екипа за спасување“, уште една перфектна комбинација на реалноста и фикцијата.
„Си било еднаш во Холивуд“ не е најдобриот филм на Тарантино и како филмско остварување брои маани, кои доколку се истребат, може да го направат уште побистар, пократок, но егото на Квентин очигледно не го дозволува тоа. Конкретен пример за таква сцена е директното исмевање на Брус Ли кога Бут го победува во директна борба. Дел од имагинацијата на режисерот, но сосема непотребна сцена, која ништо не менува во сценариото. Но, и покрај тоа, ова филмско остварување е можеби најблиску до хуморот и забавата, кои го оформија Квентин како култен со „Евтини приказни“.
Квентин Тарантино има мешана публика, фанови што обожаваат да ги гледаат неговите филмови, такви што се откажуваат уште во првиот обид т.н. хејтери, но нема средина што го чувствува за минлив и краткотраен тренд. Ако досега не сте се сретнале со неговиот препознатлив стил, можеби „Си било еднаш во Холивуд“ е идеалното филмско остварување за почеток на вашата љубов или омраза кон него. Филмот е доживување за оние што претходно не се запознаени со вистинската приказна за Полански, Тејт и убиствата на хипи-култот диригиран од Чарлс Менсон, но е уште повпечатлив за тие што очекуваат и претпоставуваат. Во ера кога грозоморните дела на сериските убијци од минатото или сегашноста се во подем и добиваат повеќе внимание отколку луѓето што навистина го менуваат светот, освежувачки е да се види алтернативна верзија на застрашувачки чин со поинаков, но сепак експлицитен крај. „Си било еднаш во Холивуд“ сигурно и заслужено ќе котира високо во пресрет на изборот на најпрестижните награди „Оскар“ со посебен акцент на сценариото и актерската игра.
Уживајте!
Филип Мишов