Џез-ансамблот „Бопхедс“ на 29 октомври имаше двојна промоција. Прво настапија на концертот „Dinner Sessions“ во камерната сала на Филхармонија, а потоа го промовираа своето деби-издание со наслов „At the Philharmonic“. Како индивидуални музичари своето образование го надградиле на џез-академијата во Грац, Австрија, а како колектив веќе неколку години музицираат и настапуваат на македонската џез-сцена. За одблиску да дознаеме за нивната работа разговаравме со Гордан Спасовски, композитор, аранжер и пијанист, а во разговорот ни се приклучија и Кирил Туфекчиевски и Трајче Велков.

На 29 октомври во камерната сала на Филхармонија го изведовте второто издание на „Dinner Sessions“. Со каква идеја е востановена оваа серија концерти?
– Проектот „Dinner Sessions“ започна во време на пандемијата додека не бевме во можност да настапуваме во живо. Најдобриот начин на којшто можевме да допреме до нашата публика во тој период беше студиското снимање во живо на композиции кои наменски ги компонирав за овој проект, а ги изведовме со колегите од „Bopheads“, „Groovy Loons“, Џон Илија Апелгрен и Марија Димитријевиќ.
Истата вечер го промовиравте и деби-изданието „At the Philharmonic“ на „Бопхедс“ (Bopheads), во издание на „ЗЏМ Рекордс“. Зошто овој албум е толку значаен за ансамблот?
– „Bopheads“ e ансамбл кој е составен од музичари кои творат заедно веќе неколку години, како во оваа, така и во некои други формации. Овој албум е резултат на таа повеќегодишна музичка соработка. Композициите кои имате можност да ги слушнете на овој албум се созреаниот плод од нашите досегашни изведби.
Кои музичари и соработници се вклучени во реализацијата на албумот?
– Албумот го снимивме во првичната формација на „Bopheads“: Кирил Кузманов на саксофон, Трајче Велков на труба, Кирил Туфекчиевски на контрабас, Виктор Филиповски на тапани и јас, Гордан Спасовски на пијано. Процесот на снимање се одвиваше во големата сала во Филхармонија, чијшто типичен простор и димензии можат веднаш да се препознаат во самиот материјал. Иницијатор на проектот беше Џијан Емин, кој, исто така, го организираше целиот процес околу снимањето на материјалот. Аудиоинженер е Ален Хаџи-Стефанов, кој, исто така, се погрижи за миксот, додека за мастерингот се погрижи Бојан Филиповски. Омотот на албумот го дизајнираше Небојша Наск. За издаваштвото се погрижи „ЗЏМ Рекордс“, благодарение на кое музиката може да се слушне на сите онлајн-платформи.
Колку името на ансамблот „Бопхедс“ дава насока каква музика изведувате и колку време функционирате како ансамбл?
– Како ансамбл функционираме веќе пет години. Во името може да се забележи хинт од, можеби, најголемото музичко влијанија за нас како индивидуи и како бенд, меѓутоа тоа не значи дека нашата музика се ограничува во еден музички правец. Се трудиме да бидеме што е можно поискрени при создавањето и при изведбата на музиката, а со тоа од себе ги изнесуваме сите наши музички искуства.

Во биографиите на членовите на ансамблот е нагласено нивното образование на џез-академијата во Грац, Австрија. Што научивте таму и зошто таа академија е толку важна во современата европска џез-музика?
– Академијата во Грац е најстарата џез-академија во Европа, која воедно има репутација и за една од најдобрите. Причината за тоа е класата на врвни професори, нивната посветеност и отвореност кон студентите, како и самите колеги кои во текот на своите студии покрај тоа што ги имаат до себе професорите од тој калибар, се надградуваат и комплементираат едни со други во овој процес. Исто така, една од најсилните страни на оваа академија е практичната примена на уметноста, односно сценската присутност за време на студиите, без разлика дали се работи за изведување, компонирање или аранжирање.
Лично се потпишуваш како композитор, аранжер и пијанист на дел од композициите објавени на деби-албумот на „Бопхедс“. Како се одвиваше твојата лична музичка патека?
– Со колегите од „Bopheads“ настапуваме заедно веќе неколку години, како во овој состав, така и во некои други формации, при што нашите музички искуства се испреплетуваат константно. Бидејќи создавањето нови композиции или аранжмани е дел од моето секојдневие, многу од тие плодови, сами по себе си покажуваат каде припаѓаат. Понекогаш се случува одредена композиција да не функционира најдобро во еден одреден состав, а да добие некоја поинаква димензија во друг. Исто така, може да се случи и некоја композиција првенствено напишана и изведувана од моето трио да добие поинаков аранжман и да претстави една поинаква слика, што е случај со некои композиции од албумот „Light Pillar“.

Минатата година излезе албумот „Light Pillar“, исто така во издание на „ЗЏМ Рекордс“, каде настапувате во трио. Како и кога беше создаден тој албум?
– Албумот го снимивме во 2019та година, пред да се појави пандемијата, што го пролонгираше издавањето на истиот. Процесот на создавање на овој албум беше ист како и во случајот со „Bopheads“. Некои композиции ги создадов специјално за овој албум и тоа беше нивната премиерна изведба, додека пак други беа веќе изведувани со моето трио, а потоа снимени на овој албум. Меѓутоа секоја изведба носи своја приказна. Тоа е убавината на џез-музиката.
Како композитори на албумот „At the Philharmonic“ се појавуваат и Трајче Велков и Кирил Туфекчиевски. Како ги создавате композициите?
Одговор на Кирил Туфекчиевски: Моите композиции се создадени врз база на претходен труд – слушање музика којашто е предизвик на секое мое поле, опкружувањето, луѓето со коишто свирам заедно со нивниот пристап кон музиката.
Одговор на Трајче Велков: Како и свирењето, така и компонирањето го сметам за начин на изразување. Верувам дека е дарба. Најчесто компонирам инспириран од настан, чувство, мисли, луѓе итн. Аранжманите првично ги пишувам според самата инспирација, а понекогаш ги менувам по потреба во зависност од ансамблот којшто ќе ги изведува.

Кои се следните планови на ансамблот?
– Најпрво ќе се потрудиме да ја претставиме нашата музика на што е можно поголем број сцени, а потоа, секако, ќе работиме на снимање на нов материјал, којшто е веќе во подготовка, но овојпат во проширен состав заедно со Иван Иванов на тенор саксофон.
Автор: Тони Димков
Фотографии: Огнен Ацевски