На 17 и 18 јуни, во Кинотека на Македонија, ќе се организира 9-то издание на филмскиот фестивал за музички документарни филмови Скопје Синема Сити. Фестивалот чие мото оваа година е „Приказните зад музиката“ ќе се отвори со групна изложба на музички фотографии „5х10“ на 5 истакнати македонски фотографи (Маја Аргакијева, Огнен Ацевски, Роберт Атанасовски, Зденко Петровски и Стефан Рајхл).
Филмот со кој ќе се отвори фестивалот е „Алелуја: Леонард Коен, патешествие, песната“ за песната на Леонард Коен која од отфрлен албум во 80-тите, по чудни околности, ќе стане една од најизведуваните песни на сите времиња. Ова е приказната за животот на песната „Hallelujah“ и сите музичари кои ја изведувале, од Коен до Џеф Бакли.
Следниот ден ќе следат филмови за Леб и сол: „Вкусот на успехот“ и за Френк Запа, „Изеди го прашањето: Запа со свои зборови“.
Инаку, Фестивалот традиционално доделува Награда за животно дело за успеси на полето на филмот и музиката, и оваа година таа награда ќе му ја додели на Џијан Емин, за неговите достигнувања во светот на филмската музика. Претходни лауреати во изминатите години, меѓу останатите, беа Руичи Сакамото, New Order, Ник Кејв.
Визуелното решение е дело на Даница Орцева, студент на Brainster. Фестивалот Скопје Синема Сити е во организација на здружението Номад-Арт Скопје и е помогнато од Општина Карпош, од Министерството за култура на Р С. Македонија и од Кинотека на С. Македонија.