Интензивни концертни активности имаше Ади Имери во овој период. Само во текот на мај настапи на три големи музички настани. На 4 мај беше дел од групата „Фулиш грин“ при нивниот промотивен концерт на албумот „Soul Revival“ во Денсинг салата во МКЦ. На отворањето на четвртото издание на музичкиот фестивал „Крај Вардарот џез“, на 18 мај на малата сцена во Филхармонија, Ади Имери настапи со триото на својот татко, Дамир Имери. Третиот настан беше четвртото издание на „Котон блуз фестивал“, што се одржа во МКЦ, а Ади Имери ја отвори втората вечер на 25 мај. Иако на сцената најчесто го гледаме со гитара во рацете, сепак, во разговорот со него, Ади Имери ни открива дека неговите креативни предизвици се многу подлабоки и многу пошироки.

Во овој период имаше низа концертни настапи со различни формации на различни локации, дури и со различни музички жанрови. Дали тоа значи дека паралелно работиш со повеќе групи и на различни проекти?
– Моето дејство во светот отсекогаш е водено од мојата уметничка интуиција, а таа најчесто ме носи на границите и пукнатините помеѓу жанровите, зашто имам интензивни глад и љубопитност за нови искуства, како и интерес да видам како можам најкорисно и најдиректно да ја манифестирам мојата креативна енергија.
Во мојата, веќе 20-годишна, активна кариера сум соработувал со безброј артисти и бендови, и тоа некако се постави како стандарден модус операнди за мене. Активно соработувам со „Некст ту сајленс“ (Next to Silence) со кои снимивме втор албум, „Фулиш грин“ (Foolish Green) и „Пич вајс“ (Peach Vice) со кои веќе извадивме прв албум, и снимаме втор. Во процес сум на формирање на три нови групи со кои ќе свирам збир од композиции и ситуации на кои работам изминативе три години, а активен сум и во театар. Годинава се најавени две театарски премиери летово, една со Хана Миленковска и друга со Дамјан Читкушев, како и бројни интердисциплинарни работилници и неколку продукции за кои сѐ уште е рано да зборувам. Константно сум во потрага по нови интересни луѓе за соработка и заедничко истражување, и наредниов период сакам повеќе да го поминам во лабораторија, да работам на креативен генетски инженеринг и на следното нешто што ќе ми ги заскокотка импулсите, а тоа е режирање на видео игра.

Работеше на новиот албум „Soul Revival“ на „Фулиш грин“ и со нив настапи на промотивниот концерт во МКЦ. Претходно со бендот настапи и на „Земјотрес“. Од кога потекнува соработката со „Фулиш грин“ и како лично го чувствуваш своето место таму?
– Во „Фулиш грин“ сум од самиот старт како колаборатор, поддржувач и колега, а моето место во проектот е екстензија на долгогодишното другарство со целиот бенд. Заеднички естетски гледишта нѐ споија, пак, во контекст на студиски креации и живи настапи за време на пандемијата, и ни поставија интересни нови заеднички цели.
Каков предизвик беше да ја свириш музиката компонирана од твојот татко Дамир Имери, со кого настапивте на фестивалот „Крај Вардарот џез“ во трио формација, каде на перкусии настапи и Ратко Даутовски?
– Свирењето со маг како Дамир е лесно како земање и испуштање воздух, а неговиот креативен јазик го познавам интимно и конкретно. Комплетен контраст од тензични, крути ситуации каде што изведувачите се борат со материјалот и презентацијата – кога и да засвириме се осеќам како да сум јавнал змеј.

Имајќи ја предвид твојата двојна улога на гитарист и вокалист на тој настап, имаше ли твое учество во процесот на компонирање и аранжирање на изведените композиции?
– Таму има „cutting edge“ композиции, како и мелодии кои ги знам откако знам за себе, а секој дел од заедничкото музицирање е нов, тековен и свеж. Тој ми влијае на мене, јас му влијаам на него, сите си влијаеме на сите. Мојот продукциски сензибилитет е таков што ги препознавам моментите на сирова и жива комуникација и инсистирам да се уловат тие работи додека излегуваат, необременети од прекумерно размислување и втори, трети и така натаму тејкови. Така што, сигурен сум дека тоа влијаело на целиот процес исто како што неговата архитектурална магија била едно од клучните влијанија во мојот живот, како ментор, колега и родител.

Со соло концерт настапи на „Котон блуз фестивал“. Какви подготовки направи за тој настан, имајќи ги предвид спецификите на блуз-изразот?
– Поради големиот број на ангажмани периодов, припремата беше повеќе концептуална и ментална, отколку практична, а и самото тоа ми оди во прилог, бидејќи голем дел од мојата пракса е базиран на шанса и на импровизација – дијалог со моментот и со конкретните услови на моментот. На денот на концертот, на тонската проба, пукна третата жица на главната гитара, и на мое огромно задоволство тој момент го одлучи репертоарот, атмосферата и генералната насока на музиката.

Потекнуваш од музичко семејство во кое и брат ти Дино (пијанист) и мајка ти Будимка (флејтист/продуцент) се поврзани со музика. Како се роди твојата определба кон гитарата?
– Поради нашата непосредна околина, со брат ми научивме музика како што другите деца учат азбука и немало ниту еден момент на сомнеж дека ќе влеземе во креативни музички активности и дека тие ќе ни бидат главна преокупација низ животот. Благодарение на мајка ми и татко ми, пораснавме во слободна атмосфера, каде што бевме третирани рамноправно и поради тоа никогаш не развивме импулс да се бунтуваме против родителите, туку имавме другарски „we’re in this together“ однос. Инаку, јас сум тапанар по вероисповест, и ритамот и сите негови манифестации ми се опсесија. Сите инструменти се привлечни.
Лесно ги освојуваш сите музички жанрови, но имаш ли омилена гитара која најубаво ги изразува твоите чувства?
– Отсекогаш сум сакал гитари кои немаат историја, контекст и комерцијален идентитет. Исто сум на ниет дека инструментот те бира тебе во прав момент, и дека треба да се помине солидно време со него за да се здругарите и осетите, па после да потече животна сила и електрицитет низ него, акустично или електрично. Конкретно приметувам дека луѓето најубаво реагираат на мојот триумфират од Јамахи – Revstar (блуе огин и плива во океан, електрична), CG201-S (цел оркестар во гитара, класична) и Guitalele-тo (компактно бисерче кое кога излегува од футрола сите сакаат да го слушнат, и сите микрофони на светот се заљубени во него).

Колку, во суштина, гитарата како инструмент ти служи за најавтентично изразување на сопствените емоции?
– Себеси се сметам за креативец како прво, концептуалист и продуцент како второ, а инструменталист тек на трето место. Свирам на многу инструменти и од сите црпам инспирација и можност за експресија, а гитарата не е ништо поразлична – освен фактот дека најдолго време имам поминато со неа како алатка, па можеби најбрзо можам да го изразам гласот преку неа, но подеднакво потентно се изразувам и преку мојот лаптоп, фендер роудс или Max/MSP patch за генеративна музика. Инаку, во светот на музиката чувствувам лимитиран сноп на луѓе со кои можам да ги поистоветам креативните потреби, па сум приморан да ги барам и во светот на гејмингот, литературата и новите медиуми – луѓе како Hideo Kojima, Chris Avellone, Shigeru Miyamoto, John Carmack… секогаш на раб на трансформација и нов израз.
Покрај соработката со различни бендови и формации, размислуваш ли за свој авторски албум?
– Стариот модус на снимање, издавање и промоција на музиката го чувствувам како лимитирање и застој кога креативната енергија цело време бара нов начин на манифестација. Едно време дури размислував наместо да ги делам моите дејности во псевдоними, да ги спојам во еден бескраен албум, кој доживува свои 2.0, 3.0 верзии и тн. и сега за сега тоа како идеја најмногу ми се допаѓа. Инаку, изминатава година имав три изданија – едно ЕП под мое име насловено „Трнодол“ и два инструментални mixtape-а под псевдонимот Futureproof01 (издаток од еден нов систем на соработка под име „Futureproof Labs“, наскоро повеќе информации и за ова) со наслов „Vol.1 – The Rogue Astronaut“ и „Vol.2 – Stranded in a sea of sonic strife“, а трите изданија можат да се слушнат на мојата Bandcamp-страница.
Тони Димков
Фотографии: Маја Аргакијева, Глигор Кондовски, Зденко Петровски