Пивското шише од стакло е идеално за реупотреба во ентериери и екстериери, за креирање декоративни и мебел елементи. Стаклото има долга традиција на производство, почнувајќи уште од 3500 пр.н.е., како супстанција е присутно секаде околу нас и има незаменлива употреба во секојдневниот живот. Се добива од природни материјали, одржливо е и може целосно да се рециклира. Пивското шише има одлична статика, впива и рефлектира светлина, дозволува да се комбинира со секаков друг материјал и да изгледа урбано несекојдневно.
Со малку фантазија и време од испразнето пивско шише се прават декоративни лампи, свеќници, држачи или уникатни вазни. Со поставување неколку шишиња на ѕид и комбинирање на ползечко растение, се добива разиграна вертикална градина во ентериер. Пивските шишиња групирани се употребуваат и како основа за да се изведе мебел, мали масички, софа, но и за уредување ноќни клубови, изработка на шанкови. Поради неговата транспарентност што овозможува пробив на светлина, забележана е практика на употреба на пивски шишиња при ѕидање куќи, уште на почетокот од дваесеттиот век. Денес постојат панели, ѕидови направени комплетно само од пивски шишиња.
Речиси секој има видено една досетлива и честа негова употреба во нечиј двор или градина. Имено, наједноставна за изведување, а многу ефектна е патеката од пивски шишиња.
Aнна