Возбудата од нивниот настап на „Здраво млади“ на 31 август ја пренасочивме во искрен разговор за новите перспективи во електронската музика, нивната визура на претходната работа од денешен аспект и, се разбира, ред муабет за Flashback, нивното последно издание, што критиката го оцени како „нивната најдиректна и најкритична музичка изјава досега“.
Со оглед на вашето огромно искуство на сцената и временската рамка во која сте активни, што се има променето во начинот на кој се консумира музиката во изминативе 20 години?
Она што го кажа Дејвид Боуви, дека музиката ќе стане како вода, се оствари. Музиката денес е инстантна и достапна во секое време. Има многу позитивни страни во начинот како ја консумираме музиката во денешницата. Секако дека продававме повеќе плочи и цедиња пред 20 години, но сега нема поента да се тагува по тоа време, туку само треба да се приспособите. Сега имаме сопствен лејбл и многу повеќе ги користиме придобивките од стримингот на нашата музика.
Од лична гледна точка, каква е разликата во креирањето музика на 20 и на 40-годишна возраст?
Мислам дека е многу важно да ѝ пристапите на музиката во средната возраст на истиот начин на кој сте ѝ пристапувале кога сте биле помлади. Како што стареат, повеќето групи стануваат полоши, а тоа е резултат на повеќе различни фактори. Понекогаш се случува да им пресушат идеите или да рециклираат една иста идеја одново и одново. Во други случаи, нивните технички способности и знаења се зголемуваат на штета на музиката, па од тој аспект гледано многумина и претеруваат во тој правец. Често си мислам дека колку што е поголем успехот на бендот, толку поголеми се шансите тој да тргне во погрешен правец. Ако мислите дека сите ве сакаат, лесно е да станете самозадоволни. За среќа, ние никогаш не стекнавме огромна популарност и сметам дека, посебно во последниве пет години, се подобривме како бенд, а нашата музика сè yште звучи свежо.
Што се случува кога некој бенд ќе направи албум како „Transparent Things“ во раната фаза од кариерата? Дали е потешко отпосле да се натпреварува самиот со себе во креирањето нешто ново што ќе го надмине таквиот успех?
Нормално, првиот албум од одреден бенд им останува фаворит на слушателите, посебно ако нивниот звук и естетика е препознатлив, како во нашиот случај. Сепак, мислам дека „Transparent Things“ има нешто што е тешко да се одреди прецизно. Можеби бидејќи го направивме пред да стекнеме публика и не бевме оптоварени со очекувањата дали ќе доживее успех. Мислам дека до пред некое време носевме грижа на совест и вина бидејќи сè што правевме го споредувавме со „Transparent Things“, бидејќи знаевме дека им е омилен на луѓето што ја следат нашата работа. Поентата е дека музиката отиде напред и ако го повторувавме филингот на тој албум во денешно време, сигурно немаше да биде толку добро и ќе беше бесмислено, бидејќи тоа е нешто што е веќе зад нас. Кога мислам на тој албум, ги слушам сите наши музички влијанија за кои сега сметам дека сме ги надраснале и сме создале сопствен идентитет. Многу повозбудливо е да работиш нешто што не си го правел досега отколку да повторуваш нешто што е веќе направено.
Каква e идејата зад последниот албум „Flashback“?
И јас и Стив пораснавме во раните 80-ти, па така нашиот прв контакт со музиката (освен оној со колекцијата плочи на нашите родители) се поп-песните од таа ера, креирани под влијание на технологијата. Електронската музика беше насекаде и звучеше свежо и возбудливо. Flashback за нас е поглед наназад кон тој период од денешна призма.
Песната „Gammon“ од истиот албум е искрена реакција на културната миопија, на сето она што на светот му го донесоа Brexit и ерата на Трамп… Колку дозволувате политичките моменти да влијаат врз вашата музика?
Нормално, не сакаме политика во музиката исто како што не сакаме да ни биде наредувано што да мислиме. Тешко е да се танцува на песна за „про“ и „контра“ ставови во врска со комунизмот, да речеме. Brexit e толку глупав што сметав дека ќе беше погрешно и кукавички од нас да не го опфатиме во нашата музика. Всушност, станува збор чисто за тоа колку се забавни и смешни случувањата околу Brexit.
Почнувајќи од „Electro Karaoke in the Negative Style“, кои се најголемите пресвртници во досегашната работа на Fujiya & Miyagi?
Мислам дека пресвртница е „Transparent Things“ бидејќи тоа беше порталот низ кој повеќето влегоа во нашата музика. И мислам дека нашиот албум од 2017 (насловен исто така Fujiya & Miyagi) во кој компилиравме 3 EP изданија, трасираше нов пат нанапред и артистички нè препороди. Се надевам дека ова не звучи пренадмено и помпезно.
Како гледате на регионов кога доаѓате да настапувате овде? Од каква перспектива нè перципирате и што очекувате од публиката во Скопје, на „Здраво млади“?
Сме настапувале во Скопје и порано, а не толку одамна имавме и балканска турнеја со Rib. Исто така настапувавме и во Тирана, и супер си поминавме. Се трудам да немам предрасуди и однапред формирани очекувања пред да посетам некоја земја. Преферирам да ги проценувам работите на самото место, да ја спознавам нивната вредност директно. Се надевам дека скопската публика ќе си ги донесе обувките за танцување, а ние ќе дадеме сè од себе да ги искористат максимално таа вечер. Ќе ги разиграме.
Јосип Коцев