Самир е млад дечко кој живее во Тетово, град кој сè уште ја чувствува етничката тензија и поделба од воениот конфликт во 2001 година. Тој живее со неговите родители и во потрага по подобар живот сака да си замине од родниот град, согледувајќи ја суровата реалност дека не се наѕира светла иднина за младите во државата. Во маалото на Самир, реге бенд има проблем со станарите поради користење на заедничките простории како место за проби, налик студио и главната преокупација на колективот е пронаоѓање решение за овој проблем. Младата Ана-Марија е дел од црковниот хор и левичарка која верува дека најдобро е младите да останат во земјата и да се борат за подобра иднина преку остварување на Титовите идеали…
Сценариото на брачните сопружници Билјана Гарванлиева и Мануел Цимер обработува приказни на три протагонисти со различни желби, идеали и начин на живот кои во одредени моменти се испреплетуваат поради фактот дека живеат во мал град. Дејствието го опфаќа животот во Тетово во целост, претставен од надежните млади генерации, па сè до постарите луѓе кои тапкаат во место и слободното време го поминуваат пред локалната трафика пиејќи пиво. Темата на овој долгометражен документарен филм е многу блиска за домашната публика, а камерата на Цимер директно ја пренесува емоцијата и го прави „Тетовски самрак“ емоционален ролеркостер за гледачите, од моменти на хумор до носталгија и солзи при песната „Ој девојче“ и последните денови на главниот лик минати во родниот град покрај најблиските.
Режијата на Билјана и Мануел симболично слика на филмското платно и приказот на двата папагали затворени во кафез во домот на Самир, ја отсликува заробеноста на неговите родители во една комфор зона, изолирана од новиот, либерален свет која е затворена за нови идеи. Замисла, од која протагонистот стравува во себе дека ќе го снајде слична судбина доколку не искуси нови авантури и не ги прошири неговите светогледи, надвор од родниот крај. Исто така, филмската естетика е присутна на голема врата, богата со широк репертоар на детали, од статичните кадри во кои се полнат теглите со ајвар, до топлиот грав зготвен со љубов од мајката, берберницата и локалните објекти кои се покриени со графити и останати натписи од различни групи.
Цимер ја има и улогата на главен снимател и тој ја дели динамиката на кадрите во зависност од животното темпо кое го практикуваат главните ликови. Од сцените во кои фокусот е на Самир преку динамични кадри, гледаме дека тој негува различен живот во однос на статичните кадри со членовите на реге бендот. Моментите во кои камерата се става во прво лице, односно во улога на очите на гледачот, дава посебен шмек кон искусување на градот во целина. Мошне мудрото изостанување на сегашноста и именување на протагонистите преку нивните успеси (Самир Љума е реномиран кинематографер – „Медена земја“, а „Conquering Lion“ е истакнат македонски реге бенд) го прават филмот уште поблизок до гледачот.
Прерано починатата режисерка, сценаристка и драматург Билјана Гарванлиева се збогува со филмскиот свет преку „Тетовски самрак“, а нејзината богата кариера брои вредни награди и признанија ширум Европа. Сопругот Цимер, три години по нејзината смрт, успева да го заврши филмот и ја оживува нивната љубов преку изложбата „Љубените – Сеќавање на еден заеднички живот“ која е дел од овогодинешното јубилејно издание на „МакеДокс“.
„Тетовски самрак“ е брилијатно филмско остварување кое фантастично зборува низ кадри и открива чувства и емоции со симболи. Одличната соработка на Гарванлиева и Цимер во однос на сценариото и режијата е лишено од конфликт на улоги, што е уникатен случај. Фантастичната кинематографија и прецизната монтажа на Сашко Потер Мицевски ја оформуваат конечната слика за филмот, а пораката е најважна, Самир може да биде било кој од нас, а тешките солзи на мајките и заедничките проблеми, не познаваат раса, вера и нација…
Филип Мишов