Сакајќи да ве вовлече во својот вител, неговата фотографија се обидува да отвори канал за комуникација со вас, и токму таа лишеност од површното е она што остава длабока трага и ве тера да го присоедините делото со контемплацијата за него. Разгледувајќи ги darkwhiterism и особено project 06, ќе заклучите дека убавото и непријатното, кај Дарко функционираат во хармонично заедништво.
Дарко, опиши ни го твојот влез во светот на фотографијата, како човек што досега се образовал за две екстремно спротивни професии (забен техничар, па социолог) и има многу полиња на интерес…
Белиот мантил, мирисот на лекови, вресокот на пациентите, црвената исплукана крв врз белите памукчиња, белите плочки и неонки се со мене уште од моето детство. Додека лекарите околу мене си ги мереа инструментите и пациентите, јас сакав само да ја разберам големата општествена слика. Не можев да се поврзам со тоа што ми беше наметнато, бидејќи ми изгледаше стерилно, празно и досадно. Не сакав да им буричкам во устите на рандом пациенти за некаква си парична компензација. Не го сакам обичното и постојано бегам во сите спротивности што ми изгледаат забавни. Додека бев студент по социологија, фотографијата ми стана сенка што ми го прави интересно секојдневјето.
Велиш дека порано му се спротивставуваше на целиот тој концепт на претставување на фотографијата на социјални медиуми од типот на Инстаграм. Потоа се родија darkwhiterism и project.06. Што добива, а што губи добрата фотографија (или можеби фотографот) на тој пат од нејзиното создавање до поставувањето на Инстаграм?
Во моите почетоци на фотографијата, учев од литература што ја пишувале фотографите од 20 век. Тогашното мое стојалиште не го прифаќаше концептот на Инстаграм. Сите профили на оваа социјална мрежа ми изгледаа исти, луѓето се натпреваруваа кој ќе собере повеќе лајкови, а не кој ќе остави поголем впечаток со својата фотографија. Darkwhiterism веќе постоеше и само го преместив на Инстаграм, за разлика од project.06 кој е чист Инстаграм-проект. Морав да се приспособам на моето актуелно време, во кое авторот има само една секунда внимание пред гледачот да продолжи со скролање. Добрата фотографија не губи ништо каде и да е објавена, едноставно е добра фотографија! Првобитната идеја што фотографот ја има замислено, се губи кога се судира со публиката, бидејќи публиката е таа што си создава своја теорија за тоа што претставува фотографијата и што сакал уметникот да пренесе.
Во твоите фотографии се забележува дека имаш специфичен однос кон телото и телесноста. Ја покажуваш убавината, но никако како безгрижна, лелеава и лесна за гледање. Која е целта на ваквиот пристап?
Јас би рекол дека убавината не треба да им се сервира лесно на гледачите, бидејќи тие сè уште не се спремни да се соочат со неа. Според мене, убавината не треба да се расфрла толку конвенционално и привидно, сакам убавината да биде контроверзна, озборувана и непријатна. Уличната и пејзажната фотографија ми се досадни, па поради тоа преферирам да фотографирам човечки модели. Од таму и тој специфичен однос кон телесноста. Телото како тема на мојата фотографија го поставувам како што пејзажниот фотограф го користи небото. Доближувањата до одделни делови од телото, извадени надвор од контекст, создаваат перцепција на повеќезначност. Од секоја различна позиција на прекршување на телото, во фотографијата се создаваат нови координати во веќе постојните граници.
Како антипод на сето тоа, изненадува твојата вклученост во проектот „Големи и мали“. Раскажи ни нешто за идејата зад овој твој проект.
Ахх, „Големи и мали“. Во моите аматерски почетоци, кога одев на сите страни со апаратот в рака и фотографирав сè што ќе здогледам наоколу, најмногу фотографии имав од деца. Малите деца ми се посебна доза на инспирација, бидејќи се многу искрени и со непрекината волја за противење на правилата од родителите. Имаат полни батерии и не им се троши енергијата, не се предвидливи и се многу креативни во правењето пакости. Мене тоа посебно ме фасцинира. Така, од фолдери полни фотографии со деца и родители, направив сопствен бренд – фотографски сервис за детски родендени, фамилијарни портрети и така натаму.
Техничката опрема за фотографирање се развива со молскавична брзина. Каква улога и какво значење ѝ придаваш во твојата работа? Дали е примарен услов за добра фотографија?
Сè се развива со молскавична брзина освен креативноста. Опремата за фотографирање е значајна ако работиш астро-фотографија или фотографираш трка со формули; ако сакаш да се занимаваш со уметничка фотографија, мораш да се ослободиш од потребата за добра опрема. Не е важно дали фотографијата е технички добра туку која е содржината на таа фотографија. Во мојата работа опремата за фотографирање стои на претпоследно место од работите што ми се важни за една фотосесија.
Неодамна работеше на проекти во Берлин, Хамбург и во Париз, и несомнено, првиот впечаток на луѓето што го посетуваат твојот Инстаграм-профил е дека му припаѓа на странски фотограф. Зошто, според тебе, постои таа перцепција дека квалитетното по автоматизам е странско? Какви се твоите искуства од работата надвор од Македонија?
Во Берлин и во Хамбург не работев на проекти, туку неочекуваните дружби резултираа со впечатливи фотографии. Додека, пак, во Париз отидов исклучиво на работа за која бев повикан од таму. Разликата во работата кај нас и во европските земји е многу голема, сметам дека е небулозно да објаснувам зошто, туку ќе се задржам на перцепцијата дека странското изгледа попрофесионално од нашето. Во европските градови постои вистинска сцена (постои авангарда, кич и шунд) и секој си ги пушта корените во таа сфера за којашто е способен. Кај нас постои една и единствена сцена, која јас ја нарекувам трач-сцена, која е многу мала и луѓето се повеќе заинтересирани за приватниот живот на моделот отколку за самата фотографија. Во ваквата наша сцена постои креативен дефицит, што ја прави фотографијата мрзлива и здодевна. Странските фотографи се ослободени од стандардот што е застапен кај нас (фотографии со небо, улични бандери и жици). Тие се послободни и похрабри да експериментираат во пристапот. Сметам дека еден фотограф би бил уметник доколку е критичен и контроверзен.