„Чувари“ (Watchmen)
Оваа серија содржи сè, од хумор до бескомпромисна сериозност. Се занимава со сложени теми како траума, расизам и идентитет. Фокусот е на настаните околу расистички напад во Тулса, Оклахома, во 2019 година. „Seventh Kavalry“ е бела супремациска група, која се крева против полицијата во Тулса поради наводни расни неправди, што ги тера припадниците на полицијата да стават маски и да ја спречат оваа група во нападот на нивните домови по критичната „Бела ноќ“. Анџела Абар (Реџина Кинг), детективка позната како Сестра Ноќ, го истражува убиството на нејзиниот пријател и претпоставен Џуд Крафорд (Дон Џонсон) и притоа открива многу тајни. „Чувари“ доби одлични критики, Rotten Tomatoes ја оцени како храбра и тешка за гледање, но со додавањето нови слоеви културен контекст и вградувањето комплексни ликови, оваа серија успешно си прави импресивен сопствен идентитет.
„Неверојатно“ (Unbelievable)
Феминистичка, умна, радикална крими-серија. Триото Тони Колет, Мерит Вивер и Кејтлин Девер се едни од најдобро изградените ликови во серија за 2019 година. Оваа минисерија е базирана на статија од 2015 година насловена како „Неверојатна приказна за силувањето“, за која авторите Т. Кристијан Милер и Кен Армстронг добија Пулицерова награда. Серијата е драматизација на сериските случаи на силување во Вашингтон и во Колорадо во периодот од 2008 до 2011 година. Станува збор за приказната за Мери, која е тинејџерка обвинета дека лажела оти била силувана, и две детективки што ќе изодат неверојатно сложен пат за да стигнат до вистината. Кога ја гледате, чувствувате почит кон овие жени, но воедно ги преживувате настаните на своја кожа. Одлична серија!
„Руска кукла“ (Russian Doll)
„Руска кукла“ е приказна за Надја (Наташа Лион) и за нејзиното патешествие како почесна гостинка на една њујоршка забава од која не може да се избега. Таа умира неколкупати, секогаш рестартирајќи се во истиот момент на забавата и трудејќи се да открие што, всушност, се случува со неа. Серијата е отворена за интерпретација и претставува возбудливо возење на емоционален рингишпил. Воодушевува емпатијата што ја прикажува, како и искуството што ни го нуди на теренот на менталните болести и она што го наследуваме од нашите родители. Силна препорака за гледање 😊
„Молчи со отворена уста“ – Снежана Младеновска Анѓелков
Овој роман ќе го најдете во „Или-Или“. Штотуку влезе во тесна конкуренција за наградата „Роман на годината“. Авторката вели дека ова е роман за „премолчената историја, семејната и личната, и стравот дека сеќавањата би можеле да избледнеат со годините, а никогаш не би требало да бидат заборавени“. Во својата рецензија на романот, писателката Калина Малеска го забележува следното: „Молчи со отворена уста“ е роман заснован на вистинска приказна, а во него се внесени записи од реални документи и досиеја, биографија, страници од весник, магнетоскопски запис. Но приказната е и наративно обликувана во структура што сите овие записи од реалноста ги става во контекст на семејниот живот, даден преку перспективата на повеќе наративни гласови, а во чии рамки сите членови – изложени на животните предизвици со кои се соочуваат – страдаат и созреваат.
„Во лавовска кожа“ – Мајкл Ондачи
„Во лавовска кожа“ е еден од најновите наслови во книжарницата „Антолог“. Мајкл Ондачи е еден од најнаградуваните канадски автори и добитник на Букеровата награда (Се сеќавате на „Англискиот пациент“?)
Ова е магична приказна за страста, привилегиите и за суровата физичка работа, за мажите и за жените мотивирани од сомилоста и водени од моќта на своите соништа – понекогаш дури и со убиство. Неодоливата мистерија се одигрува во возбудливиот турбулентен свет на Канада, во дваесеттите и во триесеттите години на 20 век. Мајкл Ондачи ги испреплетува авантурата, романсата и историјата, вистинска и измислена, вовлекувајќи нè во животите на мигрантите Македонци, Срби, Финци и Италијанци, кои работат на изградбата на Торонто, и во цела галерија други ликови: политички моќници, анархисти, градители на мостови, исчезнат милионер и неговата љубовница, спасена калуѓерка и шармантен крадец.
Овој роман си игра со границата помеѓу историјата и митот, модерен класик.