Повторно убави вести од „Dancers United“. Овој пат тие доаѓаат од Италија, каде што танчарите учествуваа на Европското првенство во хип-хоп.
Танчарите со Даунов синдром од „Dancers United“ заедно со своите ментори и родители на 16 мај ја започнаа авантурата за добивање уште едно признание за својот труд , пожртвуваност и талент. Во Римини, Италија, во склоп на Европското првенство во хип-хоп, имаше и Светски куп за пара-танц хип-хоп група. Нашите танчари на 18 мај, полни со желба за победа и афирмација, повторно го освоија златниот медал! Среќата што се доживува кога се слуша нашата химна додека ги вееме знамињата е неопислива.
Овие достигнувања се признание на трудот и упорноста на „Dancers United“, кои веќе шеста година успешно работат на инклузија на овие лица и можностите на лицата со попреченост. Воедно ова ги прави „Dancers United“ и најтрофеен клуб, со највисоки европски и светски медали.
Групата со Даунов синдром минатата година ги освои титулите европски шампиони (мај – Џенова, Италија) и светски шампиони (октомври – Киелце, Полска), додека латино јуниорската група со типичен развој во март годинава на Европското првенство во Москва се искачи на второто место во категорија латино шоу, а го освои и второто место во модерен балет, соло девојки и постари младинци.
Приказната продолжува, а целта е што повеќе луѓе да слушнат за нашите шампиони и што повеќе луѓе да ни се приклучат во благородната идеја на нашиот општествено одговорен инклузивен танцов клуб, а тоа е едно еднакво општество за сите!