Во потесна конкуренција влегуваат документарците: „Collective“, „MLK/FBI“, „Crip Camp“, „Dick Johnson is Dead“, „The Truffle Hunters“, „Time“, „Boys State“, „All In: The Fight for Democracy“, „Welcome to Chechnya“ и „76 Days“. Конечните номинации ќе бидат објавени на 15 март, а еве што успеавме да издвоиме во меѓувреме:
„Collective“
По пожарот во Букурешт, кој ќе го проголта ноќниот клуб „Колектив“, ќе ги однесе животите на 27 луѓе и ќе рани дополнителни 180, луѓето излегуваат на протести поради корупцијата, неодговорноста, недостатокот на излези во случај на пожар како и соодветни здравствени и безбедносни инспекции. Во текот на следните месеци ќе починат уште 37 други жртви, поради несоодветната здравствена нега во јавните болници. Овие настани доведоа до бес и огорченост и предизвикаа масовни протести, што ја натераа тогаш владејачката социјалдемократска партија да си поднесе оставка. Потоа новинарите почнуваат да го истражуваат лошиот менаџмент за јавните здравствени институции.
Според повеќе извори, пациентите умреле поради бактериски инфекции од разредени средства за дезинфекција, што ќе ги натера новинарите да ги ја продлабочат истрагата. Тестирањето потврдило дека средствата за дезинфекција доставени до јавните болници биле разредени за 10 проценти од она што требало да бидат. Новинарите објавуваат сторија за снабдувачот „Хекси фарма“ и за тоа како ја фалсификувале документацијата за испорачаните средства за дезинфекција. Понатаму приказната покажува како владата очигледно не презема никакви чекори за правилно верифицирање на добавувачот и неговите производи и не успеала да ги заштити пациентите од оваа груба неправда. Овој документарен филм доби одлични критики и многу награди и со право се наоѓа на листата за најдобри документарни остварувања во конкуренција за Оскар.
„Welcome to Chechnya“
Овој документарен филм на Дејвид Франс ги опфаќа судбините на припадниците на ЛГБТИ-заедницата што се обидуваат да побегнат од прогонот на руската држава. Повеќето од протагонистите имаат скриен идентитет, бидејќи филмот ги опфаќа обидите да се прошверцуваат преку границата и да побегнат во побезбедни држави. Документарецот открива застрашувачки докази за тортурата што ја трпат овие луѓе во руската држава Чеченија, како од целосно непознати луѓе, така и од членови на нивните семејства. Интересен податок за филмот е тоа што наместо досегашното криење на идентитетот со замаглени видеоматеријали или дисторзирано аудио, Франс ја користи „deepfake“ технологијата, заменувајќи ги лицата на вистинските бегалци со лица на волонтери.
На тој начин, Франс комплетно ги сокрива клучните физички карактеристики на протагонистите, притоа овозможувајќи им во целост да ги раскажат приказните за агонијата, осаменоста и стравот што го чувствуваат во својата земја. Се разбира, ова се прави со цел да ги оневозможи чеченските власти да трагаат по луѓето што веќе побегнале од теророт. Некои од нив се обидуваат да извршат самоубиство, а други, пак, исчезнуваат без трага. Документарниот филм „Добре дојдовте во Чеченија“ е потресно сведоштво за страшната дискриминација и за егзодусот со кои се соочуваат голем број граѓани само затоа што се такви какви што се.
„Crip Camp“
И третиот документарец што го разгледуваме е позитивна приказна. Режисерите Џим Лебрехт и Никол Њухам ја обработуваат идејата дека еден камп за инвалиди поттикнал чувство на заедништво и креативност што директно придонело за развојот на американското движење за правата на лицата со попреченост во 70-тите години на минатиот век. Кампот Џенед, основан во 1951 година, за многумина претставувал место на кое можело да се ужива во пријатна атмосфера, во дружба со други лица со попреченост. Пријателствата што ги оформувале таму, ја зголемувале нивната самодоверба. Во овој документарец се опфатени и други важни прашања, како, на пример, развојот на сексуалноста кај лицата со попреченост. Исто така, овој филм ја поврзува битката за правата на луѓето со попреченост со борбата за сите други граѓански права. „Crip Camp“ има универзална порака – семето на промена што е посадено кај младите може да доведе до радикални ефекти во глобални рамки.
Драган А.