Дождот ќе подготви низа неочекувани средби и забавни авантури за обајцата.
Од 22 часот во може да се види „Пијавици“ на Драган Маринковиќ. Филмот опфаќа периодот меѓу 1996 и 2000 година, односно четири од десетината ужасни години за Србија на крајот на дваесеттиот век. Главниот лик е писателот Петар Мириќ, човек чиишто идеали за слобода, чесност, моралност и правдина, значително се разликуваат од начинот на живот во Србија под Милошевиќ. Своите ставови за разни настани тој ги изразува јавно како коментари на локална телевизија. Добива сериозни закани и понуди од полицискиот безбедносен сектор, но одбива да соработува. Филмот ја прикажува неговата борба против обесправеноста и автократијата, кои за жал повторно воскреснуваат во денешна Србија.
Во киното Фросина од 19 часот можете да го погледнете домашниот краток филм „Што крие дождот“ на Сергеj Сарчевски. Филмот раскажува за преселбата во странство на надежен студент кој се соочува со осаменост и со предизвикот да се снајде емотивно и професионално во една голема светска метропола.
Во рамките на СинеБалкан, од 19:10 следува Куќата на Ага на Лендита Зекурај. Филмот е емотивен приказ на животите на пет жени низ очите на деветгодишно момче, кое трага по неговиот исчезнат татко. Деветгодишниот Ага живее со мајка му и четири други жени на зафрленa планинска локација во Косово. Ага се обидува да заработи со продажба на цигари, но главна цел му е да продолжи да го бара исчезнатиот татко. Единствената машка фигура во неговиот живот е Цера, кој е брутален и суров и покрај тоа што го варди Ага, кој е премногу млад за да разбере зошто живее на таква локација само со жени. Кога наеднаш излегува еден неочекуван итен случај, Ага е приморан да помогне и тоа доведува до низа настани што ќе му ја разоткријат вистината.
Инаку, на вечерашната проекција на филмот „Meaning of life“ во 21 часот во кино Фросина, на која ќе присуствува и продуцентот Стив Абот, нему ќе му биде доделена наградата за Долгогодишното посветено работење на Монти Пајтон. Наградата ќе ја врачи амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј.
Во МКЦ, од 21:30 ќе биде промовирана книгата „Long play – zabeleške u vremenu“ од Борислав Пешиќ Благоја. Се работи за фотомонографија, која содржи 1332 портрети на 333 регионални музичари што твореле во периодот помеѓу 1950-2000 година. Жанровски најзастапени се рок музичарите, а на страниците на книгата ќе ги препознаете и великаните на поп музиката од овој регион, како и некои снажни ликови од џез и блуз сцената. Книгата е во формат на грамофонска плоча во ексклузивно пакување со кутија. Печатена е на три вида хартија во две различни техники и треба да се најде на колекционерските полици опкружена со музика од плочите на уметниците опфатени во неа. На речиси 400 страници може да прочитате и биографии со интересни „цртички од животот“ на музичарите со кои растеле генерациите од регионов.
И се разбира, од 23 часот одиме на концертот на германскиот инди-рок бенд The Notwist. Основан во 1989 година, бендот поминува низ неколку музички инкарнации, притоа успевајќи да одржи релативно стабилна постава. Додека раните албуми им се движат од хеви метал до дарк инди-рок, поновите изданија со кои привлекуваат најмногу внимание се главно под влијание на електронската сцена, како и другите изведувачи на продуцентската куќа Morr Music.