Во галеријата на МКЦ, пред публиката, во која ги забележавме македонските музичари Кокан Димушевски, Васко Атанасоски и Тина Горовска од „Бернајс пропаганда“, Перо Камиказа, Картер, Тони Китановски, Пеце Суперхикс, промоторите Петар Јањатовиќ од Белград , домаќинот Тоше Филиповски и авторот споделија како се создавала книгата.
Идејата кај авторот се родила една вечер по неговата изложба на фотографии „Blues faces“ – портрети на белградски блуз-музичари. Тој помислил дека бројката од 45 фотографии може да ја дополни и со рок-музичари од целиот регион. Направил список на музичари и посакал да му се исполни идејата како роденденска желба.
Бројот 333 не е случаен, лонгплејката има 33,3 вртежи во минута. Книгата има формат на лонгплејка, спакувана во картонска кутија, затоа што смета дека местото ѝ е меѓу плочите.
Сите музичари се сликани на црно, барско столче, кое патувало со него на сите фотосесии. Заедничко за фотографиите е црната зандина, исто светло, од левата страна, со што сакал да постигне чувство како сите фотографии да се направени во ист простор и во еден ден.
Габи Новак е една од ретките што не седнала на барското столче.
Првата фотографија ја направил на 11 февруари 2013 година. Цели шест и пол години траела оваа негова фотографско-патувачка авантура.
Изборот на музичари е личен, без да се грижи дека некој ќе се налути што го нема. Музичарите се претставени поединечно, не како дел од групи.
Од музичарите што сакал да ги има во книгата, а до кои не успеал да дојде, се Џони Штулиќ и Ѓорѓе Балашевиќ. За Џони Штулиќ бил спремен да отпатува до Холандија, го контактирал преку неговиот басист Стив Кип, но одговорот бил – не доаѓа предвид!
Балашевиќ не бил заинтересиран иако ургирале и ќерка му и жена му. Мисли дека ќе му биде жал што го нема, кога ќе ја види книгата.
Џими Станиќ е најстариот музичар застапен во книгата, роден 1929 година, кој живее во Загреб, а најмлади претставници се Македонците Васко Атанасоски и Тина од „Бернајс пропаганда“.
За македонските музичари особено му е благодарен на Тошо Филиповски, кој кога го побарал и му ја кажал својата замисла, му рекол „само ти дојди и сè ќе ти биде организирано“. И така би. Тоше ги контактирал музичарите, закажал фотографирање и сè течело точно по план.
Во книгата се застапени и музичари што не го дочекале нејзиното печатење, Арсен Дедиќ, Влада Дивљан, Тигран Калебота, тапанарот на „Психомодопоп“…
За книгата пишуваат Петар Јањатовиќ, белградски рок-критичар, новинар, автор на Еx YU Rock енциклопедија, Синиша Шкарица, хрватски продуцент и музички уредник, Грега Томц, член на култните „Панкрти“, и Владо Симиќ Вава, рок-музичар.
Петар Јањатовиќ бил најголемата поддршка во текот на реализацијата. Тој ја сфатил големината на овој проект, можеби единствен од ваков вид во светски рамки.
Авторот не ја доживува книгата како енциклопедија туку како романтично патување низ времето. Во книгата се поместени многубројни анегдоти за време на снимањето.
Патар Јањатовиќ нè почести со една за Арсен Дедиќ: кога го зафркавале другарите дека не може да наполни стадион како Томсон, Арсен им одговорил: „Не може ни тој театар“.
Авторот Пешиќ, пак, заклучи дека е среќен оти после целата работа на книгата, му останале 333 пријатели.
Илинка Делчева
фотографии од промоцијата: Зденко Петровски
останатите фотографии се преземени од www.longplaybook.com