Отворањето на фестивалот е со премиерата на филмот „Ефектот на среќа“ во режија на Борјан Зафировски. Затворањето ќе биде со проекција на филмот “Beyond the Horizon” во режија на швајцарската режисерка Delphine Lehericey, филм, кој е снимен како македонско–швајцарска копродукција, каде што малцински продуцент од Македонија е Кино Око на продуцентот Роберт Насков, а во филмот главната улога ја толкува познатата француска актерка Летиција Каста. Годинава, CINEDAYS се приклучува кон светската прослава на 50 години од првото емитување на комичната серија “Monty Python’s Flying Circus” на BBC 1 во далечната 1969, која колективот денес ја презема како годишнина од формирањето на групата со низа специјални појавувања, настани, филмски проекции низ Британија и Европа. CINEDAYS станува дел од овој јубилеј со специјални проекции на нивните пет филмски остварувања (“And now for something completely different”, “The Meaning of Life”, “Live at the Hollywood Bowl”, “Monty Python and the Holy Grail”, како и “Life of Brian”). Како специјален гостин во рамките на оваа програма е продуцентот Стив Абот, нивен долгогодишен соработник и продуцент на нивните филмски остварувања кому на CINEDAYS ќе му биде врачена наградата за Животно дело за неговата работа со Монти Пајтон. Покрај истото, г. Абот ќе има и свој Мастерклас за пошироката јавност и филмската публика.
Награда за најдобра филмска музика на авторски филм
За прв пат оваа година, CINEDAYS воведува нова награда, а тоа е Наградата за најдобра филмска музика на авторски филм, каде што жирито во состав: Александар Пејовски, композитор, Дарија Андовска, композитор, пијанист и музички автор, како и Влатко Галевски, филмски критичар, ќе одлучи за најдобрата музика на филм од компетитивните селекции.
Воведувањето на оваа награда за нас претставува менување на курсот на фестивалот, дистанцирање од вообичаените практики на сите европски фестивали (наградите за најдобар филм и режија) и свртување на фокусот кон третирање на авторите во филмот, чија работа е помалку застапена во листата на наградени низ останатите фестивали – велат од CINEDAYS.
Привлечни гала проекции на најдобрите европски филмови
ГАЛА проекциите во вообичаениот состав: најдоброто и најнаградуваното од Европа: последното остварување на омилениот скопски режисер Jim Jarmusch и “The Dead Don’t Lie”, “Rainy Day in NY” на вториот омилен – Вуди Ален, Bong Joon-ho и неговиот кански победник “Parasite”, Ken Loach со “Sorry We Missed You”, Francois Ozon и “By the Grace of God”, “Wasp Network” во режија на Olivier Assayas, “The Golden Glove” на Fatih Akin, “An Officer and a Spy” на Роман Полански, “Young Ahmed” на Dardenne brothers, “Тhe Truth” на Hirokazu Kore-Eda, “Pain and Glory” во режија на Алмодовар, берлинскиот победник “Synonyms” во режија на израелецот Надав Лапид и многу други.
Во меѓувреме следат и најдобрите дебитантски или втори филмови на европските режисери во Официјалната селекција и програмата CineBalkan, каде што жирито во состав: Владимир Ангелов, директор на Кинотеката на РМ, Маријана Гаивао, режисерка, Кјара Катерина, режисерка, Сања Дракулиќ, кастинг директорка, Наташа Петровиќ, актерка и Кујтим Чашку, режисер, ќе одлучат за најдобрите остварувања во двете селекции.
Соработка со on demand платформата CINESQUARE
CINEDAYS годинава повторно соработува со on demand платформата CINESQUARE (cinesquare.net) за истовремената проекција на документарниот филм „Каде си, Жоао Жилберто“ на фестивалот, но и онлајн на платформата. Во чест на 18-то издание, соработката оди дотаму што филмови од претходните изданија на CINEDAYS се достапни преку платформата во специјална онлајн соба посветена на фестивалот. Со тоа CINEDAYS се приклучува на примерот на големите фестивали нудејќи офлајн и онлајн програмски содржини, нудејќи им можност на оние што не можат да присуствуваат на фестивалот да гледаат дел од годинашните, но и од минатогодишните програмски содржини.
Премиера на „Небеска тема“ и „Стакло“ во рамките на музичките документарни филмови и настапи на The Notwist и Роџер Ино
Во рамките на музичките документарни филмови, ќе ја имаме долгоочекуваната премиера на филмот “Небеска тема”, филм посветен на животот и музиката на Влада Дивљан, со гости од филмот и концерт на музичката група Звук Улице, неговиот прв бенд пред Идоли и воедно бенд во кој членуваат Зденко Колар и Кокан Поповиќ. Како придружна програма во рамки на оваа премиера е закажана и изложбата “Vlada” на Горанка Матиќ, фотографка, која будно ја следела неговата кариера, а изложбата се состои од дела од разни фази од неговиот живот – од периодот на првиот албум на Идоли, Odbrana i posledni dani, како и нивните концерти и неговиот музички ангажман за време на Ол Старс Бендот.
Во истата програма, ќе се случи и премиерата на македонскиот музички документарен филм “Ќеиф” во режија на Блаже Дулев, филм кој го следи развојот на чалгијата во Македонија, филмот со вечер посветена на чалгиите и настап на македонскиот состав Чалгии Мерак, „Tusta“ посветен на пејачот на групата КУД Идијоти, со промоција на книгата „Живот са Идијотима“, автобиографска книга на поранешниот басист на легендарниот панк состав од Пула – Ненад Маријановиќ, Д-р Фриц, кој воедно ќе гостува во Скопје за промоцијата на книгата. Вечерта ќе ја надополни Тошо Филиповски со специјален диџеј сет. Од останатите музички вечери, закажан е настап на германскиот легендарен бенд The Notwist, како и настап на композиторот Роџер Ино.
Во рамките на истата програма премиерно ќе биде прикажан и филмот „Стакло“, во режија на Нина Маџиров, ќерка на македонскиот изведувач Зоран Маџиров, филм посветен на нејзиниот татко и неговиот вонсериски музички талент. Вечерта со свој краток настап кон премиерата на филмот ќе се приклучат и музичари што ќе изведуваат дела на неговите инструменти од стакло.
Програма за најмладите и работилница за маркетинг на филм
Во рамките на програмата за најмладите, повторно со бесплатни проекции на Детски филмови, а новитет оваа година е воведувањето на Програма за млади (Тинејџерски филмови) во чии рамки ќе се прикаже и филмот „Хакери“, во режија на Пол Берг, кој говори за интернет насилството. По проекцијата ќе се оддржи и специјален разговор со Петар Котевски (основач на КАМАИ Медиа и Македонската Гејмерска Асоцијација МАГДА) на тема „Темната страна на дигиталната технологија“, која во фокус ќе го стави токму епидемиолошкото и неверојатно тешко за контролирање и сузбивање – интернет насилство.
Следува и работилница за маркетинг на филм од ЕАВЕ експертката Кристина Пеликани, вовед во кастинг процесите за актери со Сања Дракулиќ од Duart European Actors Platform, презентација на платформата White Rabbit, која е отпомагач на трансакции за меѓународна дистрибуција на филмови од Алан Р. Милиган (CEO и основач на “White Rabbit”), after work фестивалски журки, Швајцарски филмови во фокус и многу други дополнителни содржини.
Цените на билетите се 150 денари за проекциите во ГАЛА програмата, 100 денари за проекциите во Официјалната селекција, програмата CineBalkan, музичките документарни филмови (освен оние во Џебно кино, кои се бесплатни), и за МК во ЕУ програмата. Останатите проекции се бесплатни.
Цената на билети за концертите се „Звук улице“ 200 денари, настап на Jos Van Gallen (PMG Tanz Digital + Sinchi Collective од Амстердам) 150 денари, The Notwist и Roger Eno 300 денари. Сите информации ги имате овде.