Освојувачот немаше намера да стане освојувач, само сакаше да оди на летен одмор. Ама ете, така некако испадна. И лутите императори сигурно летувале, така си помисли подоцна на плажата. Беше убеден во тоа и без да се консултира со историска литература.
Понудата за летување на море беше поволна, летувалиштето не беше далечно, патот до летната дестинација во соседната земја траеше околу пет часа. Сосема прифатливо. Ни пакувањето не му одзеде премногу време. Го зеде само најнеопходното.
Како што подоцна ќе се покаже, најнеопходен беше големиот пешкир.
Освојувачот не беше баш ранобуден, а тоа му создаваше големи проблеми кога требаше да најде слободно место на плажите, каде што ќе може да го постели својот пешкир, а потоа да се постели и себеси врз него. И тогаш реши да стане освојувач. Некаде пред полноќ, кога плажите беа сосема празни, внимателно го одбра посакуваното место и стратешки го простре пешкирот. За да не го одвее ветер, постави и четири поголеми камења на четирите агли.
Мисијата беше успешна. Утредента, пешкирот стоеше на местото каде што беше оставен, а Освојувачот уживаше испружен на него, сончајќи се меѓу неколкуте пливачки сесии. Така помина седум дена, успешно справувајќи се со проблемот за наоѓање место на плажата, со специјалната резервација.
Кога се врати во родниот град, му беше јасно: ќе стане освојувач! Не, тој веќе е освојувач! Отсега така ќе се претставува и ќе бара така да го викаат. Само треба решително да продолжи со своите походи. Ќе продолжи, уште утре! Ако може да освои плажа со пешкир, може сè!
Охрабрен од првичниот летувачко-освојувачки успех, следната вечер реши да освои место пред поштата. Го постави големиот пешкир пред вратата од најблиската пошта, повторно го обезбеди со камења на аглите и си замина дома сигурен дека утре му е обезбедено првото место во вообичаено долгата редица. Го чекаше непријатно изненадување – редицата се протегаше во недоглед долж тротоарот, а пешкирот, стуткан и извалкан, беше фрлен настрана. Се обиде да ги вразуми сограѓаните кои чекаа пред поштата, да им објасни дека првото место е негово, но човекот што чекаше прв во редицата грубо го оттурна кога се обиде да пак да го постели пешкирот. Збунет, Освојувачот си го зеде пешкирот, се врати дома и во тишина се обиде да сфати дали можеби одбрал погрешна офанзивна стратегија.
А што ако димензиите на пешкирот не се соодветни за пред пошта? Можеби сино-белата комбинација на бои не е доволно застрашувачка за урбани услови? Можеби пешкирот што извојува седум победи на плажата веќе е ислужен и потребно е да се купи нов? Овие и некои други прашања не му даваа да заспие. Некаде пред зори успеа да смисли потенцијално решение: ќе земе маскирно шаторско крило. Со него ќе освои место на јавен паркинг во центарот на градот. Време за походот? Повторно некаде околу полноќ.
Успеа да најде паркиралиште каде што навечер сè уште може да се начека слободно место, додека преку ден тоа е невозможна мисија поради возилата на луѓето што доаѓаат на работа. Избра убаво место, под дрво со огромна крошна, дополнително атрактивно поради дебелата сенка. Дека го зацврсти посланото шаторско крило со четири камења на аглите, веројатно веќе е јасно.
Утредента го чекаше уште едно непријатно изненадување – врз шаторското крило беше паркирано комбе на погребално претпријатие, а од возачот, кој очигледно не ги зел предвид императорските амбиции на Освојувачот, немаше ни трага ни глас. Освојувачот не можеше ниту да си го собере шаторското крило, за евентуално да го употреби во други походи. Тоа беспомошно лежеше под тркалата на комбето, а една дамка од моторно масло направи тоа да изгледа сосема неугледно.
Немаше друг избор освен повторно да замине дома и да ги преиспита освојувачките методи.
Беше сигурен дека повторно погрешил. Зошто реши да освојува со шаторско крило? Сепак, првичниот успех на плажата го доживеа со пешкир. Ќе купи уште еден. Тоа е барем сигурно. Нека биде со летни мотиви. Со палма. Фламинго. Во живи, енергични бои. Но, што да освои? Ја отвори мапата на градот и изборот падна: ќе освои една од централните маси во ресторанот на главниот плоштад. Повторно околу полноќ, пред да затвори ресторанот, кога гостите од масата – инаку секогаш зафатена – веќе беа заминати, тој влезе и без многу објаснувања пред збунетиот персонал, ја покри масата со новиот пешкир. Не одговараше на збунетите погледи на келнерите, ниту на прашањата на обезбедувањето. Само возвраќаше со лут, авторитетен поглед. Потоа, за миг се најде на подот, полета низ вратата и грубо се приземји на плочките од плоштадот. Неколку секунди по турбулентниот лет, врз него слета и новиот пешкир. Се чини дека резервацијата не важеше, а уште еден поход беше неуспешен.
Тоа не го обесхрабри. Ниту една империја не била создадена преку ноќ, а ширењето на нејзините граници не е едноставна задача. Ја истресе прашината од себе, офна неколку пати и се врати во својот дом-бункер да кова нови планови. За да си ја крене самодовербата, Освојувачот реши да оди на уште едно летно патување. Освојувањето на нови плажи можеше да ги залечи раните од неуспесите. Плажа – тоа беше проверена работа, сигурна мета. Но, додека истражуваше на интернет каде да отпатува, доживеа уште еден студен туш.
Насловот „Нема веќе ‘резервации’: За оставање пешкир на плажа преку ноќ, казна до 200 евра“ го здоболе повеќе од грубото слетување на плоштадот. Се чини дека ќе треба повторно да размисли за новите освојувања.
Го зеде географскиот атлас, ја искорна од него картата на светот, ја свитка на четири и ја стави под перницата. Долго време се превртуваше мачејќи се да заспие. Погледот му паѓаше врз сино-белиот пешкир, осветлен од уличното светло. Немаше сила да се сврти на другата страна и така, некаде пред зори, заспа.
(продолжува следното лето)
Иван Шопов
*Сликите се генерирани со PlaygroundAI.