Над 120 нацрт стихови до финалниот текст на првичната верзија и преку пет години вложен труд во создавање на композицијата која сѐ уште повеќе се асоцира со имињата на неговите колеги отколку со оригиналниот автор…
„Алелуја: Леонард Коен, патешествие, песна“ е долгометражен документарен филм на Даниел Гелер и Дејна Голдфајн за уметничкото творештво на култниот Леонард Коен и трновитиот пат на песната „Алелуја“ до статус на безвременски класик.
Сценариото хронолошки нѐ води низ животот на канадскиот поет, текстописец, пејач и музичар, од дебитантскиот настап и напуштањето на сцената поради трема до тричасовните концерти танцувајќи на 79 годишна возраст. Режисерите ја соголуваат душата на Коен преку призмата на најблиските пријатели и долгогодишни соработници, сѐ додека не допрат до сржта каде се крие суштината на „Алелуја“. Иако дејствието се осврнува на протагонистот како уметник, а помалку на приватниот живот како љубовник, сопруг или татко, блиските го опишуваат како енигма за понежниот пол, а описот од верната пријателка Џуди Колинс вели прекрасен, згоден, интелигентен, мистериозен, но и опасен.
Почетоците на Леонард во 60-тите години од минатиот век будат чувство на носталгија и ја откриваат раскошната харизма што го краси пејачот додека тој сѐ уште талка во светот на музиката. Следи ера на разочарувања кога харизмата губи на цена во 80-тите и продуцентската куќа „Колумбија Рекордс“ го одбива албумот „Различни позиции“ во кој се крие еден од најзначајните евергини во музичката историја. Но, мирољубивиот визионер предвидува дека неговата кариера постхумно ќе добие на вредност и бесмртноста на „Алелуја“ е вистинска потврда, а таа добива внимание единствено откако помладите пејачи ќе ја отпејат. Иако оригиналната верзија е потпишана од Канаѓанецот, таа се прославува преку изведбите на Боб Дилан, Џон Кејл, Џеф Бакли и Руфус Веинрајт. Сепак, срдечноста и несебичноста на Коен доаѓа до израз и покрај фактот што колегите се стекнуваат со популарност преку неговото дело, но тој открива благодарност што песната прераснува во хит и го негира првичниот став на продуцентската куќа.
„Алелуја: Леонард Коен, патешествие, песна“ предизвикува бура од позитивни емоции каде преовладува почитта кон творештвото на сестраниот уметник кој постојано водел битка со сопствените внатрешни демони, но со помош на авторското перо и нотите секогаш излегувал како победник. Кинематографијата е исполнета со архивски интервјуа, фотографии и снимки кои ги подгреваат сеќавањата на соговорниците (новинари, продуценти, музичари) за дружбата и соработката со авторот. Времетраењето (118 минути) чекори на работ од трпението, но се насетува желбата на режисерите да не скратат ниту минута од биографијата на легендарниот Коен. Патешествието на „Алелуја“ до издигнување на култна композиција е вредна за филмското платно и таа прерасна во симбол и за добро и зло односно секогаш се изведува кога се означува значаен настан. Исто така, стиховите еволуираат со тек на времето и се адаптираат на добата во која се изведува. Таа преживува безброј измени до ден-денес, а екранизацијата т.е. присуството на филмското платно доживува голем успех преку анимираниот филм „Шрек“. Протагонистот импонира со преубави мисли кои длабоко се врежуваат во сеќавањето, а ударните стихови отвораат дилеми и носат поуки за животот што нѐ принудуваат на компарации. Како уметноста и светот вртоглаво еволуираа од 60-тите години до ден-денеска и каде ја загубивме уметноста во процесот?
Филип Мишов