Се чини дека Џијан Емин е во процес на постојана транзиција од една улога во друга, а неговите проекти се сè пограндиозни и поспецифични. Иако во музичките кругови е познат како клавијатурист чие име се врзува за повеќе имиња и проекти во минатото, во последно време неговото име сè повеќе се истакнува како аранжер, продуцент и диригент. Од 2014 година, неговата ѕвезда сјае посјајно кога го реализираше проектот со Дерик Меј (Derick May) и Македонската филхармонија за спектакуларниот концерт во Античкиот театар во Охрид. Потоа тој проект, исто така во продукција со „Излет Мјузик“, беше реализиран и во повеќе градови во соработка со врвни оркестри: Мелбурн, Ница, Париз, Гент и Детроит. За овие концерти имаше известување и во „Guardian“. Успехот на проектот доведе и до повеќе вакви соработки помеѓу Македонската филхармонија и други музичари од различни жанрови: Феми Кути (Femi Kuti) и Хуан Аткинс (Juan Atkins).
Проектот со Аткинс еднаш веќе беше изведен во Белград заедно со Белградскиот филхармониски оркестар (2016 г.), а проектот со Феми Кути и оркестарот на Македонската филхармонија беше реализиран повторно во Белград во септември 2018 година. Паралелно, тука беа и летните традиционални концерти во Градскиот парк во Скопје, каде што ги аранжираше песните на Дејвид Боуви и на „Пинк Флојд“. Покрај овој тип проекти и соработки, тој беше автор на еден мултимедијален спектакл, кој се изведе во „Мала станица“ во ноември 2017 година, со наслов „Нојленд сензориум“ („Neuland Sensorium“) и еден електроакустичен концерт.
Паралелно со овие мегапроекти, тој е дел од проектот „Фејмс“ (F.A.M.E’S. project), каде што во студијата на МРТ се снимаат и се аранжираат разни проекти од светот на филмската музика. Некои од многутемина што снимале со оркестарот се починатиот исландски композитор Јохан Јохансон (Johann Johannson) и композиторот Руичи Сакамото (Ryuichi Sakamoto).
Паралелно со овие потфати, тој е дел од Здружението на џез-музичари на Македонија што го заживеа биг бендот, чиј диригент е тој, а со коj организираат настапи во државата. Често може да се види како настапува и во клубови како гостин. Едноставно, не запира со својата работа.
Џијан е премногу скромен за да признае дека е тивок револуционер, но неговите достигнувања и резултати зборуваат за себе. За мене, тие достигнувања се во рангот на достигнувањата на Влатко Стефановски и Кирил Џајковски. Со Џијан секогаш е задоволство да се муабети бидејќи секогаш се готви нешто кај него и секогаш подготвува интересни проекти.
Во последните неколку години, во твојата кариера се случи експанзија на секое поле и како композитор и како аранжер, соработник, организатор, продуцент. Дали можеш да зборуваш за еволуцијата или процесот што доведе да работиш импозантни проекти, кои сега имаат свој интернационален живот?
Не можам да кажам точно што е вистинската причина. Претпоставувам една од главните причини е енергијата и љубовта што ги добивам од моето семејство, од сопругата и од моите деца. Начинот на живот ми е целосно променет и некако имам повеќе време за сè. Фокусот е појасен и полесно стигнувам до одредени цели. Огромен е предизвикот да влезеш во продукција на големи проекти што се комплексни од повеќе аспекти и што бараат поголемо познавање од областа на естетиката, познавање различни жанрови, композиција во која спаѓа и аранжирањето со оркестрација, познавање на технологијата, сценска техника и сето она што е потребно за да стигнеш од една идеја до реализација. Јас сакам предизвици и тешко го прифаќам зборот „невозможно“. Се разбира, сите овие проекти не би биле можни без луѓето како што се Огнен Узуновски – Оги, Маја Чанаќевиќ, Тина Иванова, Виктор Илиески и уште многу други, од кои сум добивал максимална поддршка и огромна доверба за мојата работа. Кога ќе добиеш простор за дејствување на високо ниво со огромен продукциски апарат и цел симфониски оркестар на располагање, тогаш немаш избор: одиш докрај и даваш сè од себе реализацијата да биде на највисоко ниво. Уште неколку битни фактори се: сплет на околности или среќа, 25 години работа во симфониски оркестри, свирење со многу различни музички групи, работа во музичко студио… и отворени срце, душа и ум за убави работи.
Како дојде до соработката со Дерик Меј?
Идејата за проектот е на Огнен Узуновски – Оги. Неколку години наназад, пред да се случи концертот со Дерик Меј, знаеше да спомене дека многу би сакал да направиме концерт што би бил фузија на електронска музика со симфониски оркестар. Мислам дека многу пати зборуваше за таа желба и дека е сериозен за тоа што сака да го направи. Јас му кажав кои се параметрите што ќе мора да ги исполниме за да стигнеме до таа точка за да може да се оствари тоа, па тоа и се случи.
Кои се претходните искуства што ги пренесе во овој проект?
Би рекол дека една од предностите што ми помогна многу за полесно разбирање на ваков тип проект, каде што еден од составните елементи е она што го нарекуваме електроника, е моето познавање, односно користење електронски инструменти, ритам-машини, синтисајзери, бас-машини, разни „арпеџијатори“ и компјутери. Мислам дека многу ми помогна тоа што, на почетокот, првиот албум што го правевме ние со „Проект Жлуст“ е врз база на електроника. Тој албум е целосно работен врз база на електроника, користени се секвенцери, користени се ритам-машини и многу електронски звуци. Врз основа на тоа потоа додававме акустични инструменти и гласови, акустични тапани, сето она што беше главна одлика на „Жлуст“. Тука беше и Газменд (Бериша) на виолина. Мислам дека основата е тоа искуство што го имам од самиот почеток, кога почнавме сериозно да се занимаваме со музика. Знаењето за постоењето на секвенцерот, како алатка, ми е познат уште откако го добив првиот синтисајзер, кога имав 11-12 години (Casio MT-52). Потоа, кога станав посериозен музичар, купив Korg 01VFD. Во тоа време, тоа беше чудо на техниката бидејќи имаше 16-канален секвенцер. Тоа беше сериозна музичка алатка и со неа можеше да се прави целосна продукција.
Од тој момент, па досега, бев дел од многу проекти, свои и како гостин на други. Сето тоа искуство сигурно ми помогнало да можам да имам поширок речник за да можам да се разберам со различни типови музичари од различни области. Голема помош е тоа што работев со мојот матичен симфониски оркестар, Македонската филхармонија, со кој имам изведувано музика од многу познати светски композитори што оставиле сериозен печат во историјата на музиката и уметноста.
Дали „Проект Жлуст“ беше првата музика што ја преаранжираше за да биде изведена со симфониски оркестар?
Да, концертот на „Проект Жлуст“ со Македонската филхармонија беше првиот концерт со симфониски оркестар што го изработивме заедно со Иван Бејков. Проектот беше инициран од тогашната директорка на филхармонијата, Маја Чанаќевиќ, која нè втурна во авантурата и работевме неколку месеци. Концертот помина многу добро и издадовме цеде од настапот во живо. Чувството беше фантастично.
Од друга страна, дали концертот со Дерик Меј беше и твоето прво искуство со диригирањето?
За мене тоа беше фантастичен момент бидејќи мал број диригенти имаат можност првиот настап да им биде со свои оркестрации и композиции. За да биде среќата уште поголема, следуваа настапи со светски реномирани оркестри. Се чувствував како цел живот да сум го правел тоа. Неповторливо чувство.
Дали можеш да го опишеш патот што го помина од идеја до реализација во однос на оркестарот? На кој начин го постигна балансот помеѓу оригиналната музика на авторот и, од друга страна, ти со твоите идеи?
Можам да кажам дека ми беше ризично на почетокот бидејќи влегов во еден ризик без да добијам официјална дозвола од Дерик конкретно за овој проект. Побарав од Дерик да ми прати некои траки, односно композиции на кои би можел да работам оркестрации.
Откако добив композиции од Дерик, поставената задача беше да ги преаранжирам, односно да ги оркестрирам за комплетен симфониски оркестар. Во основата, електронската техно-денс музика е минималистичка и има многу делови што се репетитивни, што се повторуваат. Ако сето тоа треба да се пренесе за симфониски оркестар и, ако се преведе буквално, мислам дека ќе им стане многу здодевно на музичарите да го свират тоа. На пример, една 10-минутна песна каде што треба да го свират секој такт исто цело време. Кога почнав да работам, уште на самиот почеток почнав да експериментирам. Почнав да импровизирам врз самата матрица, т.е. врз материјалот што го добив од Меј и почнаа да излегуваат интересни работи. Тука почнав да правам многу хармонски отскокнувања. Исто така, почнав да додавам нови ритмички структури, нови мелодии, а на тие мелодии и нови контрапункти, така што почнав да додавам работи и на крајот, во еден момент, морав да престанам и не бев свесен што се случува. Дојде Оги, ги слушна резултатите и рече дека е супер. Неговата реакција беше многу позитивна и мене ми олесни затоа што вложив голем труд. Цели 6 месеци работев на тој проект и многу труд вложив во самата изработка, односно во подготовката за да стигнам до ниво на оркестрирање. Зборувам за оној аранжерски момент.
Следен момент беше кога дојде Дерик на прес-конференцијата и кога во просториите на „Излет Мјузик“ ги преслушувавме демо-верзиите. По првата композиција, стана и силно ме гушна. Ми рече: „Како ли успеа да влезеш во мојата глава. Размислуваш исто како што би направил јас“. Тоа беше комплимент за мене и многу бев среќен бидејќи толку многу му се допадна сработеното.
До која мера е ова само следење туѓи идеи, а до која е соработка рамо до рамо? Во програмата нема само негови композиции, туку и твои.
Да, во проектот има и две мои композиции. Во самата програма, која се состои од неколку оригинални композиции на Дерик, имам додавано целосно нови делови на кои, практично, јас сум автор. Меѓутоа, кога двајца автори работат на еден проект, тежината е поделена. Во овој случај, Дерик си го сработил својот дел пред 25 или 30 години и неговата музика го поминала тестот на времето. Се потрудив проектот да го реализирам на високо ниво. Се разбира, мораше прво мене да ми се допадне за да можам да живеам со крајниот резултат, па потоа да му се допадне на Дерик. Судејќи според реакцијата на публиката, крајниот резултат ѝ се допадна. Реакциите беа многу добри.
Какви се твоите сеќавања и емоции за првиот концерт во Античкиот театар во Охрид во 2014 година?
За тој концерт вложивме многу енергија. Концерти од таков вид во Македонија, кои се толку техничко-продукциски обемни, не се прават толку многу често. Познавајќи ги предностите и недостатоците на техничките служби што ги имаме на располагање, се потрудивме да ги контролираме сите тие елементи што би можеле да предизвикаат нестабилност во одреден момент. Не знам колку успеавме, но барем се потрудивме. Мислам дека секогаш може подобро да се сработи во однос на сите аспекти, но мислам и дека направивме нешто навистина уникатно. Дел од музичарите на некои од пробите кога бевме во Охрид ме прашаа: „Дали си свесен што правиш?“ Се разбира дека бев свесен што правам, јасно ми е што правам.
Веројатно тоа се однесува и на обемот на проектот?
Мојата работа си ја завршив навреме. Кога дојде време за првата проба со оркестарот, најтешкиот дел за мене, т.е. подготовката на аранжманите и изработувањето на оркестрациите, подготовката на партитурите и штимањето, мојот најтежок дел беше завршен. Пробите, диригирањето и самиот концерт се забава.
Колку таа енергија и тој ентузијазам се пренесоа на другите концерти што се случија во Париз, Ница, Гент, Детроит и Мелбурн?
Јас би рекол дека врвот на таа турнеја што ја имавме беше во Мелбурн. Тоа беше последниот концерт на таа турнеја и мислам дека таму беше врвот на енергијата и врвот од уметничко-технички аспект. Имавме одличен оркестар со врвна опрема. Тоа беше „Melbourne Symphony Orchestra“. Не дека другите оркестри не беа на високо ниво бидејќи и во Детроит настапивме со одличен и светски реномиран оркестар. Но, некако во Мелбурн впечатокот ми беше таков. Тоа е друг континент и таму е поинаков начинот на живеење. Имавме многу публика и посетеноста беше 13-14 илјади посетители. Силните вресоци останаа врежани во моите спомени.
Како реагираат луѓето на овој спој на два различни света? Мислам на луѓето што се надвор од музичките кругови, а кои се добри познавачи. Не дека и претходно не се случила соработка од овој калибар помеѓу овие два света. Еден од многуте примери за ова се Афекс Твин (Aphex Twin) и Филип Глас (Philip Glass).
Немав многу средби со луѓе што можеа да ми кажат директно: „Слушај, ова не ти е добро, ова ти е добро“. Генерално, реакциите на луѓето беа секогаш многу позитивни. Многу позитивни беа и критиките и коментарите. Мене тоа ми импонира, меѓутоа ќе беше добро во одреден момент да слушнеме одредени критики. Тоа сигурно не е перфектно направено и сигурно има свои недостатоци бидејќи самиот си ги знам кои се. Дел од нив се исправени. Но, генерално, критиките беа многу позитивни. По неколку концерти ги согледав некои од недостатоците за одредени споеви, одредени детали, сè со цел да звучат подобро. Тоа искуство го искористив за новиот проект што го работев со Хуан Аткинс.
Дали овој проект со Меј, по сите овие концерти, еден ден ќе доживее и свое студиско или видеоиздание?
Конкретно за проектот со Дерик Меј имаме неколку аудиозаписи, односно имаме мултиканални снимки за кои се надевам дека ќе влеземе во студио за да почнеме да работиме на нив. Тоа би било издание од избор од програмата со Дерик Меј. Сега-засега, мојата желба е тоа да биде албум снимен во живо. Доколку не успееме да го добиеме потребното ниво на квалитет со мискањето на живите концерти, се разбира дека ќе направиме студиска снимка. Ние ги имаме сите потребни ресурси за да направиме вистински производ според светски стандарди.
Зошто, по успехот со Дерик Меј, тогашното Министерство за култура не ве поддржа за проектите со Хуан Аткинс или за настапот на фестивалот „Егзит“? Проектот со Хуан Аткинс потоа беше реализиран со Белградската филхармонија во 2016 година.
За жал, образложенијата беа банални, односно не сме имале договори помеѓу мене и „Излет Мјузик“. Значи, јас, како диригент и автор на музиката, и „Излет Мјузик“. Тоа беше малку чудно бидејќи „јас сум ’Излет Мјузик‘“. Јас и Оги сме дел од „Излет Мјузик“. Тоа беше нелогично. Очекувавме дека ќе наидеме на разбирање. Имавме неколку состаноци во Министерството и очекувавме дека ќе наидеме на позитивен одговор. Потоа следуваше ескалација на целосната политичка ситуација во државава. За мене лично, подобро е што не се реализираа тие проекти во тоа време.
Каква беше реакцијата на публиката кога настапивте со Хуан Аткинс во просторот Циглана во Белград? Колку пристапот во работата со Дерик Меј беше сличен и различен во овој проект?
Се разбира, имаше многу сличности – повторно стануваше збор за симфониски оркестар, повторно стануваше збор за музичар што доаѓа од електронската музичка сцена, повторно имаше авторски композиции и повторно имаше мои работи што беа додавани. Приближно, тие работи беа исти. Внесовме некои нови и интересни детали во инструментариумот и додадов група саксофони (алто, тенор и баритон), а извадив обои и фаготи. Додадов туба, две флејти и труби, хорни и тромбони. Со додавањето на саксофоните добивме повеќе сила во изведбата на оние мелодии што се невообичаени за симфонискиот јазик на читање. Поради тоа им беше полесно на симфониските музичари да ги следат саксофоните додека ги водат оние „џезерски“ линии, кои се повеќе пунктирани со различни синкопи.
Тоа за мене беше олеснување бидејќи тој дел профункционира како што треба и донесе свежина во самиот звук. Од уметничко-естетски аспект, би рекол дека овој проект има некоја друга тежина. Не можам да кажам дека е подобар или полош од другиот бидејќи многу се различни. Би рекол дека првиот проект што го работевме со Дерик има некоја поинаква „леснотија“, не дека станува збор за понаивна музика, туку Дерик е таков тип човек. Тој е народски човек, лесно комуницира со сите, се прегрнува при средби. Кога зборува со некого, тој го прави тоа како да се најдобри другари. Хуан е поинаков тип човек, кој не е толку комуникативен како Дерик, кој, ете, се замуабетува со секој човек што ќе го сретне на улица. Тоа се забележува во неговата идеја и неговата енергија што се наоѓаат во неговите оригинални композиции. На некој начин, слушајќи отпосле, мислам дека ја продолжив таа идеја што ја имаше Хуан на истиот начин како што тоа го правев со Дерик Меј. Многу луѓе ми рекоа дека овој проект е поуспешно реализиран.
Паралелно со овој концерт во Белград, ти подготви оркестрации за песните на Боуви, кој се реализираше летото 2016 година. Претпоставувам дека работата на овие два ангажмани се преклопуваа еден со друг.
Да, за жал, моето семејство мораше да го трпи моето отсуство во тој период. Тие на своја кожа почувствуваа што значеше да се изработи сето ова за толку кратко време бидејќи проектот со Хуан Аткинс и проектот за Дејвид Боуви ги подготвив за помалку од 3 месеци. Во тој период изработив и оркестрации за 4 филмови заедно со оркестарот „Фејмс“, како и оркестрации за 2-3 албуми и неколку документарни филмови. Сето тоа се сработи во времетраење од 3-4 месеци. Морав да се преселам кај моите за да работам во мир. Работата беше од утро до утро.
Можноста да направам аранжмани и оркестрации на музика на Дејвид Боуви, каде што се спојуваат симфониски оркестар и бенд, да го имам правото на избор на композиции и целиот процес да биде во мои раце направи да се чувствувам почестено. Затоа сакав да го направам како за своја душа и мислам дека, судејќи според реакциите, енергијата се пренела на луѓето.
Ако нешто ја краси твојата кариера, тоа сигурно е фузијата на секакви музики и жанрови во еден силен авторски израз. Од каде потекнува желбата за такво шаренило во твојата музика?
Најверојатно овие желби за шаренило или параметрите за тоа што е интересно и колку „држи вода“ се раѓаат уште во најраното детство. Јас сум пораснат во Топаанско Поле, во мултиетничко маало со Македонци, Албанци, Турци, Босанци, Роми и Власи, и терминот предрасуда никогаш не се појави во моето поимање на луѓето и нештата. Сите ние, децата на улица, ги споделувавме нашите култури меѓусебно и, за мене, од оваа перспектива, тоа е непроценливо богатство. Една од клучните улоги во мојот музички развој одигра татко ми, кој ме внесе во светот на музиката на прекрасен и едноставен начин, со кого имав можност да свирам најразновидна музика, почнувајќи од светски популарни класици, традиционална музика од различни региони, џез-стандарди, јужноамериканска музика, фламенко итн., а тоа многу ми помогна да ја делам музиката на добра и лоша. Најверојатно во мојата потсвест останало многу од моето детство и влијае врз мојот сегашен музички акт. Како и да е, уживам во ова што го работам.
Каков беше концептот за електро-акустичниот концерт со твоја авторска музика во Македонската филхармонија во април 2018 година?
Овој концерт требаше да биде сублимација на мои незавршени музички идеи, со цел да се изработи ново дело, кое ќе биде составено од напишана партитура и делови што ќе бидат импровизирани, со што би добиле целосно нови текстури и неочекувани музички слики. За жал, оваа идеја наиде на отпор кај музичарите од оркестарот и очајно се обидував да ги разубедам дека јас ја прифаќам одговорноста за евентуален неуспех. Се создаде една лоша атмосфера и еден ден пред концертот бев подготвен да го откажам настапот. Сепак, одлучив дека е подобро концертот да се одржи и бев присилен да ја променам целата програма и да ја приспособам на веќе најавениот концепт. Концертот помина одлично бидејќи публиката не го знаеше процесот на подготвување и сè уште слушам позитивни критики. Пред некој ден го слушав миксот и задоволен сум од изведбата, но не беше тоа што сакав да го направам. Не се откажувам од идејата да составам креативен оркестар што ќе биде подготвен да создава музика без предрасуди.
Каков беше концептот за проектот „Нојленд сензориум“ („Neuland Sensorium“)? Кои се идеите и расположенијата што сакаше да ги реализираш со овој мултимедијален проект во „Мала Станица“?
„Нојленд сензориум“ побараа од мене да направам нешто ново што ќе спои нова технологија и невообичаен начин на восприемање на уметноста. Идејата што ја предложив беше многу скапа за реализација и, на мое огромно задоволство, таа доби поддршка. Имавме настан во кој клучна улога имаше симфонискиот оркестар, кој беше поделен во 6 групи, кои потоа беа распоредени во 6 различни простории во Националната галерија „Мала Станица“ во Скопје. Музичарите беа поврзани со систем за слушање и техничка опрема што ја донесовме од продуцентска куќа од Холандија, а публиката целиот концерт го слушаше на безжични слушалки, можеше непречено да се движи низ галеријата и да избира дали ќе го слуша финалниот микс што го правев јас од посебна просторија или ќе ги слуша живите скулптури (музичарите) во посебните простории. Сето ова беше поткрепено со многу визуелизации. Настапот беше прогласен за настан на годината за 2017 година.
Освен забавниот карактер што го има во себе, музиката на Феми Кути носи своја сила на социјална и политичка реторика. На кој начин се поврза со Кути и со неговата музика за да се реализира сето тоа на начинот на кој се реализираше?
Феми Кути го проследив на „Скопскиот џез-фестивал“ во 2004 година и ми остана во сеќавање како настан на кој целата скопска публика стана на нозе и танцуваше. Тоа беше мојот прв контакт со афробит-музиката. Потоа почнав да слушам музика од Фела Кути и открив дека има сериозна порака во нивната музика, која, во основата, е танцувачка. Спојот на музика што не може никого да остави рамнодушен и текстовите што имаат сериозно суштинско значење за сето она што се случува денес во светот, особено во Африка, ме поттикна да му предложам на раководството на Македонска филхармонија да се организира концерт со спој на афробит и симфониски оркестар.
Каква беше неговата реакција од сработеното и каква беше реакцијата на публиката во Скопје?
Феми беше пресреќен, а и сите ние со него. Станавме музички браќа. Концертот се случи во периодот кога во нашата држава се случуваа сериозни политички превирања и се надевам дека овој концерт имаше барем малку влијание врз луѓето што беа присутни. Важно е тоа што ова е првпат во светски рамки да се случи ваков спој, а уште поважно за мене е дека тоа се случи во Македонија. Публиката танцуваше заедно со оркестарот и со бендот на Феми Кути.
Многу од овие проекти ги реализираше заедно со Огнен Узуновски – Оги. Што е тоа што го прави добар партнер во овие потфати?
Оги е храбар визионер, кој долги години е активен како еден од двигателите на електронската музичка сцена во Македонија. Тој е, пред сè, добар другар и човек што секогаш им помага на другите. Неговото познавање и разбирање на електронската музика е она што го прави да биде уникатен, а изборот на уметниците што ги носи во Скопје и уметниците со кои соработуваме придонесува за прогресот на сцената и во светски рамки. Прв пример е проектот со Дерик Меј, со кој успеавме да настапиме на три континенти. Вториот голем проект што го изработивме заедно е проектот со Хуан Аткинс. Продолжуваме во таа насока и наскоро ќе имаме и неколку изданија.
Паралелно со овие големи концерти, работиш и на полето на џез-музиката. Тука е октетот што имаше неколку настапи, меѓу кои и на промоцијата на мојата прва книга (во 2016 година), а директно си вклучен во активностите на Здружението на џез-музичари во Македонија (ЗЏМ).
Џезот или креативната музика им дава голем простор за изразување на сите учесници од ансамблот, без оглед на бројот на музичари. Многу често се случуваат феноменални звучни комбинации и се влегува во посебна состојба на умот, која прави големо чувство на неизвесност и истовремено донесува огромно количество слобода. Јас сум најсреќен кога сум дел од вакви настани, без оглед со кого настапувам. Со започнувањето на работата на ЗЏМ, започна и постоењето на биг бендот на ЗЏМ, со кој имав можност да диригирам во повеќе наврати. Со овој состав имаме големи планови и идеи. Очекувам голем прогрес во наредниот период.
Како гледаш на работата со „Проект Жлуст“ и со „ДНО“ од оваа гледна точка?
Тоа беа убави денови на нашето другарство поврзано со многу музика. Имавме наше студио што го користевме исклучиво за наши потреби. Снимивме многу музика, а имаме и многу неиздадени материјали. Тие два бенда се едно прекрасно искуство што дефинитивно ме направи посилен во однос на животните и уметничките одлуки.
Што се однесува на авторскиот или барем на архивскиот дел, дали приказната со овие бендови е завршена?
Не можам да кажам дали е завршена или не е завршена. Сепак, ние сме другари што многу работи имаме проживеано заедно. Не сум сигурен дали имам амбиција да бидам иницијатор за евентуално повторно здружување на нашите сили бидејќи имам планови што треба да се реализираат во наредните неколку години. Ќе видиме што ќе ни донесе иднината.
За крај, дали веруваш дека музиката може да донесе промени на подобро во едно општество?
Апсолутно. Токму тоа и се трудиме да го направиме. Со позитивна енергија, разум и љубов преточени во музика што ги праќаме во етерот се надеваме дека ќе стигне до слушателите во колку што е можно почиста и посилна форма. Не знам колку успевам во тоа, но ќе продолжам да го правам тоа сè додека можам.
Интервјуто со Џијан Емин е дел од книгата “Уште музика и муабети” на Ненад Георгиевски во издание на Полица