И навистина, имавме што да видиме – оригинален фотографски израз преточен во уникатни колажи со совршено искршен и преобликуван поглед кон просторот. Бојан вели дека фотографира од чисто задоволство и не е фанатик по натпревари. Имено, досега двапати учествувал на iPhone Photography Awards 2020. Претходно, во 2017 година учествувал на фотографски натпревар за промоција на зезеленувањето на Париз и неговата фотографија била победник на 15-тиот париски арондисман, по што била објавена на ѕидовите на општинската зграда.
Разгледувајќи го твојот инстаграм-профил urbanmonsters_, добив впечаток дека ја имаш способноста да ги претвораш огромните зданија во деликатни фотографски „брошеви“ и на некој начин да ја скротиш (а сепак да ја славиш) нивната импозантност. Како го постигнуваш овој триумф на симетријата? 😊
Отсекогаш во школо ме учеле дека симетријата е демоде т.е. забранета за употреба денес. Симетријата е тесно поврзана со егоцентричноста и во денешно време на архитектонско поле има негативен контекст. Најимпозантните архитектонски градби, кралски палати, империјални објекти и градини, религиозни храмови, генерално ја искажуваат монументалноста преку симетријата.
coupole-réaumur
Најголем предизвик ми е да третирам „забранети“ содржини. Тоа е можеби една од причините за постоењето на овие колажи.
gautrand-champs
Архитектите во Франција не сакаат за зборуваат за убавината како поим. Никогаш нема да чуете еден архитект да карактеризира некој објект како убав. Затоа во текот на шестата година во школата во Версај, го развив точно овој табу поим за убавината во архитектурата. Дијалогот со жирито беше бурен, но на крајот ги убедив дека треба да зборуваме за убавината од секој нејзин аспект. Затоа, преку колажите сакам да докажам дека можеме со симетријата да изразиме убавина и нежност, но и силна моќ на импозантност и евитација.
BNP Bruxelles
Непосреден повод за овој наш разговор е твоето освоено прво место на iPhone Photography Awards 2020, во категоријата „Панорама“ за фотографијата „Plaza de Toros de Las Ventas“, сликана во Мадрид со iPhone 8. Која е приказната на оваа фотографија?
Вистинското име на фотографијата е „Шпанското чудовиште“. Ја сликав во Мадрид во 2019, на враќање од патување во Колумбија.
Секој ќе го протолкува чудовиштето како што му лежи. За некои тоа ќе биде импозантниот прав и масивен ѕид што се отсликува со креирање на панорамскиот поглед од перфектно кружната структура на арената. За други, играта на светлината и на сенките. Според мене, оваа фотографија симболично ја отсликува бариерата меѓу секојдневниот шпански живот во Мадрид и убивањето животни за забава.
Сметам дека во 2020-та, играњето, експлоатацијата или убивањето животни, исклучиво за да се задоволи човечкото его, е недозволиво. Време е да го примениме фактот дека во кралството на животните, во кое го вклучувам и човекот, сите сме на исто ниво, и тој нема поголемо право на живот од животните.
Интересен факт за оваа фотографија е тоа што сум во центарот на мадридската празна корида со панорамски поглед околу 270°.
Се чини дека нема граници за убавината на фотографијата, а тоа го докажува и овој голем светски фотографски натпревар, кој од 2007 година потврдува дека вистинските таленти прават неверојатни фотографии само со своите паметни телефони. Како ти го доживуваш ваквиот развој на фотографијата во дослух со паметната технологија?
Знам дека на професионалните фотографи им е проблем оваа еволуција. Сакам да нагласам дека фотографијата мене ми е хоби и не претендирам да кажам дека ми е професија.
Military Museum Sydney
Во денешно време многу од уметнички настроените професии се подложни на еден феномен наречен „секој може да креира“. Феномен што се базира на талентот и личната позадина на индивидуата, а не на дипломите што ги стекнала. Во архитектурата овој феномен постои, затоа и во последно време се создадени паралелни бранши какви што се внатрешна архитектура, дизајн на простор, декорација – професии што не ја бараат одговорноста на архитектот како професионалец.
Opera-Sydney-flower
Треба да ги разликуваме идеите и начинот на кој ги реализираме. Секој треба да има слобода да ги сподели своите идеи. Специфичноста на професијата влегува во игра кога се работи на начинот на нивната изработка.
Business university GHERY Sydney
На пример, францускиот закон строго ја заштитува професијата на архитектите и ја прогласува за професија од јавен интерес. Меѓутоа треба да се нагласи дека архитектите се гарант и заштитник на човечкиот живот, применувајќи ги мерките за заштита од пожар, од земјотрес, поплави и општа човечка заштита.
Имам пријатели фотографи што се ежат од фактот дека денес секој со својот паметен телефон може да фотографира и да се прогласи за фотограф. Јас не сум фотограф и бескрајно ја почитувам оваа професија.
Pompidou
Покрај начинот на изработка на фотографиите, според мене силата и специфичноста на професијата фотограф-ка, е во способноста да се создаде емоција кај гледачот и да се бори за кауза од јавен интерес. Доколку за оваа цел секој може да помогне со својот паметен телефон, тогаш сите на работа и да ги споделиме силните идеи, а не само селфињата со набабрени усни.
На крајот на краиштата, суштината на фотографијата не се состои во тоа дали таа е направена со паметен телефон или со фотоапарат, туку во емоцијата што таа ќе ја разбуди. Сепак, треба да се нагласи како таа е направена. Затоа IPPAWARDS се посебни награди за фотографии направени со паметен телефон.
Како се надополнуваат (и дали понекогаш си пречат еден на друг) Бојан кој фотографира и архитектот Бојан?
Тотално се надополнуваат. Голем предизвик ми е при фотографирањето да споделам архитектонски вредности што се невидливи за поголемиот дел од луѓето. Забележав дека шетајќи се во нов град, архитектот гледа нагоре во облаците, а другарот гледа пред себе. Тоа е доказ дека градовите не ги доживуваме еднакво.
Сликајќи ги последните катови и покривите, сакам да ги поканам луѓето да видат нови работи, да ги сфатат објектите поинаку и да ги испровоцираат својот ум и креативност.
PEACE FREEDOM GOSPEL LOVE NEW YORK 2015
Верувам дека секој би сакал да го запознае Париз од перспектива на негов жител, згора на тоа и личност со високи естетски критериуми 😊 Кои се, според тебе, најинспиративните и најфотогенични катчиња во Градот на Светлината?
Еден професор еднаш ми кажа: При посетата на еден град, најдобро е да пешачиш и на секоја втора уличка да свртиш лево. И искрено, Париз најубаво се запознава на овој начин. Најнеубавите ресторани се всушност со највкусна храна, на најнеочекуваните места има најубави градини. Би наброил неколку места на кои им се восхитувам: плоштадот Sainte Catherine, La coulée Verte, Passage des Petites Ecuries, Canal Saint Martin, градината во Musée de la vie romantique, La butte Bergeyre итн.
Opera de Paris COLIER
Автор на интервјуто: Јосип Коцев