На досега најавените: данските легенди на инди-рок сцената – Efterklang, свежата психоделија од Истанбул – Lalalar, неверојатните Viagra Boys од Шведска и домашните Funk Shui се приклучуваат ПМГ-колектив, Диџеј Фиц и Сали со изложбата „25-тата слика – Неслушнатото, невиденото и незбореното“.
ПМГ-Колектив е еден од највредните бендови на нашата сцена, кој ако добро броиме – моментално работи на 9-тиот по ред албум, а зад себе има околу 30 изданија. Еден од ретките бендови кај нас што може да има сет од еден час со мегахитови – килери, не филери… Токму такво нешто најавуваат ПМГ-Колектив на својот прв настап на ЗДРАВО МЛАДИ!
Од фестивалот велат:
Ги следиме од самите почетоци. Бевме сведоци на нивниот прв настап на една од Таксират вечерите во МКЦ во 2005 година. Преполн Б2 на промоцијата на првиот, култен „Резонатор“, па промоции во Кастро, клупски концерти, па сѐ до големите сцени на сите етаблирани македонски фестивали… Го гледавме бендот како минува низ своите различни фази и постави, како расте и зрее, и сметаме дека оваа постава – триото Попов, Ефтимов, Гавровски – е тоа што всушност е сржта на ПМГ-Колектив. Едноставно, искрено и чисто, со огромна возбуда и нетрпение го очекуваме ова нераздвојно трио, да засвири на 27 август во Паркот МКЦ на јубилејното десетто издание на фестивалот. Ќе претстават дел од новиот материјал, но ќе нѐ почастат и со безвременските хитови – Скопјанка, Манекенки, 80ти/90ти, Ти си мојот свет, Контрол…
„25-тата слика – Неслушнатото, невиденото и незбореното“ – изложба на Сали Ертунч
Младиот македонски уметник Сали Ертунч ќе се претстави на фестивалот со самостојна изложба. За идејата и мотивот на изложбата, тој вели:
„Забранетата 25-та слика во кинематографијата е познат експеримент на James Vicary. Со неговиот „експеримент“ тој успеал, потсвесно, да вметне емоции кај филмските гледачи, а 25-тата слика најчесто била реклама за прехранбената индустрија. Овој експеримент подоцна бил забранет поради големиот потенцијал за манипулација на гледачите, и освен како хорор тема на филмовите, 25-тата слика не била повеќе користена… или барем ние така веруваме. Денес, години подоцна од познатиот експеримент, секојдневно наидуваме на различни ситуации, кои ги толерираме/игнорираме, па оваа појава станува „новата нормала“ на современето општество. Дете што плаче, е смирено од страна на родителот со помош на мобилниот уред – ТОЛЕРИРАНО! Апатијата за политика кај младите – ТОЛЕРИРАНА! Беспотребната форсирана возбуда за капиталистички цели aka. HYPE – ТОЛЕРИРАНО! Тоа се нашите „25-та слика“ во реалниот живот со чија помош цивилизацијата се води во нов/стар, точен/погрешен правец, а еволуцијата продолжува. Со серија цртежи, слики, графики и неколку инсталации, забранетата порака на уметникот, како и забранетиот екпсеримент на James V., ќе биде изложена пред јавноста со цел да ја потенцира интолеранцијата“.
Десеттото издание на фестивалот на нова музика – ЗДРАВО МЛАДИ е закажано за 27 август, во Парк МКЦ. Билетите по цена од 500 денари се достапни online преку bileti.mkc.mk
Фестивалот ќе се одржи под посебни безбедносни и здравствени мерки, дефинирани во протоколот за организација на јавни настани.
Фестивалот е поддржан од Делегацијата на ЕУ во Скопје.