Младиот и талентиран напаѓач настапува во фантастична форма и завчера тој го постигна победничкиот гол за репрезентацијата на Македонија на пријателскиот натпревар со Фарските Острови. Истовремено, Бојан е еден од најефикасните голгетери во Шкотска оваа сезона со 17 гола за Абердин во сите натпреварувања. Одличните настапи на Миовски во црвениот дрес го привлекоа вниманието на многубројни екипи од најсилните фудбалски лиги во Европа, а во разговор за PopUp, тој ексклузивно открива каде сака да ја продолжи кариерата.
„Целта ми е да продолжам во клуб од најдобрите пет (Англија, Шпанија, Италија, Германија и Франција) лиги во Европа, а доколку можам да изберам една, тоа дефинитивно би била англиската Премиер лига“ – обелоденува Миовски.

Иако штипјанецот е задоволен во Абердин и има потпишано долгогодишен договор до 2026 година со шкотскиот клуб, тоа не ги запре заинтересираните екипи како премиерлигашот Саутемптон да пројават интерес и да продолжат да го следат неговиот развој во пресрет на летниот преоден рок.
„На секој играч целта му е да го достигне највисокото ниво во фудбалот, а англиската Премиер лига ме привлекува поради фактот дека е најатрактивна и најгледана лига во светот.
Јас сум огромен фан на Реал Мадрид, но од англиските клубови гo следам односно го поддржувам Манчестер јунајтед“ – додава Миовски.

Репрезентацијата на Македонија ќе ги продолжи квалификациите за претстојното Европско првенство во јуни, а 23-годишниот напаѓач ќе има идеална шанса да ги зголеми шансите за трансфер во англиската Премиер лига и да го импресионира гигантот од Островот бидејќи „рисовите“ ѝ гостуваат на Англија токму на Олд Трафорд, домот на „црвените ѓаволи“.
Филип Мишов