Сепак, сега можеме само имагинарно да се потсетиме како е да го уживаш Берлин наесен и да се надеваме дека во блиска иднина ќе можеме да го направиме тоа и во реалноста.
Без разлика дали си по храната, уметноста, историјата или ноќниот живот, Берлин наесен е веројатно една од најпривлечните европски дестинации. Може да си изнајмиш велосипед и да го обиколиш градот. Идеален сетинг е да се подготвиш за пикник и да се упатиш во Tempelhofer Feld, стар аеродром што сега е претворен во популарен парк. Всушност, Берлин има стотици паркови и градини низ целата своја територија. За да уживаш во жолтите лисја, секако треба да ги посетиш Tiergarten, Schlosspark Charlottenburg или околината на Landwehrkanal.

Ако седнеш во некое од локалните кафулиња или ресторани, есенското мени сигурно ќе биде збогатено со супа од тикви или пита од јаболка. Есента во Берлин знае да биде многу дождлива, посебно во ноември. Со повеќе од 200 музеи, за Берлин се вели дека има повеќе музеи одошто дождливи денови. А Museum Island е дефинитивно круната на берлинските музејски комплекси.
Кога сме веќе кај културата, доаѓањето на есента ги рестартира театрите и операта. Тогаш е одличен период да се проследат класичните претстави во Deutsches Theater, авангардните експерименти на Volksbühn и да се следи сезоната на воодушевувачката Staatsoper.

Секогаш добра идеја за прошетка е еклектичниот, креативен Kreuzberg, а зошто да не и музејот Hamburger Bahnhof – железничка станица од 19 век, која сега е претворена во модерен уметнички простор. Можеш да го видиш и Markthalle 9, внатрешен пазар за храна каде што можеш да начекаш Streetfood Thursday и специјални фестивали за сирења или кафе.

Добра идеја е да се извозиш и по патеката во должина на линијата на која бил изграден Берлинскиот ѕид. Така најдобро можеш да видиш како градот се менувал по падот на ѕидот и да уживаш во есенските бои на црешовите дрва и костените што ги има во изобилство во тој дел.
Есента носи силни ветрови, и тука посебно може да се издвои лутиот Сибирски бакнеж, кој дува од Источна Европа. Како и да е, тој ветар нуди одлични можности да се излезе надвор и да се разлетаат змејови. Во Берлин има и фестивали за змејови, наречени Drachenfest. Погоре спомнатиот деактивиран аеродром Tempelhof е омилена локација за летачите на змејови. Друго совршено место за вакви активности е ветровитиот Teufelsberg, кој нуди одлична панорама на есенскиот Берлин.

Деновите се пократки наесен и раното смрачување нуди совршени можности за изведба на светлосни шоуа. Берлин има два фестивала за светлечки шоуа што се случуваат во октомври. Главниот е Фестивалот на светлата што ги осветлува најважните и најзабележителни споменици и обележја во центарот на градот какви што се Berliner Dom и Brandenburger Tor. Другиот фестивал Berlin Leuchtet се фокусира на помалку познатите архитектонски точки како што се Сенатот и Potsdamer Platz.

Гурманите имаат што да вкусат секоја есен во Берлин. Имено, во октомври традиционално се одржува Berlin Food Week, на која може да се видат најновите кулинарски трендови. Исто така, доста популарен е и Есенскиот фестивал во северниот дел на Берлин, иако тој им е повеќе посветен да децата, со прошетки од бајките, игри во природа и дегустација на мед. Не може да се зборува за есента, а да не се спомне Халовин. Во последните годините овој празник се одомаќини во Берлин, па така сè повеќе се организираат забави со таква празнична тематика.

Есента во Берлин ја добива круната на 21 ноември. Тогаш се отвораат познатите божикни маркети низ целиот град. Тогаш почнува сезоната на греано вино – Glühwein и неодоливите специјалитети и закуски што често се comfort food за залутаните шетачи и сладокусци.
Драган А.

