Ги слушавме на промо-настанот на новиот македонски лејбл „PMG Tanz Digital“ на „Оревче“ и сакавме да поразговараме за специфичниот и современ начин на интерпретација на музика што го изразуваат на своите сетови. Дуото и идејата за „БарумБарум“ настанале во Скопје, пред две години, кога почнале да живеат заедно. „БарумБарум“ имаат две ЕП-изданија, првото за „ПМГ рекордингс“ кое се вика „БарумТонен“ и второто ЕП „Ритуал“ за амстердамскиот „Синчи колектив“, а последна во низата е траката „Sensation“ како дел од компилацијата на Синчи „Altered States Vol.1“.
Слушајќи ве на „Oревче“, на промо–настанот за „PMG Tanz Digital“, забележавме дека константата на вашата работа преку лајв плејот е она „органското“ во комбинација со фантастично шаренило од инструменти. Како го црпите влијанието од world music за на крај да се добие таков единствен електронски бленд?
Едноставно слушаш многу музика и ја живееш истовремено. Реално, „БарумБарум“ како електронско дуо настана под силно влијание на светската музичка еволуција, особено еволуцијата на електронската музика и нејзината интерпретација. Нуди тотална слобода за израз и има простор да правиш што сакаш, само и само ако, го уловиш вајбот и го создадеш грувот.
Практично ние сме пораснати со музика, свирејќи во бендови, а Салпе и денес тоа го прави, свири во два други бенда надвор од „БарумБарум“. Често заеднички преслушуваме и разговараме за музика, па веројатно тоа е најсилното влијание за светогледот на „БарумБарум“ и воопшто поимањето на нашата музика.
Интересно би било да ни раскажете како настана дарк диско парчето „Ritual“?
„Ритуал“ настана во една сесија на свирење, како и повеќето претходни наши траки. Конкретно настана како последица од слушањето специфична електронска перкусионистичка музика, базирана врз домородната музика, или како ние би ја нарекле, ритуална музика. Ги слушавме доста време „Khidja“, конкретно „Embarking Once More, Upon That Dark Voyage“ се вика траката што цел претходен период се провејуваше на афтери, подоцна Том (ликот што стои зад лејблот „Sinchi Collective“) нè спои со „Khidja“, така што изостана тие да бидат едни од ремиксерите на „Ритуал“.
Kажете ни нешто повеќе за вашето учество во Altered States Vol.1, најновото издание на лејблот што стои зад вас – „Sinchi Collective“ од Амстердам?
Имаме фина досегашна соработка со „Sinchi Collective“, тие се изненадени од нашата работа и токму затоа го добиваме овој нивен фидбек. На компилацијата се артисти од различни страни од светот, некои веќе докажани, некои во подем, како и да е, музиката е она што нè спојува. Името на компилацијата најмногу зборува за сè што е во неа. Нашата трака во која користиме византиско пеење се вика „Sensation“ и всушност е последна трака на компилацијата.
Веќе добивате одлични реакции од истакнати светски имиња. Дали се товар или „ветер во грб“ за следните проекти? 😊
Да, имаме коментари од светски имиња како Andrew Weatherall кој вели: „The Barum Barum is rather magnificent“, тоа не може да биде товар, напротив признание за нашата работа, тоа е печат дека сме на прав пат :).
Лејблот „Sinchi“ преку своите изданија донира средства на фондацијата што ги поддржува правата на домородните култури и заштитата на нивната култура. Какви се вашите размислувања во тој правец?
Интересно е, лејблот работи доста специфично, артистот избира каде ќе ги донира парите од неговото издание, тоа мора да биде општествено одговорна фондација или организација што работи за добротворни цели. Исто така, лејблот има фондација што го носи истото име, се вика „Sinchi Foundation“ и работат на проекти за поддршка и зачувување на домородната култура низ целиот свет. Одлучивме парите од нашето издание да ги дадеме токму на фондацијата од Синчи, бидејќи коинциденција или не, самото издание е во тој контекст.
Што е следно за „БарумБарум“?
Започнуваме интересна приказна, „PMG Tanz Digital“ е името на новиот македонски лејбл, кој ќе биде посветен стриктно на електронската музика, наскоро издаваме компилација со траки од македонски артисти, каде ќе го најдете името на „БарумБарум“. Во септември излегува уште една наша ствар, повторно сме дел од компилација, кој ќе ја издава веќе истакнатиот артист „As Smooth As“, кој живее во Белград, всушност тоа е човекот кој стои зад „Midnight Orient“, каде што го издадовме нашиот последен диџеј микс.
Сè на сè, ова е плодна година за нас, доста наши траки го најдоа својот output. Работа, љубов и истражување сигурно ни следува, тоа ќе го видиме во следните креации на „БарумБарум“. 🙂