Борген: Моќ и слава
Данската политичка драма Борген има армија обожаватели ширум светот, а минатата година беше прогласена за 40-то најдобро телевизиско шоу на 21-от век. По изминати девет години, Борген се враќа со четврта сезона. Под новото име „Борген: Моќ и слава“, серијата започнува со новоименуваната министерка за надворешни работи Биргит Ниборг (Сидсе Бабет Кнудсен) која води жестока борба за моќ откако ќе се обзнани откривањето на нафта во Арктикот. Допирајќи ги климатските промени, модерниот политички свет и фактот дека апсолутната моќ апсолутно корумпира, Борген продолжува да го окупира тронот како една од најдобрите политички драми на сите времиња. Новата сезона на извонреден начин успева да ја задржи својата стара позиција вклучувајќи теми кои се релевантни за времето во кое живееме, како што се социјалните мрежи и тековите на светската полтика.
Ирма Веп
Во 1996 година, Оливие Асајас го направи „Ирма Веп“ – филм чие дејство е фокусирано на преработката на класичниот нем филм Les Vampires. Сега, Асајас го претвора својот филм во ТВ серија. Алиша Викандер ја игра Мира, разочарана американска филмска ѕвезда која оди во Франција да ја игра Ирма Веп, но за кратко време границите меѓу неа и нејзиниот лик почнуваат да се се бришат. Првите три епизоди од оваа серија беа премиерно прикажани во Кан, каде беше оквалификувана како „умешно изработена, на моменти дури и груба серија“. Оригиналниот филм на Асајас беше критика на француската филмска индустрија и се чини дека овој сериски римејк се труди да го ажурира тој негов тогашен став. Така, тој вели: „возбудлив момент е да се направи филм за филмот, а особено за враќањето на неговите корени“.
Старецот
Книгата на Томас Пери, „Старецот“ од 2017 година, беше означена како „возбудлив, ако не и беспрекорен трилер“, а сега следува и нејзината адаптација на екранот. Актерската екипа е предводена од легендата Џеф Бриџис кој ја игра улогата на Ден Чејс, поранешен агент на ЦИА со комплицирано минато кој е во бегство бидејќи е мета на атентатор. Џон Литгоу е Харолд Харпер, агент на ФБИ, кој исто така го лови Чејс. И така, потрагата по човекот и по вистината се соединуваат. Во серијата исто така може да ги видиме Ејми Бренеман (Shining Girls), Алија Шокат (Arrested Development) и Гбенга Акинагбе (The Wire). Инаку, снимањето на серијата беше прекинато Бриџис, се зарази со Ковид-19, паралелно лекувајќи се од рак. Тој изјави дека бил „прилично блиску до смртта“ за време на неговиот скоро петмесечен престој во болница, забележувајќи дека кога се вратил на снимањето на „Старецот“ и почнал да влегува во форма, сфатил дека се работи за навистина добра серија. Останува да видиме.
Само убиства во зградата
Оваа успешна серија се враќа со втора сезона. Централното трио детективи-аматери – поткастери повторно ќе се обедини за да реши уште едно убиство во нивниот станбен блок, Арконија. Овој пат, Чарлс (Стив Мартин), Оливер (Мартин Шорт) и Мејбел (Селена Гомез) ја истражуваат смртта на управничката на зградата Бани Фолгер, со таа разлика што тие се исто така главни осомничени за убиството. На актерската екипа ѝ се приклучува супермоделот Кара Делевињ, а во улогите можеме да ги видиме и Ширли Меклејн и Ејми Шумер.
Божјиот омилен идиот
Во овој откачен нов ситком, Кларк Томпсон се вљубува во својата колешка, Амили Лак, истовремено станувајќи божји гласник. Создадена од комичарот Бен Фалконе кој воедно и игра во неа, серијата ни ја претставува неговата сопруга Мелиса Мекарти како Амили, а ќе имаме шанса да ги видиме и четирите коњаници на Апокалипсата и еден цел куп хаотични моменти и библиска сатира. Една од оние серии чие откачено дејство сугерира дека треба да го очекувате неочекуваното.
Драган А.