Од Даница Ручигај па до денеска, македонската поезија не може да им се насити на новите и сè повозбудливи женски поетски гласови, кои со својот сензибилитет осветлуваат и освојуваат непознати простори. По еден мошне долг период на силен креативен (непечатен) изблик, но и тивко зреење во полусенката на нејзиниот очигледен талент, конечно ја имаме дебитантската поетска збирка „Прости песни“ на поетесата Александра Спасеска во издание на „ПНВ Публикации“, издавачката куќа што ревносно и успешно ги презентира најновите имиња на македонската поетска сцена. Книгата ќе биде промовирана во Промотивниот центар во рамките на Саемот на книгата 2023, денеска, 5 мај, од 19.00 часот, во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Инаку, освен како поетеса, Александра ја познаваме и како новинарка („Вест“ и „Кајгана“), модна блогерка (Александрина Везилка) и активистка. Сите нишки на нејзината личност ќе се обидеме барем малку да ги расплеткаме во овој наш разговор. 😊
Александра, не знам дали ќе се согласиш, но мислам дека на поезијата ѝ треба време за зреење. Обликувањето на еден зрел, стамен поетски глас, зависи од факторот време во форма на горчливи животни искуства, подеми, грешки, прошки, надминувања, ставање краеви и нови почетоци… Како почувствува дека токму сега е моментот да собереш сè во купчето живот наречено „Прости песни“?
Убаво го кажа ова „купче живот“. Бидејќи поезијата е живот. Била со мене секогаш кога сум сакала да искомуницирам со светот на начин што ќе биде само мој. Поезијата секогаш е подготвена. Секогаш е завршена. Секогаш е зрела. И доаѓа таква – спремна, на коњ, смела. Таа секогаш знае дека е сосема зрела за мене. Јас сум таа што требаше да созрее за да ја сподели со светот. Животот ме накалемил така да можам зрела да ја раѓам поезијата.
Поднасловот на книгата „на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе“ ме потсетува на нашата ефемерност, на животот што се состои од поврзување точки, кои на крајот се влеваат во една голема точка со сето она што нè издигнало и облагородило. На кого и на што помислуваш кога животот мисли на тебе?
Одамна не ѝ се плашам на смртта. Ја напишав мојата прва песна кога дознав што е војна, кога во Македонија стигнаа бегалците од Босна. Тоа сознание ме ужасна и воедно го запали во мене пламенот. Пламенот на желбата да кажам како се чувствувам. Да кажам што мислам. Да протестирам. Животот е премногу краток за да не го живееме автентично. И дефинитивно премногу краток за да го посветиме на погрешни луѓе и места.
Лесно можам да го видам прелевањето на специфичниот интерес за мода од колоритот на дезените и материјалите во оној шарениот и живописен поетски свет без видливи бои. Каде се пресекуваат тие два света за тебе? Дали модата уште ти разлетува пеперутки во стомакот?
Модата секогаш одново ме возбудува со нејзината противречна природа: и вечно променлива, и вечно иста. Во еден разговор, пред повеќе од 15 години, Радован Павловски ми рече, парафразирам: „Во младоста пишуваме со придавки, во староста со глаголи“. Градењето на модниот стил е дел од градењето на животниот стил. Како созрева тој, зрееме и ние. Ако во раната младост повеќе сум обрнувала внимание на естетскиот аспект на модата, постепено фокусот преминал на нејзиниот културолошки идентитет и влијание. А сега ја набљудувам и анализирам од гледиште на философија на живеење – нејзината одржливост и издржливост. Пеперутките се разлетуваат секојпат кога ќе најдам совршено несекојдневно парче во продавница за облека од втора рака или ќе видам млад дизајнер како создава мислејќи прво на одржливоста.
Твоите ставови јасно и гласно ги изразуваш за феминистичката платформа „Медуза“. Од досегашните искуства како активистка, имаме ли опипливи параметри дека позицијата на македонската жена видливо се менува кон подобро во однос на онаа од минатото?
Често велам дека не би живеела во ниту едно друго време наназад бидејќи во секое минато време жената имала помалку права, законски и хабитуално. Сум ја имала таа среќа да растам и да се формирам како личност опкружена со прекрасни женски енергии. Силни и нежни. Кротки и јарки. Тивки и громогласни. Секоја од нив се содржи во жената што сум јас денес. Мислам дека македонската жена со секоја нова генерација го калеми својот идентитет. И денес тој идентитет опфаќа многу повеќе различности. Различности што нè прават уникатни, кои нè прават посилни.
Бидејќи навлеговме во повеќе води, на крај повторно да ѝ се вратиме на поезијата. Можеш ли да ни ја дадеш твојата лична, интимна дефиниција за поезијата? Што е таа за тебе?
Дозволи ми да ти одговорам како што ѝ доликува на поезијата, и мало навестување за она што допрва ќе следува.
Животворна реко
грижно што ме поиш,
измиј ме пак од грдоста на светот
и подај го твојот образ чист
во него да се огледувам со сите мои грдости
за да се преродам во убавина.
Јосип Коцев
Фотографии: Ерина Богоева
Илустрација на корица: Марија Конеска