Агнес Варда
Агнес Варда несомнено се смета за пионер на францускиот Нов бран. Варда е првата жена што има добиено почесен Оскар, а Мартин Скорсезе ја нарекол „Бог на филмот“. Нејзиниот посебен стил му претходи на францускиот Нов бран и ја сместува во Rive Gauche (левиот брег) на ова движење поради нејзиниот експериментален стил и левичарската ориентација.
Варда имала за цел да снима филмови што имаат изразито женствен глас, кој „не е како маж“. Таа ги надминува вообичаените машки перспективи на филмското творештво прифаќајќи ја својата женственост и го опишува својот стил како „кинекритура“, користејќи ја камерата како пенкало за да пишува на филмот.
Инспирирана од делата на Вилијам Фокнер, Франц Кафка и Натали Саро и со огромен интерес за надреализмот, филмовите на Варда се социјални коментари за женските прашања, движењето за ослободувањето на жените, контракултурата од 60-тите, социјалниот реализам, маргинализацијата на сиромашните и други важни општествено-политички теми. Иако нејзините дела честопати биле сметани за феминистички, таа секогаш потенцирала дека не се стреми кон теоретско совршенство. Нејзината цел била да изгради препознатлив и неконвенционален не-машки глас и успева во тоа со воведување силни женски протагонисти, кои го канализираат својот женски кинематографски глас.
Нејзиното режисерско деби во филмот „La Pointe Courte“ од 1954 година беше продолжено со најистакнатиот филм во нејзината кариера „Клео од 5 до 7“ во 1962 година. Таа е позната по својот смел женски глас и небегањето од контроверзни теми, вклучително и по режирањето на документарен филм за Црните пантери додека живеела во Лос Анџелес со својот сопруг Жак Деми.
Џули Даш
Џули Даш е дел од новата генерација африкански и афроамерикански филмаџии, кои ги сочинуваа Црните бунтовници, предизвикувајќи ги постојните тропи и стереотипи во однос на црните жени во нејзините филмови. Пред да ги открие делата на афроамериканските авторки Алис Вокер и Тони Морисон, таа била првенствено концентрирана на снимање документарни филмови. Но, потоа сè ќе се промени – нивните дела ќе ја вродат желбата кај неа да режира наративни филмови.
Филмографијата на Даш го покажува нејзиниот гнев и незадоволство од портретирањето на црнечките стереотипи, особено оние за жените. Во нејзините филмови таа ни ја сервира суровата реалност, изложувајќи го системскиот расизам и угнетувањето што ја зафаќаат секоја сфера од животот, со фокус на Холивуд и современото американско општество. Таа не се воздржува од давање смели коментари за сексуалната дискриминација што им се дава на жените. Нејзиното најзначајно дело е филмот „Ќерки на прашината“ од 1991 година, во кој го истражува потеклото на татка си преку нелинеарна наративна структура. Таа им пркоси на очекувањата на публиката не вклучувајќи титлови за превод, па така јазичната бариера служи како мистично и извонредно искуство, а целокупната надреална поставеност на филмот ги освојува срцата на гледачите.
И покрај режисерската генијалност, Холивуд не ја примил Даш како што заслужува, што често ги разгневува фановите и критичарите. Во врска со тоа, таа ќе изјави: „ Нема одреден причина, но секако, тука се расата и полот. Полот игра огромна улога во сето ова. Јас не се вклопив во калапот“.
Кетрин Бигелоу
Кетрин Бигелоу е првата и единствената жена што е добитник на Оскар за најдобар режисер за нејзиниот филм „The Hurt Locker“, кој исто така го освои и Оскарот за најдобар филм во навистина тешка конкуренција („Avatar“ и „Inglorious Bastards“) на 63. доделување на наградите. Бигелоу направи голем успех со добро стилизираниот акционен трилер со Киану Ривс во 1991 година – „Point Blank“. Таа беше мета на сериозни критики кога нејзиниот филм „Чудни денови“, напишан од поранешниот сопруг Џејмс Камерон, доживеа комерцијален неуспех, но Бигелоу се одмазди години подоцна, совладувајќи го Камерон во трката за Оскар.
Бигелоу отсекогаш ги поместувала стереотипните поими за филмовите режирани од жени. Таа експериментира во правењето на своите филмови честопати понирајќи во жанрот ноар, а потоа осцилирајќи во жанрот за преиспитување на интимните односи. Таа заслужено го освои Оскарот за „The Hurt Locker“ каде што се занимаваше со воени прашања како и со проблемот на посттрауматските растројства. Таа е позната по тоа што користи висок степен на насилство во филмовите, па нејзиниот следен потфат „Zero Dark Thirty“, кој се занимаваше со атентатот врз Осама бин Ладен, беше критикуван дека пропагира тортура. Таа честопати се впушта во жанрот на натприродното и еротиката, предизвикувајќи ги стереотипите во врска со хомосексуалноста и илузијата за моќта на белата раса.
Таа е експериментална и смела и сака да оди до крајни граници во нејзините филмови. Бигелоу го потопува својот режисерски допир во мноштво жанрови, донесувајќи извонредни и филигрански изработени остварувања што ја направија да биде една од најсестраните филмски режисери во Холивуд.
Драган А.