На изложбата ќе бидат презентирани уметнички дела создадени без визуелни граници, со можност преку Брајовото писмо, лицата со оштетен вид да ја доживеат уметноста на поинаков, единствен и моќен начин. Со допирање на површината на платното, ќе се откријат зборови, цитати од македонската поезија, кои ќе ја направат конекцијата меѓу зборот и сликата, делото и замислата. Сликите се изработени во техника акрил на платно, а проектот е поддржан од Делегацијата на ЕУ во Скопје, како дел од програмата „Проект – ЕУ со тебе 2021“. Изложбата што беше повод да поразговараме со Ѓоргина, ќе можете да ја посетите до 17 јуни.
Како настана идејата за спој на сликарството, поезијата и Брајовото писмо?
Уметноста во галериите традиционално се создава за визуелно искуство, преку кое уметноста треба да предизвикува емоции и да стимулира дискусија. Бидејќи традиционалната ликовна уметност не е достапна за лицата со оштетен вид, се роди идејата да создадам уметност што ќе биде опиплива, а со тоа да ги охрабрам луѓето со оштетен вид да ја искусат уметноста на едно друго ниво. Со вградување на Брајовото писмо во традиционалната уметничка форма, создадените уметнички дела ќе бидат доживеани на едно сосема поинакво ниво и ќе им се овозможи на сите да ја доживеат истата слика на различен, но еднакво моќен начин.
Што те водеше при изборот на поезијата што ќе ја застапиш и нејзината фузија со твојата сликарска инспирација?
Уметничките дела што ќе бидат изложени, ги спојуваат сликарството и македонската поезија испишана со Брајовото писмо на самите дела, односно сликата е инспирирана од поезијата и обратно. Јас сум човек што ја сака поезијата. Направив избор од моите омилени македонски писатели, како великаните Петре М. Андреевски, Анте Поповски, но и некои од помладите писатели што оставаат своја трага во последно време како Јосип Коцев. Избрани се стихови што разбудија во мене визуелна идеја што ја преточив на платното.
Дали мислиш дека лицата со оштетен вид имаат доволно пристап до уметничкиот свет во нашата земја и што уште може да се сработи на овој план?
Преку реализација на овој проект, очекувам да се промени клишето дека визијата е суштинска за создавање или уживање во уметноста и да докажам дека луѓето без вид можат да имаат еднакво богато уметничко искуство. Сакам да презентирам уметност која е инклузивна. Очекуваниот исход е вклучување на оваа целна група во процесот на доживување уметност преку тактилни начини со замена на сетилото за вид со сетилото за допир. Имав можност преку проектот одблиску да се запознаам со предизвиците со кои се соочуваат луѓето со оштетен вид. Освен вакви проекти со кои ќе се стимулира инклузијата, нашето општество има уште многу работа за подобрување на квалитетот на оваа група во општеството, каде што секако влегува и поголема достапност на уметноста. Се надевам дека ќе бидам инспирација да ги мотивирам другите уметници да создаваат некаков вид инклузивна уметност.
Што беше најпредизвикувачко во подготовката на делата во оваа изложба?
Како проект, делот поврзан со сликање беше нешто што ми е познато и се чувствував своја на своето. Фактот дека треба да се испишат стиховите со Брајово писмо беше голем предизвик за мене. Прво беше предизвик да се научи азбуката, а дополнително беше предизвик и техниката на изработката. Исходот од целосната реализација, даде совршени резултати.
Кои се следните планови, на што ќе работиш по изложбата „Допирот има меморија“?
Да оставиме простор за следно интервју 😊
Драган А.