Спајк Ли е претседател на жирито
Потврден како претседател на жирито, Спајк Ли ќе биде на југот на Франција годинава, по пропаднатото претседавање минатата година. Toj доби Гран при за филмот „BlacKkKlansman“ во 2018 година. Претседателот на фестивалот Пјер Лескур вели дека и во моментите на неизвесност, тој им давал голема поддршка и дека не можеле да посакаат постабилна и помоќна личност од него во изминатиот тежок период. Американскиот режисер ќе биде задолжен за доделување на Златната палма за наследникот на „Паразит“, заедно со уште неколку големи имиња на светскиот филм. Инаку, овогодишното жири е мошне разнолико со оглед на тоа дека вклучува членови од седум држави, од Бразил до Јужна Кореја.
Џоди Фостер се враќа со награда, 45 години по првиот Кан со „Таксист“
Специјален гостин на церемонијата по повод отворањето, ќе биде актерката и режисерка Џоди Фостер. Таа ќе ја добие почесната Палма. Според претседателот на Канскиот фестивал, Џоди Фостер е олицетворение на модерноста, блескавата интелигенција, независност и потребата за слобода. Таа ќе се врати 45 години по нејзиното откривање на Кан, на 13-годишна возраст со улогата во „Таксист“, кој ја понесе Златната палма во 1976 година.
Строги здравствени протоколи
Oва 74-то издание е исклучително по својата здравствена рамка, што ќе им наметне строг протокол на посетителите на фестивалот, во согласност со одредбите на француската влада. Пристапот на фестивалот е условен со приложување важечки здравствен пасош.
Биолошкиот центар, лоциран во близина на Палатата на фестивалите, ќе биде отворен 7 дена во неделата и ќе понуди бесплатни тестови за француски и за странски учесници, со закажување. Деталниот здравствен протокол е објавен и на официјалната веб-страница на фестивалот.
Акцент на екологијата
Ова издание ќе го означи и силната фестивалска заложба за екологијата, со радикално различен начин на продуцирање на настан од меѓународни размери и со силна димензија за заштита на животната средина, која ќе му додаде уметничка и економска вредност на целото случување. Ваквиот пристап ќе се фокусира на намалување на отпадот што го произведува фестивалот, како и јаглеродните емисии, рециклирање… Дури и материјалот на црвениот тепих ќе биде намален.
Дури 60 отсто од официјалните фестивалски возила ќе бидат електрични или хибридни, печатењето на хартија ќе се намали за 50 отсто, целосно се отстрануваат пластичните шишиња за вода итн.
Силна конкуренција за Златната палма
Последната Златна палма за најдобар филм му беше доделена на Бонг Џун Хо за „Паразит“ во 2019 година. Овој филм потоа го понесе и Оскарот и така стана првиот филм што ги добил и двете филмски награди по филмот „Марти“ во 1955 година.
Осум од годинашниве филмови во главната конкуренција доаѓаат од режисери што веќе имаат добиено кански признанија, иако еден од нив има добиено само награда како актер. Исто така, филмовите на осум режисери годинава за првпат имаат свое прикажување на фестивалот. Мора да се забележи дека фестивалот има импресивен број филмови режирани од жени, но само четири од нив ќе се борат за награда. Ова е целосната листа од 24 филма:
„Annette“ – Leos Carax, Франција
„The French Dispatch“ – Wes Anderson, САД
„Benedetta“ – Paul Verhoeven, Холандија
„A Hero“ – Asghar Farhadi, Иран
„Tout s’est Bien Passé“ – Francois Ozon, Франција
„Tre Piani“ – Nanni Moretti, Италија
„Titane“ – Julia Ducournau, Франција
„Red Rocket“ – Sean Baker, САД
„Petrov’s Flu“ – Kirill Serebrennikov, Русија
„Par un Demi-Clair Matin“ – Bruno Dumont, Франција
„Nitram“ – Justin Kurzel, Австралија
„Memoria“ – Apichatpong Weerasethakul, Тајланд
„Lingui“ – Mahamat-Saleh Haroun, Чад
„Les Olympiades“ – Jacques Audiard, Франција
„Les Intranquilles“ – Joachim Lafosse, Белгија
„La Fracture“ – Catherine Corsini, Франција
„The Worst Person in the World“ – Joachim Trier, Норвешка
„Compartment No 6“ – Juho Kuosmanen, Финска
„Casablanca Beats“ – Nabil Ayouch, Франција – Мароко
„Ahed’s Knee“ – Nadav Lapid, Израел
„Drive My Car“ – Ryusuke Hamaguchi, Јапонија
„Bergman Island“ – Mia Hansen-Love, Франција
„The Story of My Wife“ – Ildiko Enyedi, Унгарија
„Flag Day“ – Sean Penn, САД
Добитникот ќе биде објавен на 17 јули.
Драган А.