Избравме пет од нејзините одлични илустрации и разговаравме со авторката за да дознаеме каква приказна се крие зад секоја од нив. Иако не сака многу да зборува, богатиот свет што ни го открива со приказните кажува дека сака многу да размислува 🙂
Meet Pearl
Инспирацијата зад ова дело беше целата фама што настана за шнолите со бисери, кои можеа да се забележат на секоја втора девојка на улица или на Инстаграм. Нема да ве лажам, и јас потпаднав под нивно влијание. Случајност беше кога пред мене излезе добро познатиот портрет на Вернер – Девојката со бисерна обетка. Иако досега е мистерија која била таа девојка, во неа се препознав себеси, а и многу други што ги носеа тие шноли. Вернер ако живееше во 21 век – си реков – тоа беше она што ме натера да креирам илустрација, во која сакав да ја задржам есенцијата на оригиналното дело, но со модерен твист.
Truman Show
Како дете бев опседната со Џим Кери и религиозно ги гледав неговите филмови, но по некоја случајност сум го испуштила „Тhe Truman Show“. Години подоцна, за моја среќа, конечно ја добив таа шанса и не можев да поверувам на моќта што ја носи овој филм. Не сум љубител на спојлери, па ќе кажам само дека отвора очи околу тоа колку сме себични како човечки род. Секогаш бегаме од нашите проблеми, сѐ додека не удриме во ѕид. Си помислив дека последната сцена од филмот е добра метафора, во која се илустрира нашата реалност – светот во кој живееме умира, а ние постојано го загадуваме, но за нас не постои излез.
Rain on me
Оваа илустрација е една од моите омилени, не сакајќи излезе автопортрет, а тоа воопшто не беше намерата. Искрено, тој ден депресијата наврати до дома, а времето не помогна, надвор истураше. Најдов некоја удобност помеѓу темните облаци, се среќаваа едни со други како да не се имаа видено долго време. Сакав дел од тоа. Не можев да најдам добра референца, па се сликав себеси. Кој би знаел дека тажните работи носат толку радост.
Speak from your Heart
Сакав да го вклучам ова дело затоа што, ако ги прегледате моите други илустрации, во поголемиот дел од нив ќе забележите дека жената е главниот субјект. Тоа е затоа што жените ги познавам најдобро, a не дека дискриминирам. Инспирацијата зад ова дело е стигмата со која секојдневно се среќаваат мажите и колку многу од нив сѐ уште се обележани како „слаби“ ако ги искажат своите чувства. Toxic masculinity is real. Speak from your heart.
What goes around comes around
Ако сте помеѓу генерацијата Z или милениумци, постои голема шанса дека првин сте го исмевале ТикТок, а сега ви е guilty pleasure, но тој ден се исплати бидејќи налетав на една девојка, која зборуваше дека пеперутките што ги чувствуваме во стомакот кон некого се романтизирана анксиозност и би требало да се чувствуваме смирено и удобно кон некој што ни значи. Па, затоа јас се одлучив да ги пратам моите пеперутки таму каде што припаѓаат – на слобода.