Подготвувајќи се за разговоров, на интернет најдов само едно интервју со тебе и тоа од 2014 година, по повод твоето претставување во КИЦ во Софија. Ми се наметна прашањето, не сакаат да ги чујат уметниците или самата свесно ги одбегнуваш интервјуата?
Ме замисли и ме натера да пробуричкам во печатените зачувани списанија и да проверам дали навистина сум немарна или свесно одбегнувам интервјуа, но заклучокот е дека не е така. Најчесто во пишаните медиуми само се презема информацијата што ја споделува галеријата организатор на изложбата, сметајќи дека со толку штура информација е покриена рубриката за културни настани, но, сепак, на мое задоволство и чест, постојат неколку новинари, кои упорно и совесно го третираат интервјуто со авторите, како нивно претставување пред публиката, поинакво отколку што говорат самите слики и со нив секогаш е задоволство да се разговара. Одлично смислени и подготвени прашања будат во мене друга форма да се доречам и да се самообјаснам.
Порано се ценеше мислата на уметникот, тие беа критичари на стварноста и крикот на јавноста. Исчезна ли таа уметничка јавна бунтовност?
Сигурно некаде во секој автор тлее, созрева, ферментира. Сепак, секој одбира на каков начин ќе е сведок, уметнички записничар, но неминовно ние создаваме и сега, во ова време-невреме, свесно или несвесно бележиме. Само силно изразени творечки величини ги носат промените. Тука се и кураторите, историчарите, секој со свој афинитет кон одредена група автори.
Твојата последна изложба е „Без наслов“. Дали има повод? Што содржи, кои циклуси, период на творење?
Нема посебен повод освен дека се насобраа нови потпишани слики што ќе излезат од дома и ќе заживеат меѓу публиката, каде што сега им е местото. Изложбава е само континуитет што сакам да го покажам со мојата ликовна мисла. Не е пресек или циклус, содржи 19 дела создадени во последниве 3-4 години, продолжувајќи ја потрагата по нови решенија, темпо, колорит, идеи, заклучоци.
Во најавата за изложбата, д-р Васко Шутаров ќе напише дека твојата уметност е со многу „И“ – искрена, импулсивна, истрајна, исклучителна, изненадувачка, импресивна. Ја владееш играта како дете, но и со строгост на учител. Кој е учителот?
Зар постои поголем учител и критичар од сам себе?
Како човек, зрачиш со радост, неуморност, креативност. Од каде ја црпиш таа енергија?
Не постои шаблон како се постигнува тоа, но свесна сум дека многу ми помага постојаното трагање по нови вредности, трка со времето, сѐ уште не знам каде сум и колку успевам да го пронајдам вистинскиот начин и баланс, а тоа е и вистинската борба, нели?
Што претставува за тебе сликарството – бегство, порив, осамување, задоволство во мигот?
Сликарството е мислата што ме води, но начинот на изразување настојувам да биде универзален, имагинативен и без компромис. Можеби порив, бегство и осамување што, всушност, е и најбитниот фактор во творештвото.
Во какви услови денес се твори? Каде работиш, каде ги чуваш делата? Дали немањето ателје ги ограничува сликарите? Колку ДЛУМ се занимава со проблемите на своите членови?
Не знам за останатите автори, освен за неколкумина кои имаат ателјеа, а со самото тоа порелаксиран пристап и интима во работата. Цел живот мечтаев да имам свое ателје, па ателје е целиот мој стан, тука создавам, тука живеам и ги чувам делата. За ДЛУМ не би знаела да одговорам, тоа ќе треба некој од таму да прашаш.
Колку социјалните медиуми го олеснија претставувањето пред публиката, каков ти е фидбекот од нив?
Социјалните медиуми се олеснителната алатка, која овозможува брз контакт, соработка и проширување на публиката, а тоа е и целта.
Што те прави среќна?
Хм, ме прават среќна твоиве прашања, што кога ги видов, ми заличеа на задолжителната лектира – Војна и мир.
Дали те вознемирува новото ненормално и како се снаоѓаш?
Зар може некој да остане рамнодушен? Сакам да сум со најблиските, тука спаѓаат роднини, пријатели, колку-толку позитивни и се туркаме еден со друг.
Колку општеството ти излезе во пресрет? Ти си самохрана мајка, работиш како просветен работник. Живееме онлајн живот, кој бара многу голема семејна организација и финансии за кои како никој да не сака да зборува…
Самохрана мајка не станав случајно. Тоа беше личен избор со сите премрежја, свесна за општеството во кое живеам и за етикетата што гордо си ја носам, без да очекувам ништо и од никого. Општеството не нѐ третира како привилегирани туку само како бележани. А како ликовен педагог со долгогодишно искуство, немам сретнато даскал по ликовно што не си ја знае и извршува должноста, овој предмет е креативен и исклучително битен бидејќи нуди безброј можности за изразување на детската фантазија.
До кога ќе бидеме неми набљудувачи на неправдите околу нас и ќе реагираме само со уметност?
Секој со своето оружје се бори.
Како да се ослободиме од стравот што ни го наметнуваат? Како стоиш со дистанцата?
Очигледно веќе сме навикнати, без да го знаеме сопствениот лимит, до каде можеме? Нема стоење со дистанца, само го менуваш стилот на „пливање“, од грбно во делфин.
Роварејќи по твојот фејсбук-профил, налетав на информација дека си работела со Дар Мар на анимиран филм во 1996 година. Какви се твоите сеќавања, искуства и можеш ли да направиш споредба на творечките времиња?
Тоа е најкреативниот период и беше чест да се работи со Дарко и Дитка. Многу месеци работа на стариот начин на изработка анимиран филм, рачно цртање, пренесување на фолија, боење. Беа потребни повеќе од 150 илјади цртежи и фолии. Прекрасна атмосфера, тимска работа, смеа и креативност. Филмот се викаше „Коцката е фрлена“, траеше 10 минути и за наша среќа наредната година се отвори Фестивалот „Манаки“ токму со овој филм. За жал, сѐ уште нема никаков интерес да се постават јавно филмовите на Дарко, но задоволството и искуството се немерливи.
Соработуваш со поети, илустрирајќи нивни книги, учествуваш во хуманитарни акции, подаруваш дела на разни институции, последно на ЗОО. Колку си задоволна од учеството на уметниците во јавниот живот? Ве канат или сами ги потсетувате дека постоите?
Да знаев да пишувам како поетите со кои соработувам, воопшто немаше да се мачам со платнава, но често си ги читаме мислите, изговорени секој на својот јазик. Преку делата се препознаваме и се раѓаат нови возбудливи соработки. Желбата да подарам дела на ЗОО беше моја идеја. Мали ми се децата и таму ни е едно од убавите прибежишта. Сликајќи еден период, повеќе како вежба за техника, се родија неколку дела инспирирани од птици што сѐ уште ги нема во нашата ЗОО. Знаев за едукативниот центар што го подготвуваа и едноставно сликите сами си го најдоа патот до таму.
Инаку, за вториот дел од прашањето, очигледно е дека се учествува во јавниот живот. Последниов период се родија многу мурали. Иницијативи секогаш има, за среќа.
Колку што следам, редовно одиш на колонија во Подградец, Албанија. Годинава беше поканета да сликаш пред публика.
Годинава, покрај колонијата, се случи и еден интересен настан. Бев поканета да се претставам на еден поинаков начин на презентација. Тоа е перформанс или сликање пред публика, едноставно се соголуваш и се обидуваш во едно магично шоу, во лимитирано време, на голем формат и да го претставиш процесот на создавање дело. Не е воопшто лесно пред очите на јавноста да се презентираш, но имав искуството од 2011 година, кога сликав на 10-метарско платно на настанот „Види музика, слушни слика, добиј книга“. Таму и се роди идејата за соработка со Saimir Ahmeti, музиколог, организатор на театарски претстави и ликовни колонии, кој откри нов начин на презентација, почнувајќи од Фиер, град во Албанија, каде што веќе двапати се претставив на ваков начин и годинава во Подградец.
После Прилеп, кога ќе ги видиме делата во Скопје?
Ќе видиме, можеби повторно вон галерија. МКЦ ресторанот се покажа како идеално место, со траење на изложба три месеци 🙂
Колку ти се оствари сонот, дали вака си го замислуваше животот на еден сликар додека студираше?
Кој рече дека ми е остварен сонот? Па што би сонувала понатаму?
Илинка Делчева