PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Зошто ги сакаме филмовите на Ксавиер Долан

popup by popup
март 28, 2019
in Филм
0
399
СПОДЕЛУВАЊА
2.3k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Премлад е за да го ставиме во серијата текстови за култните „режисеришта“. Но сите факти досега зборуваат дека се движи во добра насока да стигне таму. На само 19 години, канадскиот режисер од Квебек, Ксавиер Долан, го сними филмот кој засега останува негов творечки потпис – „Ја убив мајка ми“ (J’ai tué ma mère) и ја воодушеви филмската критика. Во 2014, ја подели престижната награда на жирито на Канскиот филмски фестивал со Жан Лук Годар, за филмот „Mommy“, а веќе во 2016 година освои Гран При за „Само е крајот на светот“ (Juste la fin du monde) . Критичарите често се наоѓаат на самиот раб да ја карактеризираат неговата режисерска персона како на wunderkind или на enfant terrible. За нас Ксавиер Долан е и едното и другото, и токму затоа ги сакаме (и препорачуваме) неговите филмови. Ова се нашите три причини за тоа:

1. Ликовите кои нè вовлекуваат во своите психолошки бездни

Филмските ликови на Долан со себе носат изобилство на скршени животи и емоционални фрактури. Истражувајќи ги длабоко нарушените човечки односи и врски, овој режисер често нè седнува на непријатното гостинско место во дневната соба среде лута семејна расправија. Така, во „Само е крајот на светот“, главниот лик Луј кој е исправен пред смртта поради неизлечива болест, доаѓа во своето мало гратче да им ја соопшти ужасната вест на најблиските. Филмот – носител на канската Гран При, чиј кастинг го обединува она што слободно може да се нарече crème de la crème на француското актерство (Натали Баје, Винсент Касел, Марион Котијар, Леа Сејду, Гаспар Улие), ги истражува хомофобијата, мрачните паралели на недостигот на родителската наклонетост и анимозитетот меѓу децата кој се јавува како резултат на тоа.

Во истата позиција Долан го става гледачот и во веројатно најпрепознатливото дело – психолошката лектира „Ја убив мајка ми“, јасно покажувајќи му ги крајните граници до кои може да се раслои односот меѓу мајка и син.


2. Музичкото шаренило како лична компилација од емоции

Некаде прочитав дека Ксавиер Долан е режисер и сценарист што може да го исцеди секој килоџул од неколку стихови и рефрени. Да, филмовите на Долан се секогаш музички живописни и разнообразни. Дури слободно може да се каже дека ритамот на музиката ја води монтажата во секоја поединечна транзиција како да се работи за некаква лична карта или компилација од емоции претворена во слики. Особено впечатлив и карактеристичен е импортот на поп музиката.

Во „Mommy“ имате сцена во која главните ликови играат на песната „On ne change pas“ од Селин Дион, а потоа се слуша и „Wonderwall“ на Оasis за да премине на „Born to die“ од Лана дел Реј на крајот. Како тоа да не е доволно, во меѓувреме ќе ја слушнете и „Experience“ на Лудовико Еинауди. Во „Том на фармата“, Гијом и Франсис играат френетично танго на Santa Maria од Gotan Project.

Доста впечатлива е и сцената кога наставникот Лоренс (во „Лоренс, секако“) роден како маж кој сака јавно да ја искаже својата желба да стане жена, првпат зачекорува во училиштето облечен во здолниште, на музичката заднина „Moisture“ од Headman. Импресивно 😊

3. Визуелното експериментирање

Во „Mommy“ ќе сретнете квадрат-слика или aspect ratio 1:1 која во многу кратки секвенци се шири за да ги прикаже ретките моменти на ослободување на ликовите и излегувањето од психолошкиот затвор што Долан сака да го прикаже. Фотографијата игра со изразена жолта спротивставена на темносина и зелена палета на бои. Во „Само е крајот на светот“ евидентна е честата употреба на крупни кадри и просторната ограниченост за да се истакне анксиозноста и тензичната атмосфера меѓу ликовите.

Во „Том на фармата“ среќаваме претерана стилизација, жолто-зелена палета за внатрешните и надворешни сцени, како и богати контрасти. Можеби најзапаметена сцена е онаа од „Ја убив мајка ми“ кога низ забавени и забрзани движења, Убер и Антонин ги распрскуваат боите, искажувајќи безгрижен љубовен занес на луѓе кои живеат само за моментот – без разлика дали тој е филмски или не.

 

Previous Post

Вака е на Thursday Shake во Епицентар (галерија)

Next Post

Vatra во Епицентар на 1 април!

Next Post

Vatra во Епицентар на 1 април!

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum