Cyanogifts е мал тим на луѓе со огромна страст за аналогна фотографија. Тие заедно практикуваат неколку различни техники на аналогна фотографија, меѓу кои е и цијанотипијата. Оваа техника ја научиле на работилниците и курсевите на Сашо Алушевски, еден од пионерите на алтернативен пристап во фотографијата во Македонија и член на тимот на Cyanogifts, заедно со Викторија Мачковска и Кети Талевска.
„Нудиме производи кои се користат во секојдневниот живот како што се tote торби, бележници за книги, столни лаби и ранчиња. Сите производи се изработени од природни материјали. Нарачка се прави преку порака на нашите Инстаграм или Фејсбук профили. Исто така, нашите производи можете да ги најдете во одредени продавници каде што се продаваат рачни изработки како што се „Platform 0.10“ во Скопје и „SOLAK GALLERY AND CONCEPT STORE“ во Битола,“ велат тие за PopUp.
„Сакавме нашата љубов и страст за цијанотипија да ја претвориме во нешто практично и да ја испратиме пораката дека секодјевните предмети, како што се торбите, на пример, можат да бидат прекрасни и да имаат емотивна вредност за корисникот,“ кажа тимот на Cyanogifts во интервју за Alternative photography.
„За нас овој процес (на изработка на овие предмети) е многу забавен. Ние си играме и таа умствена состојба спонтано ја крева нашата креативност на друго ниво. Најголемиот дел од времето замислуваме што би сакале да направиме или се прашуваме како нешто би изгледало. Експериментираме и соработуваме, охрабрувајќи се меѓусебно кога сакаме да направиме нешто „лудо“. Секогаш е љубопитност, игра, подготвеност на грешки или целосен неуспех, што не е реткост. Функционираме поради поддршката која си ја даваме и страста која ја делиме. Мораме да кажеме дека имаме многу повеќе дизајни и дека сме мрзливи во подготвувањето на фотографиите, а често и несигурни во објавувањето бидејќи не сакаме да се наметнуваме,“ објаснуваат тие.
Можеби имате некој вљубеник во природата околу себе кој би бил среќен да добие ваков подарок во оваа празнична сезона?