да се биде човек е драматично
Чисто за разонода, пред огледалото во ходникот,
го пробува својот среќен свечен фустан
и по којзнае кој пат ми раскажува за музичката матура,
за професорката Мадам Ничота која ставала кајсија на лицето
и не била за фамилија
и како ја пофалила кога ги заборавила нотите и продолжила да свири.
Материјалот на риги
сино, бордо, бело
ѝ го крие искривеното тело.
Некаде среде поле олеандри близу јужната граница
лежат кармините и купачите на внука ѝ
која пробува да се состави во соба во непозната болница.
Телото може да се скрши во еден ден.
Бог знае зошто се облеков, кога да шетам гола
или едноставно да се убијам, па да продолжам со денот ми звучи попријатно.
Знаеш, да се биде човек е драматично,
невротично вели докторот. Умно кимам
и глумам дека ги држам сите конци, сепак,
би сакала уште шанси во ова нешто што го викаме живот.
А во мене живее мрачниот селски пат
и бујните маслинови дрвја, само право па десно
до крило психијатрија
ова е хорор-филм!
но факт е, не знам каде сум, ниту како се викам,
а мојот нежен човек кој ме држи за рака
сака да ме убие и скрие во маслинов лист.
Докторе, сте посакале ли некогаш да шетате
гол и постои ли апче
сино, бордо, бело
што ќе ги стиши август и паничново тело?
гозба
Се собравме околу кружна дрвена маса
меланхолија, сув хумор, гозба.
Земи јаболче!
Ставам плодови во дланките на моите луѓе
како што некој одамна ги полнеше моите.
Колку нежна и тажна ноќ.
Во моите сништа, моите луѓе
се слободни и сити,
и раните по носните канали се само светкави сеќавања
од животот во градот во облаци, заедно со ситните бројчиња
на единствените писма што пристигнуваат во нашите ’рѓосани поштенски сандачиња.
Лежиме на меки, цветни килими,
пеперутки лазат по нашите задоволни тела.
Колку нежна и тажна ноќ.
Небото е меко како зрело пријателство.
Земи јаболче!
Ставам плодови во дланките на моите луѓе
како што некој одамна ги полнеше моите.
Да трчаме по Брегалница?
Уште малку ехо.
Уште малку восклик.
Уште малку допир.
До следниот брег.
До следниот ден.
Кој ќе се разбуди, ќе раскаже.