Секојдневно притискаме копчиња – на машините за кафе, на далечинските управувачи, лајковите на социјалните мрежи. Рејчел Плотник, професорка по филм и медиумски студии од Универзитетот во Индијана, повеќе од седум години се обидувала да разбере од каде дошло копчето, зошто луѓето го мразат или, пак, го сакаат. Во нејзината последна книга, Рејчел дошла до пет главни заклучоци околу копчињата и културата на нивно притискање во животот на модерниот човек.
Не е лесно да се користат копчиња
Во доцниот 19 век, „Eastman Kodak Company“ започнува да го продава „притискањето копчиња“ како полесен начин за фотографирање. Слоганот на компанијата „Вие го стискате копчето, а ние го правиме останатото“ треба да сугерира дека користењето на новите технолошки направи само по себе не би требало да е тешко. Оваа адвертајзинг кампања го иницираше впуштањето на јавноста во аматерското фотографирање – хоби што денес ни е најпознато преку селфи-фотографиите. Сепак, во повеќе контексти, и во минатото и во сегашноста – не е лесно да се користат копчиња. Сте стоеле ли некогаш во лифт притискајќи го копчето одново и одново, надевајќи се и прашувајќи се дали вратата некогаш ќе се затвори. Сега, помислете колку комплексни се целите табли со копчиња што ги користат пилотите и диџеите. Речиси еден век луѓето се жалат дека копчињата не се лесни за користење, и како и секоја друга технологија, повеќето копчиња бараат обука за да сфатите како да ги користите.
Копчињата го стимулираат консумеризмот
На почетокот, копчињата се појавија на машините за храна, нешто слично на ѕвончето со кое богатите ја повикувале својата послуга. Во 20 век, производителите на продукти со притискање копчиња се труделе да ги убедат клиентите дека секоја нивна желба може да биде остварена со едно притискање. Притискањето копче до денес останува доминантна форма на консумирање: луѓето притискаат копче за чоколатца, за стриминг на филмови или возење со Убер. „Dash“ копчето на Амазон го носи задоволството на притискање до крајни граници. Навистина неодолива е потребата за поставување копчиња низ домот, преку кои ќе може да се реорганизира тоалетната хартија, да се подредат алиштата и детергентите со еден стисок. Но оваа погодност доаѓа со цена: Германија неодамна ги забрани „Dash“ копчињата бидејќи тие не им дозволуваат на клиентите да знаат колку ќе платат кога ќе нарачаат.
Притискачите на копчиња се сметаат за насилни
Истражувањата покажале дека луѓето често се грижат околу тоа копчињата да не дојдат до погрешни раце и да се злоупотребат. Децата, на пример, би ги притиснале сите копчиња што им се на дофат, па и оние што не им се. Децата од доцниот 19-ти и раниот 20 век биле исти. Луѓето често се жалеле на притискањето на автомобилските сирени, ѕвонењето на ѕвончињата на влезните врати и злоупотребата на други копчиња поради забавувањето при нивното притискање. И возрасните се соочувале со критики за начинот на кој ги притискале копчињата. Во минатото, менаџерите биле критикувани бидејќи користеле ѕвончиња на притискање за да ги повикуваат вработените, како да се нивни слуги. Пример за тоа е и Мат Лауер, кој се соочил со жестоки критики во јавноста бидејќи користел копчиња за да го контролира доаѓањето и заминувањето на својот персонал, злоупотребувајќи ја својата позиција на моќ.
Некои застрашувачки копчиња всушност не постојат
Во доцните 1800-ти, еден од најголемите стравови поврзани со копчињата го вклучувал военото оружје: Стравот дека со едно копче може да се разнесе целиот свет! Овој страв се провлекува и во времето на Студената војна па сè досега, а може да се види и во филмот „Dr. Strangelove“. Иако такво копче не постои, сепак е силен потсетник за тоа дека општеството го смета притискањето копчиња за нагло и со несогледливи последици. Овој концепт исто така се користи и во геополитиката. Во 2018 година Доналд Трамп му се фалеше на Твитер на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун дека „и тој има нуклеарно копче, само што е поголемо и помоќно, и функционира!“
Не се променило многу за повеќе од еден век
Постојано се појавуваат дилеми околу прашањето дали копчињата го олеснуваат или го отежнуваат животот. Има и такви размислувања според кои копчињата ја зголемуваат комплексноста, но и покрај тоа копчињата се тврдоглаво присутни во нашиот живот, како нераздвоен дел од дизајните и интерактивноста на паметните телефони, компјутерите, командните табли на автомобилите, џојстиковите на видеоигрите. Како да ѝ ставиме крај на оваа дискусија? Па, можеме да започнеме да ѝ обрнуваме внимание на динамиката и етиката на притискањето копчиња во секојдневието. Ако луѓето одблизу се позанимаваат со тоа кој го притиска копчето, а кој не, во каков контекст, под кои услови и во чија полза, тогаш можеби ќе почнат да ја сфаќаат комплексноста и важноста на копчињата во современиот живот.