Гледајќи го „Рим“ (Roma) на Алфонсо Куарон, не можев да не размислувам за детството како неистражена територија во која сме престојувале толку кратко, а чии пространства ги откриваме во поголемиот дел од нашето постоење на светов. Некаде прочитав дека на детето не треба да му даваме детство од кое потоа ќе се лекува целиот живот, но прашањето што ми се наметнува е: Нели е детството токму таа животна облога што е потребна за лекување на староста, и затоа мотивите со навраќањето на тој период, се толку чести во уметноста, без разлика на тоа колку се болни? „Рим“ е токму такво парче уметност. Филмот го носи насловот по населбата во Мексико Сити во која пораснал Куарон и со хируршка прецизност ги доловува интимните детали од животот на едно мексиканско семејство во главниот град, нивната домашна помошничка Клео (Јалица Апарицио), сето тоа испресечено и испомешано со историските случувања во седумдесеттите години на минатиот век. За да го направи „Рим“, Куарон ѕирнал во минатото низ призмата на сегашноста и го искористил своето објективно искуство и разбирањето на светот од денешен агол, како возрасен. Токму затоа и се одлучил за голем формат со црно-бела дигитална фотографија.
Куарон изјавил дека чувствува длабока вина за социјалната, класната и расна динамика од периодот на детството, бидејќи живеел во заштитен меур како бело мексиканско дете од средната класа, кое немало развиена свесност за тогашните општествени проблеми. Клео е олицетворение на домашната помошничка Либо, домородна Мексиканка што живеела во домот на Куарон од неговата деветмесечна возраст и одиграла клучна улога во неговото воспитување и неговата животна определба кон филмот. Клео трча низ животот со мајчинска посветеност на домот и децата на семејството во коешто работи, од една страна, и со наивната љубопитност на тинејџерка во слободното време, од друга страна. Распаѓањето на заедништвото во домот во кој работи, и распаѓањето на нејзината тинејџерска наивност, се чини, одат симултано, рака под рака. Клео останува бремена, а бракот на Софија (Марина де Тавира) и Антонио (Фернандо Гредиага) е пред амбис.
Заглушувачко е двојното отсуството на татковската фигура во филмот, чие дејство е растегнато како пружина во рацете на силни жени што непоколебливо стојат зад своето семејство во најтешките моменти на безизлезност. Не велам дека филмот во целост претставува тестамент за машкиот кукавичлук, но сцената во која Клео оди да го најде таткото на своето неродено дете на полигонот за вежби, и начинот на кој тој ја отфрла од својот живот, ми остави измешано чувство на гротескност и горчина. Во светлината на настаните што кулминираат со познатиот масакр Корпус Кристи, таа го губи своето бебе, а семејството на Софија сосема извесно ја губи фигурата на татко и сопружник.
Има некоја човечка припитоменост во актерскиот перформанс на Јалица Апарицио, нешто што ѝ дава реална, хумана димензија на нејзината глума во овој филм. Би рекол дека имав чувство како таа да ги впила колективните неприлики и историскиот хендикеп на една цела заедница или еден цел народ, како да ги разбрала премолчено и сега доаѓа да ни ги раскаже со суптилен актерски маниризам. А многу е убаво кога актерот ја носи приказната во себе и успева да ја пренесе без некој особен напор. Во моќната сцена од плажата, кога Клео ги спасува децата од сигурна смрт во водата, таа се соочува со љубовта што не успева да му ја пренесе на своето мртвороденче, наспроти онаа што им ја пружа на децата во домот каде што работи.
И ми се чини дека во тој сплет на настаните, се крие суштинската порака на филмот чиe jадро се наоѓа длабоко во вистинското детство на Куарон. Тој му се навраќа за да се сретне со вистинските размери на трагедијата и на апсурдот на љубовта која нема обврска да постои, а сепак во обилност се раздава таму каде што не мора. Сосема заслужено, филмот е носител на Златниот лав на Венецискиот фестивал, а доби дури десет номинации за претстојното доделување на Оскарите, меѓу кои и номинација за Јалица Апарицио во категоријата за главна женска улога. Преку овој искрен поглед во сопственото детство, Куарон нè потсетува на тоа од каде започнуваат да се извишуваат нашите стебла, дека коренот од детството нè држи исправено или искривено, бидејќи сè започнува од начинот на кој бил засаден во земјата.
Comments 1